ДЕНЕСКА Е ПОСЛЕДЕН РОК ЗА ЕРБАП ГАЗДИТЕ - ќе има ли затвор ако нема плата
Објавено во: Економија 07 Август, 2020
Платата за извршената работа е основното право на работникот, а државата треба да го штити и да се грижи тој навреме да ја добие, бидејќи тој е послаба страна во односот со газдата. Затоа и со Кривичниот законик е утврдено дека кршењето на ова право се дефинира како кривично дело и треба да се санкционира. Сепак, тоа што Владата им даде дополнителен рок на газдите кои токму за исплата на плата добија државна помош, е форма на притисок врз нив за да ја исполнат својата обврска, без за тоа да бидат санкционирани.
Вака даночниот експерт Павле Гацов за Фактор ја коментира најавата на власта дека ќе им даде дополнителен рок на фирмите неплаќачи на плата, заклучно со денешниот ден да се раздолжат кон своите работници.
„Работниот однос е специфичен договорен однос, уреден со Закон. Страните во работниот однос немаат иста сила, па затоа законодавецот и институциите преку Законот за работните односи, ги уредуваат правилата во овој однос, штитејќи го послабиот- РАБОТНИКОТ. Основно право од овој однос е правото на плата. ЗРО определил рок за исплата на платата и санкции за непочитување на овој рок, а Кривичниот законик дополнително кршењето на правата од работен однос на работникот ги дефинирал како кривично дело. Давањето на дополнителни рокови за исплата на платите претставува форма на притисок на работодавачите да ги исполнат своите законски обврски. Државниот инспекторат на труд е органот окој се грижи за примената на прописите од работните односи и изрекува мерки за прекршување на законските обврски“, објснува Гацов за Фактор.
А што велат законите?
Прописи кои ја уредуваат обврската и рокот за исплата на плати, според Гацов, се Законот за работните односи и Кривичниот законик.
Согласно со членот 109 од ЗРО, платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец.
„Платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период (месец). Со член 265 став 1 точка 10 е предвидена глоба од 3.000 евра за работодавачот (правно лице) и 900 евра за законскиот застапник (директорот) ако не е исплатена платата во законскиот рок“, стои во Законот за работни односи.
Во Кривичниот законик, пак, е наведено што е повреда на правата од работен однос. А за тоа се предвидени дури и затворски казни.
Според член 166 (1) „Тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата, работно време, одморот или отсуството, заштитата на жената, младината и инвалидите или за забрана на прекувремената или ноќната работа и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. (2) Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година. (3) Со казната од ставот (2) ќе се казни работодавачот кој на работник ќе му врачи отказ поради тоа што го пријавил работодавачот или дал исказ во својство на сведок за тоа дека му побарал на работникот да врати одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот или не го вратил износот. (4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна“, се наведува во Кривичниот законик.
А газдите на некои компании изгледа дека излегоа „поербап“ од државата, па и покрај тоа што не ги исплатија во предвидените рокови платите на вработените за кои добија парична помош за полесно да испливаат од корона кризата, ако ги исплатат до денеска, ќе куртулат од казните предвидени токму со овие закони.
На овие фирми всушност Владата реши да им даде шанса до денеска да се раздолжат кон своите вработени по основ на плати.
Како што е познато, списокот со недисциплинирани фирми кои сакаа ем да земат државна помош, ем да не ги исплатат вработените, првично броеше 570 компании, но откако власта јавно ги објави и им се закани со санкции, многумина побрзаа да ги префрлат платите на контата на вработените. Сега се останати уште 160 фирми кои не платиле.
Дали денеска уште некои од нив ќе го фатат последниот воз и ќе ги исплатат платите, ќе се знае по завршувањето на денешниот работен ден.
Генералниот секретаријат на Владата најавува дека во понеделник ќе ја достави листата до Основното јавно обвинителство, а во која ќе бидат наведени сите фирми кои според ажурираниот список на Управата за јавни приходи, зеле финансиска помош, а до денеска нема да исплатат плата на вработените.
Владата има свое оправдување за тоа што и покрај тоа што поминаа сите рокови во кои фирмите требаше да се раздолжат и за нив требаше да се бара одговорност, сега повторно на некој начин им се прогледува низ прсти на компаниите неплаќачи, и им се дава можност да го исправат пропустот и да поминат несанкционирано. Велат дека остануваат н својата политика која од стартот ја заговараат, а тоа е прво да се опоменува, па потоа да се казнува.
„Владата стои зад политиката опомена па потоа казна. Нашата цел е сите граѓани да ја добијат помошта од државата што им следува. Ако, сепак, некои фирми, и покрај јавниот притисок и опомените, не извршат уплата и со последниот зададен рок, ќе одговараат пред законот“, се вели во владиниот став за овој проблем што го доби Фактор.
А според УЈП, односно нивниот последен ажуриран список кој се однесуваше заклучно со 4 август, има вкупно 413 компании кои до тој датум не ги исплатиле платите.
„Листата на фирми кои не исплатиле плата на своите вработени секојдневно се ажурира и се доставува до Генералниот секретаријат на Владата. Заклучно со плаќањата до 4 август годинава, за април не исплатиле плати 172 фирми, а за мај 241 фирма на кои им била исплатена финансиска помош, а не исплатиле плати на вработените“, велат од УЈП.
Оттаму објаснуваат дека согласно владината Уредба според која беше одредено какви услови треба да исполнат фирмите што ќе добијат финансиска помош, за овие фирми треба да следуваат или парични казни, или да мора да ја вратат паричната помош што ја добиле од државата.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.