19 Март, 2024
0.0230

Денот на Републиката

Објавено во: Колумни 10 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Во мошне долгиот список на датуми што помпезно се одбележуваа како државни празници,а луѓето,оние обичните,ги сакаа до обожување(поради двата неработни дена,што неретко се спојуваа со викендите),спаѓаше Денот на Републиката-29-ти ноември.

Го најавуваа плотуни од артилериски орудија(грмеше некаде од Калето,а ние копиљаци,што би рекол Бато Димитров,пикнати некаде во некое ќоше,подзинати и ококорени од страв,прашувавме- што ќе да е ова?).Во округлите годишнини од историското заседание во Јајце небото над Скопје ќе блеснеше за момент од скромниот и краток огномет,а Офицерски и Банката беа илуминирани со по некоја светилка,а неретко и Камениот мост.

Набргу ја дознавме вистинската големина на денот.Построени првачиња,растреперени и возбудени ги повторуваме зборовите на пионерската заклетва(Јас Титов пионер се колнам .....) и ги тегнеме тенките вратчиња за да помогнеме,на некој начин,што поуспешно и побрзо да ни ја врзат црвената шамија,гордиот симбол за наредните години од школувањето.На Радиото,по весниците,а подоцна и на ТВ, нема ништо друго освен пригодни и долги емисии посветени на денот,масовна музика и партизански филмови.

Кај нас дома посебно празнично.Мајка ми со денови подготвува слатки колачиња и солени кифлички,се купуваат маслинки и по некоја деланка саламче и кашкавал.Ќе ни доаѓаат гости.Долго се прашував зошто само ние го славиме празникот во целата заедничка зграда во Дебар маало,во која во секое сопче имаше по една фамилија?.Нормално-Ѓоко Мојсов е комуниост,тој нема слава и негова слава е Денот на републиката.Ама не само тогаш-ние чекавме гости и за Први мај и за 11-ти Октомври и нормално за Нова Година.Воопшто не ми беше јасно зошто и ние си немаме „нормална слава“ од типот на Свети Никола и Митровден,како сите комшии,зошто никогаш кај нас не навраќа поп Шпиро да свети вода и да го пресече славскиот колач?

Во 70-те како млад новинар се најдов за празникот во Прага и видов(и почувствував,се разбира) малку поинаква димензија на неговото одбележување.Поради моето одбивање преведувач да ми биде бугарка(нели сме един народ)што домаќините од Прашкото радио го сметаа за скандал и ме оставија без никаков протокол, бев принуден да им се обратам на македонските трговски претставници во главниот чехословачки град и на службениците во југословенската амбасада.Ме пикнаа буквално во секое ќоше на возбудливата Прага(овде ручал Шопен,тука е создаден војникот Швејк,во оваа биртија се пие најубавото пиво,а пред зданиево поминува не знам кој меридијан или напоредник ќе да беше).А за празникот во Амбасадата на прием.Луѓето,најверојатно кога се далеку од дома,на се му придаваат посебно значение и го зачинуваат со емоција(за јадење и пиење да не зборувам).

И ден денес понекогаш ја пуштам плочата со музиката на Сметана(циклусот В,латава) не за да се сетам на одбележувањето на празникот, туку на незаборавните денови поминати во Братислава,Брно и Прага.Празниците се празнуваат,остануваат сеќавањата!


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?