28 Јануари, 2023
0.0273

Девет месеци војна во Украина - и за новогодишните празници во ровови

Објавено во: Колумни 28 Ноември, 2022

Добивај вести на Viber

Минатиот четврток беа изминати девет месеци од почетокот на војната во Украина. Од руската агресија врз соседната земја. Девет месеци се војува, а според американски извори обете страни во судирот бројат по над сто илјади загинати. Преговорите за мир во март годинава,  веќе договорени во Истанбул, под притисок на англосаксонците врз Украина, беа прекинати. Оттогаш наваму војната ескалира. Крајот не се гледа. Војските новогодишните празници ќе ги дочекаат во ровови.

Во иднина ќе се анализира дали мораше да дојде до војна. И зошто дојде? Најавата од Русија за воено-технички мерки, доколку САД и НАТО не ги прифатат нејзините предлози за нова безбедносна архитектура, пред се’ во Европа, за многумина не значеше ништо конкретно. На САД им беше јасно дека се подготвува војна. И на НАТО. Но ниту едните ниту другите не направија ништо да ја спречат руската агресија. Одеа европски емисари кај рускиот претседател Владимир Путин, но напразно. Русија тврдеше дека нема да напаѓа, а истовремено и дека ќе презема воено-технички мерки. Резултатот од сето тоа е пред нас. Гинат Руси и Украинци. А Украина постепено се уништува.

Во изминатите девет месеци Русија не докажа дека е подготвена да води краткотрајна и успешна војна. И дека имаше грешки во приодот кон војната. Дали логистички, дали, недоволна мотивација на војниците за војна или се сметаше дека се’ ќе се заврши за недела, две и дека нејзините војски ќе бидат дочекани со леб и сол. Иако знаеја дека Украина гради линии за одбрана, токму кон границата со Русија и Доњецката и Луганската народни републики. И дека веќе со години со помош на инструктори од Запад се подготвува за евентуална војна. Дали против Русија или за враќање на отцепените територии – сеедно. Русија освои некои територии од Украина, но подоцна во дел од нив делумно се повлече за време на украинските контраофанзиви. Официјалните податоци за загинати не се соопштуваат, ниту пак за уништеното оружје. Ситуација за Русија на воен план не е розова, особено поради помошта што ја добива Украина од Западот и НАТО членките, а која се состои и од најсовремено оружје. На виделина излегоа слабостите на руската армија.

„СЕ ЗА ФРОНТ“

На 24 ноември Владимир Путин побара да се зголеми производството на воената техника  и почитување на роковите за нејзина испорака во војската. Целта е да се обезбеди надмоќ на противникот. Се смета дека со тоа и ќе се приближи крајот на војната. Се бара квалитетно оружје, повеќе координација во работата на министерствата, институциите, регионите и претпријатијата за да се исполнат воените нарачки на државата. Според некои експерти препораките на Путин се објаснуваат со тоа дека Русија се судрила со армија која има повеќе војници и големо количество оружје. На секој еден руски војник доаѓаат неколку украински, па затоа на вооружените сили сега им треба испорака на повеќе воена техника и опрема. Според експертите војната може да продолжи подолго, отколку што се претпоставуваше, а тоа значи и нови принципи на организирање на стопанството во земјата. На времето ова се викаше „Се’ за фронт“.

Ова може да доведе и до одредено незадоволство во земјата, особено што приспособувањето на стопанството на воени услови може да ја влоши социјалната состојба во државата. А од начинот на кој ќе се спроведуваат препораките ќе се види дали се извлечени поуки од спроведувањето на мобилизацијата, кога стотици илјади младо, работоспособно население ја напушти Русија.

Во истиот период од девет месеци Украина изгуби нови територии. И таа, според американски извори, има стотина илјади загинати војници, иако официјално таа броја не се споменува. Но, Украина покажа дека не биле залудни неколкугодишните обуки од страна на западните инструктори. Таа успешно се бранеше, а кон крајот на летото презеде и контраофанзиви со кои поврати дел од териториите. Украинците се „топовско месо“, но таква им е судбината. Западот може да им дава оружје и им дава во големи количества. Според некои извори досега е испорачано оружје во вредност од 40 миијарди долари, колку што е воениот буџет на Франција.

