21 Септември, 2019
0.0165

„Директна линија“ за кревање на рејтингот на Путин

Објавено во: Колумни 21 Јуни, 2019

„Директната линија“ со Владимир Путин се одржа по 17 пат. Траеше малку над четири часа пренесувана во живо од мноштво национални телевизии, радија, портали. Неколку денови пред вчерашниот ден Русите можеа да пратат прашања до претседателот. Прашања пристигнува и вчера. Оценката е дека од Путин се барал одговор на над 2.5 милиони прашања. Се испраќаа директно, преку интернет, како видео соопштенија или кратки СМС пораки... Прашања му поставуваа и водителите. За времето одвоено за одговори Путин одговори над осумдесет прашања.

Како и во изминатите години Путин беше „бомбардиран“ со она што го засегнува обичниот русин. Платите, социјалата, нивото на живот. Овој пат се проговори и за екологијата. Не останаа настрана и некои прашања од меѓународната политика. Во 2001 година, кога за прв пат се одржа беа поставени над 400 илјади прашања. За разлика од лани немаше речиси дваесетина министри и губернатори, кои мораа да одговараат на некои прашања. Се’ се сведе на неколкумина такви.

Комуницирањето со јавноста не е ништо ново. Го користат многу политичари. Некои како Путин, а други имаат редовни радио обраќања. Но веднаш да е јасно. Целит дијалог на Путин со јавноста е под строго сценарио. Луѓето што ги поставуваат прашањата се селектирани. Ништо не може да се случи непредвидено. Во средата медиумите пренесоа вест како Путин се подготвува за „Директната линија“. Што значи дека некои прашања веќе беа со подготвен одговор. А оние кои доаѓаа преку СМС во реално време, сигурно беа модерирани, иако некои од нив беа непријатни за претседателот. Путин нив ги гледаше, како и јавноста од големиот монитор. На некои одговара, а некои како да не ги забележува. Па така без одговор останаа прашањата, „Кога ќе заминете? “, „Може ли предвреме да заминете од функцијата? “, „Што ќе правиме кога ќе снема нафта и гас?“, „Каков ефект има од вашите директни средби, кога ништо страшно не се менува во подобра насока?“, „Кога ќе го вратите крепосното право. Чекаме велепоседник кој ќе го купи нашето село и ќе организира работни места?“ или „Пет години на ТВ се зборува за Украина, зарем Русија нема проблеми?“.

Овогодишната „Директна линија“ се одржа некој месец по објавувањето на податоците за паѓањето на довербата кон Путин. Што беше дочекано со негодување во Кремљ, па истражувачите мораа да се правдаат со методологијата, по што мораа да прават нови истражувања со нови прашања, само да се докаже дека довербата кон Путин не е триесетина, туку дека е над 70 проценти. Сето ова наиде на потсмев во јавноста. Особено сервилноста на истражувачките куќи и настојувањата на Кремљ да се покаже дека народот има голема доверба во Путин. Инаку, неговата популарност  почна да паѓа откако лани исто во „Директна линија“ ја најави пензиската реформа. Голем бран од незадоволство од таквиот потег ја зафати цела Русија и може да се каже дека токму таа реформа влијаеше на намалувањето на довербата кон претседателот.

Можеби наредниве месеци ќе бидеме сведоци на ново истражување за да се види влијанието на вчерашната  „Директната линија“ врз зголемувањето на популарноста на претседателот. Вчера таа предизвика   реакција на рубљата. Курсот на доларот за првпат по август лани падна под 63 рубљи. Секако на ова не влијаеја само зборовите на претседателот, туку и цените на нафтата кои одат нагоре. Експертите веднаш  реагираа и кажаа дека ова нема да трае долго. Нестабилноста на пазарот на нафта и заканите со санкции кон Русија можат одново да ја урнат рубљата.

Кога сме кај санкциите Путин кажа дека, според експертски податоци од 2014 година наваму, Русија има загуби од 50 милијарди долари. Загубата на ЕУ е 240 милијарди долари, на САД 17 милијарди долари, а на Јапонија 27 милијарди долари. Но ползата од санкциите за Русија била во тоа што таа почнала да работи на замена на увозот. Па така се вложени 667 милијарди рубљи, кои овозможиле денес Русија за прв пат да произведува бродски мотори за морската флота, па транспортни машини, енергетски машини. Од Русија лани се извезени 25,7 милијарди долари земјоделски производи. Планот е во 2024 година тој извоз да биде 45 милијарди долари.

Најболното прашање за мнозинството Руси секако се платите. Еден пожарникар од калининградската област се пожали дека има плата од 10 илјади рубљи. Путин со чудење забележа дека во Русија минималната плата е 11.280 рубљи(околу 180 долари), а работодавецот не смее да плаќа помалку од минималната плата. Па затоа побара да се истражат ваквите случаи и работодавците да се казнат. Путин нагласи дека во земјата се забележува раст на платите и номинално и реално. Па ако во 2017 година просечната плата била 33,2 илјади рубљи, сега е 44 илјади рубљи(околу700 долари). Путин повика Русите „да не му се лутат нему“ за тоа што не добиваат такви плати, бидејќи тој зборува за просечни бројки. Проблемот со платите, смета тој, може да се реши со зголемување на продуктивноста. За разлика од претседателот, Државната ревизија пред извесно време оцени дека реалните доходи на Русите продолжуваат да паѓаат. Во првиот квартал на годинава тие се помали за 2,3 проценти во споредба со истиот период лани.

