19 Април, 2024
0.0291

Диктатура на политичката коректност

Објавено во: Македонија, Колумни 23 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Чудно политичко доба живееме. Од една страна, наводно ја живееме ерата на постмодерната, ера во која паднаа сите големи нарации,ера во која конзервативните концепции се нападнати, старите вредности се превреднувани, идеологиите мртви... А од друга страна доминира „вечната“ нарација на неолиберализмот со сите негови идеи кои упорно го конзервираат постојниот економски и политички поредок. Една од тие „генијални“ измислици кои служат само и само за да го перпетуираат тој постоен економски и политички поредок, е коцептот на „политичка коректност.“Чудно, ерата која требаше да ги сруши сите диктатури, ја востоличи диктатурата на политичката коректност како клучна алатка за петрификација на неолибералниот дискурс!

И затоа, чинам дека првото нешто што секој искрен, утописки политчки проект треба да го направи е да удри по идејата која стои зад концептот на „политичката коректност.“ Првата тврдина која треба да се сруши, во изградбата на „новиот храбар свет“, е токму политичката коректност. Тој џелат на општествено-политичкиот напредок, тој гробар на слободната мисла треба да биде првата жртва принесена на олтарот на секоја искрена политика. Сите се вреѓате денес бре, мајку му! Од сè сте навредени! Па што ако сте! Гајле ми е! Во јавниот диксурс сте, вреѓајте се колку сакате! И јас се вреѓам! Демократијата е пред сè опасност, ризик и подвиг, таа не е млитаво „владеење на мнозинството“, таа не е првенствено консензус, ами пред сè и над сè храброст за дисензус, за „кавга.“

Интересно е, на пример, тоа што самиот поим „политичка коректност“ први го употребувале левите движења во храбрите 60-ти и 70-ти, кога политиката била политика на „потрага по невозможното“. Левичарите од тој период го ползувале овој поим во сатирична и иронична смисла како етикета за исмевање на сите оние конзервативни и ригидни политички елементи кои ги кочеле револуционерните промени кои тогаш чукале на вратата на Европа. Но, како што секогаш бидува - капиталот е многу жилаво копиле кое сето она што започнува да го подрива, експресно го инкорпорира во сопствениот наратив и од непријател, го претвора во катализатор на сопствениот развој. Па така, поимот „политичка коректност“ веднаш е преземен, претворен е во „сериозен“ поим и внесен во политологијата, за со него да врши терор врз слободната мисла и слободниот говор! И веќе од 80-тите, политичката коректност како концепт ве обврзува да внимавате во говорот да не би да ги навредите чувствутелните групи. Обврзани сте да употребувате инклузивен, наместо ексклузивен говор, т.е. да избегнувате говор кој исклучува и осудува! Значи, денес за да сте модерен (нема да речам постмодерен, оти, рековме тоа не е духот на постмодерната), треба сè да прифаќате и да се смешкате! За да не би да навредите некого. Особено не смеете да осудите некого или нешто! Освен политичката некоректност, се разбира! Неа никако не смеете да ја повредите!

Па тоа е суштината на демократијата, бре – да се „навредуваме“, тоа е аксиомата која треба да ја прифати секој кој влегол во јавниот простор. Различните интересни групи доаѓаат низ консензус само преку дисензусот на „навредите“. Невозможно е искрено да застапувате нешто без тоа да го „навреди“ другиот кој застапува спротивно нешто. Ако сум геј, мене ме „навредува“ ставот „против“ на оној кој е стрејт, ако сум религиозен, ме „навредува“ исклучувањето на религијата, ако сум црн, ме „навредуваат“ белите... Само низ тој моќен, предизвикувачки, ако сакате и екстремен јазик на „навредите“ може да се избруси вистината.