На крилјата од успешните контраофанзиви украинскиот претседател Владимир Зеленски, одговарајќи на некои „притисоци“ од Запад за почеток на преговори со Русија, постави десетина услови, за кои знае дека никој во Русија нема да се согласи да ги исполни. Тој, меѓу другото бараше, повлекување на руските војски на границата од 1991 година, плаќање репарации, судење за воени злосторства...Но ништо не кажа доколку Русија ги прифати тие барања, што би правел со Русите во Украина? Дали би им дал автономија, дали би го официјализирал јазикот и сл. Веројатно сметал дека за тоа треба да се преговара. Војната конечно доведе до збивање на редовите на Украинците околу нивниот јазик, околу нивната култура и омразата кон Русите. Се’ што значи нешто руско е забрането. Се симнуваат споменици на Булгаков, на Пушкин, се забрануваат книги, филмови, песни...Се вршат претреси во цркви на УПЦ-Московски патријархат во потрага по “предавници“.

ВОЈНА СО ОЛИГАРСИТЕ

Украинските сили имаа и неколку успешни воено-диверзантски операции. Го потопија командниот брод на Црноморската флота „Москва“, урнаа дел од Кримскиот мост. Но по ова следеа акции на Русија, кои од корен ја сменија нејзината стратегија. Русите почна да ја бомбардираат енергетската инфраструктура на Украина, а веќе има закани и за уривање на мостовите на Дњепар со што Украина би била поделена на два дела по течението на реката. На прагот на зимата сето ова може да се покаже многу убиствено за Украина. Во Русија тврдат дека се уништува енергетиката за да не работат компаниите кои се дел од воено-индустрискиот комплекс, а населението е колатерална штета. Како и Русија и Украина економски е исцрпена, па ако не се западните пари таа не ќе може да функционира како држава. САД и ЕУ ветија, а и’ даваат и пари за плати на државната администрација, за социјални потреби, за пензии....

Украина поведе внатрешна војна со олигарсите. Некои останаа без украинско државјанство, други се под истрага, трети се во затвор, четврти протерани. Некои од нив во 2014 година го помогнаа отпорот против Русија, а ја финансираа и работата на Зеленски во подготовка на неговите телевизиски серии. Но и за нив немаше поштеда. Нова работа деновиве е судирот меѓу канцеларијата на претседателот Зеленски и градоначалникот на Киев, Владимир Кличко. Очигледно Зеленски ја користи воената состојба за пресметка со оние кои имаат добар рејтинг кај населението, а кои утре или задутре можат да му бидат политички противници. Заради ново настанатата состојба со струјата во Киев и во други места се поставуват пунктови-точки во кои граѓаните можат да се згреат, да користат мрежи за интернет и сл. Зеленски во петокот ги обвини киевските власти за неквалитетна организација на работата на пунктовите. Тој рече дека никому нема да му биде простено „понижувањето со киевските пунктови“. Следниот ден од партијата на Зеленски „Слуга на народот“ група депутати направија инспекција на некои пунктови во Киев при што утврдиле дека од 530 пунктови, дури 20 проценти биле затворени. Ваквиот однос на власта, Кличко го окарактеризира како ставање на прашањето во политичка рамнина, давајќи му политичка боја и манипулирање.

Како ќе се движат работите во иднина, освен што војските ќе останат во ровови. Многумина спомнуваат преговори. Засега е јасно дека од нив нема ништо. Но од друга страна и покрај немањето преговори за прекина на војната двете страни во војната сепак преговараат. Во средината на ноември во Обединетите арапски емирати Русија и Украина како страни, без посредници преговарале за размена на заробеници, поврзано со транспорт на рускиот амоњак низ цевковод до Одеса. И двете страни се заинтересирани за тоа. Дури и Зеленски порано велеше дека е можно обновување на транзитот на руски амоњак низ Украина, но под услов за размена на заробеници „сите за сите“. Во Русија има повеќе украински заробеници, отколку руски во Украина. Па формата „сите за сите“ е во полза на Украина. Во исто време транзитот на амоњак се милијарди долари за Русија. А ова би го отворило патот и за деблокирање на извозот на руски вештачки ѓубрива на светскиот пазар. Во крајна линија тоа ќе и даде на Русија повеќе пари кои би ги користела за финансирање на војната. Но во Киев и на Запад не се уверени дека размената на заробеници не вреди колку она што ќе го добијат Русите.

ПОДДРЖИ ВОЈНА ЗА ДА ИМА МИР

Се водат преговори и за решавање на ситуацијата околу Запорошката атомска централа. Дури има изјави дека Русите ќе се повлечат од таму. Минатата недела во Истанбул се водеа разговори меѓу Рафаел Гроси првиот човек на Меѓународната агенција за атомска енергија и директорот на „Росатом“ Алексеј Лихачов. Се разговарало за безбедноста и создавање на заштитна зона. Паралелно се водат преговори и со украинската страна. Наводно „има прогрес“ во преговорите.

Сето ова, сепак, не дава надеж за крај на војната. Тајната и јавната дипломатија имаат важна улога. Но кога станува збор за крај на војната работите се сосема подруги. Јенс Столтенберг во интервју за  Welt am Sonntag.вели дека поддршката на Украина во сегашниот конфликт скапо ќе ги чини жителите на западните земји, но додава дека е неопходно „да се поддржува и зголемува“ помошта за Киев. „Сите ние треба да ја зголемиме помошта за Украина. Тоа ќе им помогне на Украинците да го одбранат своето право за самоодбрана“, изјави Столтенберг додавајќи дека „може да се засили позицијата на Украина на преговарачката маса, доколку и се даде воена поддршка“. Според него: „Најдобар начин да се поддржи мирот – тоа е да се поддржи Украина“. И германскиот канцелар Олаф Шолц изјавува дека ќе го исполни ветувањето за поддршка на Украина „толку, колку што треба“. И дека станува се’ поочигледно дека „Русија не само што не треба да ја добие војната, и нема да ја добие“. Американците се јасни по ова прашање. Украина треба да победи или Русија не треба да ја добие војната, се официјалните изјави. За САД војната е добродојдена во градењето на својата нова воена стратегија. Наместо да испраќа стотици илјади војници, како што беше во Виетнам, во Ирак или во Авганистан, најдобро е да даваат оружје, истовремено испитувајќи го. Уште подобро да го продаваат. Ем нема да имаат загинато војници, ем ќе прават пари.

Како што стојат сега работите се’ ќе води кон тоа ситуацијата да се реши на бојното поле, се’ до оној момент додека една од страните не се убеди дека не може да ги оствари своите цели. Според украински експерти сега е можно да се очекува офанзива на Мелитопољ, па да се излезе на Азовско море и границата со Крим. За потоа да бараат отстапки од Русија. Русите пак ќе сакаат да имаат сувоземен пат до Крим. И целосно освојување на Доњецката и Луганската област. Истовремено да продолжи со уништување на енергетската инфраструктура се додека Киев не седне на маса за преговори. И да ја признае сегашната граница на фронтот.

Тешко дека завршното сценарио ќе биде како што некои претпоставуваат. Но руски генерали не се откажуваат од коментари. „Руската специјална операција во Украина нема да заврши во следните неколку месеци“, рече некогашниот главен командант на пешадијата на Русија, генералот на армија Владимир Болдирев. Според него таа ќе трае и подолго од половина година а руските војници „треба да стојат до смрт на заземените позиции и да се подготвуваат нови групи војници“. Болдирев вели дека големите прашања се решаваат не само со дипломатија и гласање во парламентите, туку со крв и железо. „Јас секогаш се придржувам до тоа дека победувајќи на бојното поле, ќе поставиме било кои свои услови“, рече Болдирев, додавајќи дека е уверен дека ако Русија победи на боеното поле, Зеленски ќе ги прифати сите руски услови. Депутатот од Државната дума, генералот Андреј Гуруљов, вели дека по енергетската инфрасруктура ќе следат удари по логистичката инфраструктура. А можеби и по банкарската инфраструктура. Главна задача е прекин на работата на индустријата. Таа заработуваше пари, правеше ремант и произведуваше оружје, а сега не работи, вели Гуруљов.

Било кој генерал мечтае за војна. Макар и мала. Такви се и руските и украинските и западните генерали. Украинската војна е голема. За малку, пред извесно време, Зеленски ќе испровоцираше уште поголема. По падот на украински ракети во Полска при што загинаа двајца работници. Тој повика на одмазда од НАТО, бидејќи е „падната руска ракета на полско тло“. Оладувањето на Зеленски со докази дека не е руска ракета траеше неколку денови. Зеленски не е генерал, ама очигледно е соживеан со улогата на врховен командант. Да не мечтае и тој за поголема војна. Во Украина веќе се зборува за негова замена, кога ќе дојде време, кога ќе каже Запад, со вистински генерал. Тоа е сегашниот главен командант на Вооружените сили на Украина генерал лајтантот, Валериј Залужни. Графити со негов лик веќе се цртаат на ѕидовите во разни градови. Тој е херојот на војната. Велат, Зеленски му љубоморел.

Тешко на обичните војници во рововите. Сигурно нивна главна мечта и желба за новогодишните празници ќе биде ставањето крај на војната. И кој знае колку псовки ќе има за генералите и врховните команданти.

Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

Битка за тенковите за Украина

Битка за тенковите за Украина