Не беа одминати и прашањата за здравството. Кадровските проблеми во прв ред. Недостигаат лекари и друг медицински персонал. Особено во помалите градови и населби. Путин соопшти дека се зголемени средствата за набавка на лекови, особено онколошки. Дека ќе се подобрува состојбата и со снабденоста со лекови во аптеките.  Нови се проблемите со екологијата. Протестите против изградба на депонии. Путин рече дека ова е прашање кое че мора брзо да се решава. Би се изградиле 200 депонии кои би го обработувале отпадот за што би се вложиле околу 300 милијарди рубљи. Во Москва веќе се планира да се почне со селектирање на отпадот.

Во поглед на надворешната политика, дијалогот со САД, Путин смета дека тој е секогаш добар и дека Русија е подготвена за него онолку колку што се подготвени нејзините партнери.  Според него, Трамп на внатрешен план е соочен со многу ограничувања. Освен тоа сега американскиот претседател во своите активности секогаш ќе се води од барањата на предизборната кампања. Тој и ја најави својата кандидатура завчера. Путин го обвини американскиот естаблишмент за шпекулации во поглед на руско-емриканските односи и измислувањето разни лаги. „Па затоа кога ќе бидат подготвени нашите колеги ние ќе одговориме на ист начин. Дотолку повеќе што има за што да се зборува – меѓународната безбедност, разоруѓувањето и воспоставувањето на нормален дијалог“, рече Путин. Според него, санкциите се голема грешка на САД. Во поглед на пишувањето на Њујорк тајмс за можните кибер напади против рускиот енергетски ситем, Путин нагласи дека светот е заемно поврзан и заемно зависен. Русија им предложила на САД да почнат дијалог за правилата во кибер пространството, но разбирлив одговор од Вашингтон не е добиен. А на прашање дали ќе има војна меѓу САД и Иран, Путин рече дека не разбира зошто него го прашуваат. „Ние не знаеме. Не би сакале, секако. Но САД не исклучуваат примена на воена сила. Тоа би било катастрофа за регионот“, одговори Путин.

Интересно беше и едно „современо“ прашање од страна на руски блогер. Стана збор за законот за „лажни вести“. Според блогерот рускиот народ верува во секоја лага што се појавува во социјалните мрежи и ја нарекува новост. А таа новост е модерно да се нарече „фејк“. Тој додаде дека на Запад има кривична одговорност за распространување на лажни вести, па праша „нели е време такво нешто да се воведе и во Русија?“ Според Путин проблемот постои, но треба да се види примената на законите во практиката, па после тоа да се направи нешто дополнително во таа насока. Во поглед на законот за интернетот. Путин нагласи дека не станува збор за ограничување во интернетот. Рускиот закон, според него, е насочен во поддршка на стабилна работа на рускиот сегмент на интернетот. За да не се случи нешто како со кинеската компанија Хуавеј за која САД донесоа решение да и ја ограничат работата.

Имаше прашања и за соработката со Украина. Посебно со претсседатлот Владимр Зеленски. Путин смета дека едно е да глумиш, а сосема друго да водиш држава. Отказот на Зеленски да води дијалог со претставниците на Донбас не кажува како Зеленски има намера да го решава тоа прашање. А во меѓувреме се засилува блокадата на Донбас, се зголемува бројот на истрелите...

Конечно имаше и едно прашање за претседателствувањето на Путин. Тој одговори дека нему не му досадило да биде претседател. Инаку не би се кандидирал по четврти пат. Не го прашаа дали ќе се кандидира и по петти пат? Во Русија веќе има код-„2024“, годината кога му истекува мандатот на Путин. Во изминатиов период имаше пробни балони за менување на уставот, кои некои ги толкуваа како подготовки за создавање можност Путин одново да се кандидира за претседател.

Што и да се каже, „Директната линија“ е убава можност некој да се обиде да дојде до претседателот, под услов неговото прашање да го мине филтерот низ кој се просејуваат над два милиони прашања. Можност нешто од она што се зборува кај народот да стане јавно и да дојде до ушите на претседателот. А колку и како тој ќе ги искористи прашањата за подигање на сопствениот рејтинг, ќе покаже некое наредно истражување. Само пак да не ги караат стражувачите.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Промена на изборниот модел, за рушење на султан партиите

Промена на изборниот модел, за рушење на султан партиите

Бугарското кокетирање со Русија носи плодови

Бугарското кокетирање со Русија носи плодови

Нешто важно недостига во предлогот за оданочување на моторни возила

Нешто важно недостига во предлогот за оданочување на моторни возила

Какви последици остава перењето пари врз националната економија

Какви последици остава перењето пари врз националната економија

Чичко пушти летки

Чичко пушти летки

СЈО УМРЕ, МАГАРЕТО ( ПРАВДАТА) СЕ МАЧИ НА ЗЕЛЕНАТА МАСА

СЈО УМРЕ, МАГАРЕТО ( ПРАВДАТА) СЕ МАЧИ НА ЗЕЛЕНАТА МАСА

Се подготвува сечење на „Доњецкиот јазол“

Се подготвува сечење на „Доњецкиот јазол“