Ох, кога само денешниве пуританци би го читале Ниче, кој според многумина е инспиратор на постмодерната, колку само би се згрозиле од него. Колку само феминистките би се згрозиле кога ќе прочитаат кај него: „Oдиш кај жена? Не заборавај го камшикот“! Колку би се згрозиле либералите кога ќе прочитаат дека „Либерализмот е преобразување на човекот во стока.“ Колку би се згрозиле денешниве правни легалисти кога би прочитале кај Ниче нешто вакво: „Правда? Тоа е освета на послабите!“ И конечно, сите тие би се вџашиле од неговото тврдење: „Либералните институции престануваат да бидат либерални во моментот кога силно ќе се востановат. Кога еднаш силно ќе се зацврстат, нема посериозен и посилен непријател на слободата од либералните институции.“ Ова е таа порака која повикува на постојано преиспитување и провоцирање на воспоставениот либерален поредок, ма колку и „навредливо“ да било тоа. Но, денес тешко дека ви е дозволено било што да предизвикате, веднаш ќе бидете цензурирани од вечните чувари на политичката коректност. Оти како ќе предизвикате некој закоравен наратив, ако не го предизвикате во неговата крајност!? А денес тоа не ви е дозволено, крајностите се забранети. Веднаш ќе бидете осудени за противник на демократијата и либерализмот. Веднаш ќе бидете ставени во фахот на конзервативен, дури и фашист. Денес толку лесно посегнуваат по тој квалификатив на фашист и нацист, што ако некогаш дури им удри во нос вистински фашист, не би го препознале.

И затоа, о вие, политички пуританци, олабавете со политичката коректност. Ма да, јас знам дека се згрозувате од политичката некоректност, од пис јазик, од недоличен речник, од интелектуална провокација...знам, вие преферирате некој со рака на гради да се колне во децата додека ве краде, лаже и манипулира, вие сакате поезија за жицата на гитарата, додека ви менува име, презиме, идентитет и историја, ветувајќи ви дека не дошол на власт да го прави тоа! Вие сакате некоја префинета и дотерана дама да спичка 270 милиони на оружје, а да нема пари за лекови и вакцини, вие се згрозувате од потрошените 500 милиони за СК2014, додека сега се продава зграда изградена од тоа СК2014 и никој не знае каде се парите. За вас е херој „македонската Терешкова“ која со скафандер долета во Собранието за да изгласа 150 милиони евра помош за ковид-кризата, а набавка на 1 милион вакцини чинат 10 милиони евра и со нивна набавка ќе немаше криза и потреба од тие 150 милиони евра помош...Во принцип, вие се згрозувате само од површното, од тоа што на прв поглед ви изгледа грозно, но не и од она што во својата срж е грозно, смрдливо и до коска расипано, корумпирано и подло!

Но еј, не мора да бидете левичари за да бидете политички некоректни. Да се биде политички некоректен, во доба на диктатура на политичка коректност е должност на секој чесен интелектуалец! Бидете барем чесни!


Трајче Стојанов

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

ДИРЕКТОРОТ НА ЈП „СТРЕЖЕВО“ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА: И покрај тоа што имале ратрак, тој повторно спровел постапка за набавка на уште еден

ДИРЕКТОРОТ НА ЈП „СТРЕЖЕВО“ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА: И покрај тоа што имале ратрак, тој повторно спровел постапка за набавка на уште еден

СОНК не сака да одработува саботи во училиштата

СОНК не сака да одработува саботи во училиштата

ФОТО:СЕ ПРЕВРТЕ ВОЗИЛО ПО ПРЕВОЈОТ СТРАЖА НА ПАТОТ ГОСТИВАР-КИЧЕВО: Се чека полицијата да пристигне

ФОТО:СЕ ПРЕВРТЕ ВОЗИЛО ПО ПРЕВОЈОТ СТРАЖА НА ПАТОТ ГОСТИВАР-КИЧЕВО: Се чека полицијата да пристигне

ЕДЕН ОД КРАДЦИТЕ НА СЕФОТ НА „ВОСТАНИЧКА“ ПАДНА ВО РАЦЕТЕ НА ОЈО: Станува збор за 23 годишно момче, еве ги деталите

ЕДЕН ОД КРАДЦИТЕ НА СЕФОТ НА „ВОСТАНИЧКА“ ПАДНА ВО РАЦЕТЕ НА ОЈО: Станува збор за 23 годишно момче, еве ги деталите

ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДОТ, ВО РЕГИОНОТ ЌЕ ПАДНЕ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ СНЕГОВИ ЗА ГОДИНАВА: Следува многу постудено време

ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДОТ, ВО РЕГИОНОТ ЌЕ ПАДНЕ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ СНЕГОВИ ЗА ГОДИНАВА: Следува многу постудено време

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните