01 Декември, 2024
0.0267

Девизните дознаки растат, но тие не носат економски раст

Објавено во: Колумни 20 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Меѓу светлите точки на стопанисувањето во Македонија е порастот на девизните резерви. Во изминатата деценија тие се во постојан пораст. Од 715 милиони евра во 2003 година девизните резерви се зголемија на над 2.193 милиони евра во 2012 година т.е. за над  три пати. Тоа е извонреден резултат со кој се обезбедува стабилност во плаќањата спрема странство и сигурност во снабдувањето со неопходни стоки и услуги од странство. Со износот на девизните резерви во изминатиот десетгодишен период се покривал увоз  во вредност и од пет месеци (2006 година). Во последниве три години покриеноста на увозот со девизни резерви е над 4,5 месеци. Состојбата на девизните резерви овозможи без проблеми да се одговори  и на барањата на некои од странските инвеститори во земјата да им се конвертираат денарските заработувачки и слободно да ги изнесат од земјата.

Сенка на состојбата со девизните резерви во Македонија фрла тоа што, во подолг период, тие не се резултат на заштеди од домашната заработувачка на девизни средства, туку резултат на ново задолжување спрема странство. За тоа говори салдото на тековната сметка на билансот на плаќањата. Во изминатиот десетгодишен период салдото е постојано негативно, со големи осцилации на износот. За покривање на дефицититот од тековните трансакции Македонија користела странски средства во износ од 23,4 милиони евра во 2006 година, до 862,2 милиони евра во 2008 година. Тоа значи дека порастот на девизните резерви беше поддржуван и со постојан пораст на долгот на земјата спрема странство, а тоа значи и со пораст на трошоците за камати за да се одржува задоволително ниво на девизните резерви. Засега е добро што Македонија е во позиција да може да обезбедува финансирање од странство на дефицитот од тековните трансакции. Меѓутоа, прашање е до кога ќе може да го прави тоа, со оглед на тоа што  со забрзано темпо се зголемува степенот на задолженоста спрема странство. Од 28% во минатата година  јавниот долг веќе порасна на 34% од БДП, а бруто надворешниот долг надмина 64% од БДП. Она што е интересно и неразбирливо,  воопшто не му се придава значење на фактот што преку порастот на дефицитот во тековната сметка се зголемуваат и  долгот спрема странство и девизните резерви. Меѓутоа, токму тука може да настане и главниот проблем. Кога заради сервисирање на обврските спрема странство ќе почнат да се намалуваат девизните резерви, за што експертската јавност веќе изрази загриженост, по повод информациите за поголеми одливи на девизни средства од земјата. Ваквата состојба ќе предизвика недоверба кај странците да го финансираат дефицитот во тековните трансакции, а тоа ќе доведе до намалување на средствата за пораст на девизните резерви од странски извори. Од ова се гледа ранливоста на девизните резерви кои се кумулираат само врз основа на се‘ поголемиот процент на ангажирани кредитни линии и заеми од странство. Се разбира, кредитирањето од странство е потребно и добро е што засега е можно. Меѓутоа, состојбата на девизните резерви е добра доколку тие  се одржуваат на потребното ниво со намалување на дефицитот во тековните трансакции. Лекот мора да се бара во зголемувањето на извозот на стоки. Во размената на услуги од 2006 година веќе регистрираме суфицит, што е за поздравување, но, досегашните текови покажуваат дека од размената на услуги не може да се очекува значително поголем суфицит, бидејќи износите на прилив и одлив на девизи безмалку се изедначени т.е. резултираат во мал суфицит на македонска страна.  Поради зголемени приливи на странски инвестиции одливите на девизи ќе бидат и натаму далеку поголеми од приливите и ќе паѓаат на товар на девизните резерви. „Честа“ на состојбата на девизните резерви ја бранат тековните трансфери, бидејќи само тие во изминатите десет години покажуваат суфицит од безмалку 11 милијарди евра. А овој износ претставува 48,6% од соодветните остварувања на извозот во истиот период. Оваа големина со сета сериозност го поставува прашањето за одржливоста на стабилноста на односите со странство. Приливите од нашите граѓани  вработени во странство ги намалуваат дефицитите од стоковната размена и од трансферот на доход во тековната сметка, меѓутоа, стабилноста и развојот  на земјата не може да се темелат само врз натамошен пораст на дознаките. Нема замена за порастот на извозот на стоки и услуги. Со досегашниот пораст на трансферите, безмалку, само се покрива дефицитот во стоковната размена. Што се вели- како дошло така и отишло. Се разбира, не се бескорисни, бидејќи со нив се ублажуваат социјалните тензии во земјата, но лошо е што се создава илузија дека состојбите се подобри отколку што се,  а, всушност, не доаѓаат до израз како дополнителни средства за развој. Тоа може да се случи само со динамизирање на производството и зголемување на извозот, односно со намалување на стоковниот дефицит. Да веруваме дека оваа врска ќе се сфати  и искористи за промени во концептот за развој пред да почне да се намалува приливот на девизни средства по основ на тековни трансфери. Доц. д-р Крсте Шајноски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.