01 Декември, 2024
0.0455

Дежурни виновници

Објавено во: Колумни 02 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

Пред петнаесетина години се појави филмскиот хит The Usual Suspects. Морам да признаам, еден од најдобрите филмови што сум го гледал. Она што почнува како класична полициска приказна добива сосема неочекуван расплет. На еден брод во пристаништето на Лос Анџелес се случува убиство на повеќе лица. Шефот на полицијата кој го испитува случајот затвора пет лица кои се дежурни виновници за сите слични инциденти во градот. При сослушувањето на една од жртвите на инцидентот, шефот се труди да дознае кој од петте осомничени е фамозниот Keyser Söze, човекот што ги извршил убиствата на бродот. Не успевајќи да го открие виновникот меѓу осомничените, шефот на полицијата ја пушта жртвата на инцидентот да си оди. Неколку минути подоцна сфаќа дека човекот што го ослободил всушност е Keyser Söze, одговорниот за убиствата на бродот. Но, тогаш е веќе предоцна.

Дежурни виновници можат да се сретнат во сите сфери на нашето живеење. Сосема е сеедно дали како виновници ќе третираме одредени земји, правни или физички лица. Тие субјекти се виновни за економската криза, за поразот на нашата фудбалска репрезентација, за тоа што снегот не се стопил самиот, туку чека некој да го исчисти.

Како и во сите други области, така и кај перењето пари има дежурни виновници. На листата на земји кои „го заслужиле“ тој епитет, во прв ред спаѓаат егзотичните острови од Средна Америка. Значи, извиканите Девствени Острови, Кајмански Острови, Бермуди, Бахами, Барбадос итн. Претпоставувам дека ретко кој од граѓаните на Република Македонија ја имал таа среќа да престојува на некој од горе наведените острови и лично да се увери дали тамошните жители водат еден нормален живот или сите се масовно вклучени во процесот на перење пари.

Инаку, покрај островите од Средна Америка, на листата на offshore финансиски центри се наоѓаат и некои од најбогатите земји во светот - Швајцарија, Холандија, Монако, Луксембург, Велика Британија (Лондон), САД (Делавер), Сингапур итн.

И сега се поставува прашањето: Што да прави еден субјект (правно или физичко лице) од Бермудите кој сака да работи во Република Македонија? Да работи сосема легално, почитувајќи ги сите законски прописи. За да може да работи, а во крајна инстанца и да живее, тој субјект мора да отвори сметка во некоја од нашите банки. Тоа секако не е забрането. Но, нашите банки преферираат да не воспоставуваат деловни односи со субјекти од т.н. offshore финансиски центри. Зошто? Воспоставениот деловен однос со таков субјект во старт значи спроведување на засилена анализа на клиентот и можно доставување на извештаи до Управата за финансиско разузнавање доколку таквиот клиент извршува трансакции. И како потоа тој субјект да работи во нашата земја?

Неодамна беше објавена една многу интересна информација. Познатиот интернет пребарувач Google извршил трансфер на 9,8 милијарди долари на Бермудите. Со тоа заштедил данок во износ од скоро 2 милијарди долари што требал да ги плати на САД. Сосема легитимен деловен потег.

Ако утре Google побара да отвори сметка во некоја од македонските банки, дали тоа ќе му биде овозможено? Апсолутно. Деловниот однос ќе биде воспоставен без никаков проблем. Станува збор за компанија која ужива репутација во светски размери, компанија чии акции котираат на берзата и која секоја банка би ја посакала за свој клиент. А тоа што дел од бизнисот се извршува на Бермудите?

Пред извесно време 500 полицајци вршеа претрес на просториите на Deutsche Bank во неколку градови во Германија поради сомневање за затајување данок, перење пари и обиди за попречување на истрагата. Против пет соработници на банката е издаден налог за апсење.

Британската банка HSBC се согласи да плати 1,9 милијарди долари за да ја прекине истрагата за перење пари во САД! Банката е под истрага за соучесништво во перење пари од страна на нарко картели и други организации кои немаат пристап до американскиот финансиски систем.

И Deutsche Bank и HSBC влегуваат во кругот на банки со најголема меѓународна репутација.

Уште ли ќе бараме дежурни виновници само на Карибите?

д-р Гоце Трајковски

 

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.