ДИРЕКТОРСКИ ПРОМЕНИ ВО КИЧЕВСКА ФИРМА ЗА ЛЕБ - со добивката ќе се покриваат загуби од минати години
Објавено во: Економија 16 Јуни, 2023
Директорски промени се случуваат во компанијата од млинско-пекарската индустрија „Жито Караорман“ од Кичево.
Оваа компанија на 17 идниот месец ќе одржи Собрание на акционери, а на неа, покрај бројните други одлуки кои што треба да се донесат и кои сега се само во фаза на предлог, е и разрешување на досегашните директори, и избор на нови.
Засега, иако до акционерите на компанијата е објавен јавен повк за одржување на Собранието, имињата на новите директори не се соопштени во предлог одлуката, туку на нивните места е оставен празен простор, што значи дека или не се избрани и по таквите кадровски решенија се уште се трага, или тие се познати, но засега се одлучило да останат во тајност.
„Се разрешуваат досегашните членови на Одборот на директори, Марјан Максимоски, поради поднесена оставка, Софронија Миладиноски и Слободан Јовески. Оваа Одлука влегува во сила со денот на донесување… Се именуваат нови членови во Одборот на директори на МПИ Жито Караорман А.Д. – Кичево: ___________________________ – неизвршен член во Одборот на директори; - ___________________________ – неизвршен член во Одборот на директори; - ___________________________ – извршен член во Одборот на директори“, се вели во предлог одлуките за кои треба да гласаат акционерите на Собранието.
Инаку, работењето на досегашните директори на „Жито Караорман“ од Кичево, односно на Одборот на директори, но што се однесува за претходната, 2021 година, ќе биде одобрено на претстојното Собрание.
„Се одобрува работата и водењето на работењето на Друштвото од страна на членовите на Одборот на директори за 2021 година и тоа Софронија Миладиноски, претседател, Марјан Максимоски, член и Слободан Јовески, член“, е нагласено во предлог одлуката.
Уште една интересна одлука што треба да ја донесат акционерите на Собранието е онаа за распределба на дивидендата за ланската година. Притоа, се очекува дека акционерите ќе гласаат за одлуката остварената добивка во деловната 2022 година да се употреби за покривање на загуби од минати години.
Ќе се донесат и одлуки за одобрување и усвојување на Годишната сметка за деловната 2022 година, за одобрување и усвојување на Финансиски извештај за истата година, за усвојување на извештај од независен ревизор, како и за избор на можен ревизор за деловната 2023 година.
"Жито Караорман" АД Кичево, како што ја опишале нивната дејност на берзата, е една од водечките фирми во млинско пекарската индустрија во Република Македонија која располага со најсовремени машини за производство на брашно, леб и бели печива.
Инаку, согласно последната состојба од Централниот депозитар, Сретен Миладиноски е доминантен сопственик во компанијата со 50,67 отсто, потоа следуваат Селаудин Арифи со 23,52 отсто, а 5,09 отсто има Сашо Крстевски.
Н.Н.Ф.