06 Мај, 2024
0.0711

Дијалог на глуви!

Објавено во: Колумни 20 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Државните органи и приватниот сектор на хартија имаат заеднички интереси. Во реалниот живот, секој го гледа сопствениот интерес. Таквата пракса е присутна во сите области и на сите меридијани на земјината топка.

          Кога е во прашање перењето пари, во изминатите неколку години бевме сведоци на ситуации кога дел од најголемите и најреномираните светски банки го гледаат единствено својот деловен интерес и „мува не ги лази“ за меѓународните стандарди и директиви, како и за националните законодавства во оваа сфера. Поаѓајќи од синтагмата „премногу големи за да пропаднат – too big to fail“, тие свесно или несвесно се впуштија во активности и трансакции со клиенти кои во секој поглед се наоѓаат од другата страна на законот. Во периодот од 2009 до 2012 година, пет големи банки платија казни кои се изразуваат во милиони, па и милијарди американски долари за непочитување на прописите во сферата на спречување на перење пари. „Рекордер“ во тој поглед секако е HSBC која плати казна од речиси 2 милијарди долари. И другите банки од типот на ING, Lloyds, Credit Suisse и Barclays не се „за потценување“, имајќи ги во предвид милионските казни кои беа принудени да ги платат. Дали горе наведените санкции делуваа „воспитно – образовно“ врз грешниците во област? И за горе наведените грешници кои „го водат орото“, и за останатите реални или потенцијални грешници? Зашто тие се наоѓаа(т) во реално или потенцијално искушение да проверат дали е подобро да имаат богати клиенти, па макар и со сомнително потекло на нивниот капитал, или пак е подобро доследно да се почитуваат законските норми и стандарди во оваа сфера. Судејќи според настаните во САД од почетокот на 2014 година, тешко може да се заклучи дека приватниот сектор извлекол некаква поука од драстичните казни кои беа изречени во изминатите неколку години. Се чини дека овој сектор трката за поголем профит ја сфаќа како спринт на атлетската патека од 110 метри, а законските прописи се доживуваат како пречките кои на таа патека се поставуваат на секои 10 метри и кои мора да се прескокнат за да се стаса побрзо до целта. Имено, на почетокот на оваа година, Министерството за правда на САД излезе со став дека банките кои се присутни на Wall Street не посветуваат доволно време и ресурси во борбата со перењето на пари и финансирањето на тероризмот, посебно кога е во прашање влезот на нелегални средства во финансискиот систем на САД. Прстот беше вперен кон уште еден банкарски гигант, JP Morgan Chase, на кого му беше наложено да ги ограничи меѓународните трансакции со повисок ризик од перење пари. Покрај тоа, регулаторите во САД им наложија на финансиските институции да го испитуваат изворот на приходи на нивните клиенти. Тоа претставува дополнителен предизвик за моќните и богатите финансиски институции од кои се бара да одвојат дел од заработениот колач и да го потрошат на испитување на потеклото на имотот на нивните клиенти. И што се случи? Американската банкарска асоцијација се стави во одбрана на деловните интереси на банките. Таа излезе со став дека е потребно да се привлечат повеќе клиенти во банките, какви и да се тие клиенти, зашто податоците за истите ќе им станат достапни на надлежните државни органи. Според оваа асоцијација, ограничувањата кои ги наметнуваат регулаторите ќе „избркаат“ дел од клиентите и ќе ги насочат кон популарните off-shore дестинации. На тој начин, државните органи ќе бидат лишени од податоците за субјектите кои се занимаваат со сомнителни активности. Под плаштот на грижата за интересите на државните органи, оваа асоцијација заборави да ги спомене „дебелите“ провизии кои банките ги наплаќаат од клиентите чиј капитал е со сомнително потекло. Заборави и да напомене дека треба да се извлечат поуки од високите казни кои беа изречени на американско тло само пред неколку години. Ама не заборави да спомене колку било тешко да се испитува потеклото на средствата или легитимноста на дејноста кај дел од клиентите на банките. И што да се каже после сето тоа? Очигледно дека дијалогот на глуви и гледањето само на сопствениот интерес продолжува. Или што би рекол нашиот народ: „Кучињата лаат, караванот си поминува!“ д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина