ДЕНЕСКА Е ДЕНОТ „Д“ ЗА „РЕПЛЕК“ - се случува сплит на акциите, ќе „загризат“ ли уште повеќе инвеститори
Објавено во: Економија 12 Јули, 2024
Денеска е денот „Д“ за една од поуспешните фармацевтски компании во земјава „Реплек“. Во текот на денешниот ден е предвидено да се изврши веќе најавениот таканаречен сплит, односно поделба на обичните акции на ова акционерско друштво.
Компанијата за поделбата веќе ја извести јавноста пред извесен период, откако во април годинава беше донесена ваквата одлука. Уписот на поделбата на акциите во Централен депозитар на хартии од вредност ќе биде заведен денеска, и од тие причини во текот на денешниот ден ќе биде стопирано тргувањето со акциите на оваа компанија на Берзата. Компанијата за поделбата на акциите пред неколку дена ја извести инвеститорската јавност преку објава на ценовно чувствителна информација на берзата.
Како што објавија од „Реплек“, оваа одлука била донесена на Годишното собрание одржано на 25 април годинава, а се однесува на поделба на обичните акциии и намалување на номиналниот износ на акциите во сооднос 1:10, што ќе се случи денеска. Токму и затоа денеска ќе биде стопирано тргувањето со акциите на „Реплек“, со цел овој процес да заврши успешно, а по консултации и добиени насоки од Комисијата за хартии од вредност и ЦДХВ. Веќе од понеделник идната недела ќе продолжи тргувањето со акциите на оваа компанија.
Инаку, еве за што точно станува збор. Се работи за поделба на обичните акции во сооднос 1 : 10, односно една обична акција се дели на 10 нови обични акции. Со поделбата на обичните акции се врши намалување на поединечниот номинален износ по акција - од 562,42 евра на поединечен номинален износ по акција од 56,242 евра. Со поделбата на обичните акции основната главнина на друштвото е поделена на 259.200 обични акции, со поединечен номинален износ по акција од 56,242 евра, а секој акционер за секоја обична акција што ја имал со поединечен номинален износ од 562,42 евра по акција пред поделбата, се стекнува со по 10 обични акции со поединечен номинален износ по акција од 56,242 евра. Со поделбата на акциите основната главнина на друштвото останува непроменета, соопштија своевремено од компанијата.
Фактор се интересираше зошто од компанијата се одлучија на ваков чекор, но и какви се нивните очекувања, и дали тоа ќе значи во иднина раст на цената на акцијата на оваа компанија.
Оттаму објаснуваат дека нивните очекувања се дека на овој начин акцијата на „Реплек“ ќе стане подостапна за различен тип на акционери, што, пак, ќе доведе до разигрување на пазарот на капитал.
„Целокупниот фокус на менаџерскиот тим на ‚Реплек АД' е ставен на зајакнување на нашите позиции на домашните и странски пазари, унапредување на фармацевтското портфолио и зголемување на обемот на работа. Нашата стратегија за развој дава резултати и ние бележиме раст во континуитет. Последните финансиски резултати покажаа раст на приходите од продажба во сегментот фармација за 20 отсто во првите шест месеци од 2024. Нашата динамична и инвентивна приказна продолжува и тоа е препознато на пазарите. Интерес за нашето работење има и кај инвеститориската јавност, која сѐ повеќе пројавува интерес за инвестирање во ‚Реплек АД'. Како менаџмент веруваме во пазарот на капитал и можностите кои ги нуди и во таа насока донесовме одлука на акционерско собрание, со која нашата акција ќе ја направиме подостапна за различен тип на инвеститори. Веруваме дека ваквиот пристап не само што ќе го разигра пазарот на капитал, туку истовремено ќе придонесе за развој на компаниите кои котираат на Македонската берза“, се вели во одговорот што го добивме од „Реплек“.
Инаку, акциите на „Реплек“ во последниве денови откако беше објавена информацијата, бележат раст на цената, а се истргува и поголема количина. Акцијата на „Реплек“ вчера на редовниот пазар на Берзата затвори на 125.000 денари за акција, што е раст за 4,6 отсто во однос на претходниот ден. Вчера се продала помала количина акции, односно вкупно пет хартии од вредност на компанијата.
На 9 јули, пак, кога било претпоследното тргување со акциите на „Реплек“, тие имале цена од 119.502,4 денари, но она што е специфично, е дека на тој ден била истргувана прилично голема количина, односно се продале 96 акции, што значи дека со акциите на ова АД се свртел вкупен промет од околу 187 илјади евра. Веројатно оваа позначајна количина има некаква поврзаност со најавениот сплит на акциите, но можеби и се должи на други причини, бидејќи „Реплек“ од поодамна е една од најтргуваните акции на берзата.
Фармацевтската компанија „Реплек“, откако оттаму излезе семејствоти Туџарови, има прилично интересна и разиграна сопственичка структура.Најголем поединечен акционер е Душан Пецоски, кој и раководи со компанијата, и кој поседува 12,19 отсто од акционерскиот капитал. Неговиот брат Владимир Пецоски, пак, располага со капитал од 6,33 отсто.
Градежната компанија „Настел“ на Зоран Азманов располага со 9,38 отсто од капиталот.
Самото АД „Реплек“, пак, како сопствени акции држи 8,14 отсто од акциите.
Пензискиот фонд „Сава“ поседува 6,4 проценти од капиталот, а сличен процент од 6,37 отсто има фирмата „Ситко Антонио“.
Еден од поновите акционери, лабораторијата „Биотек“, засега се задржува на процентот кој го откупи своевремено, односно 6,3 отсто од капиталот.
Има и неколку поситни акционери во компанијата, главно домашни физички и правни лица.
Н.Н.Ф.