05 Декември, 2025
0.0296

Доаѓањето на Трамп на власт го подотвори „прозорецот за можности“ за Русија на Балканот

Објавено во: Колумни 07 Јули, 2025 08:45

Добивај вести на Viber

Неделава во Русија треба да се публикува извештајот „Вонрегионални актери на Балканот“. Тој е подготвен од експерти од Рускиот совет за меѓународни работи(РСМД). Во него се анализира улогата и влијанието на надворешните играчи во регионот, Русија, ЕУ, Турција, САД и Кина. Во очекување на целиот извештај, во рускиот весник „Коммерсант“, кој дојде до него, се публикувани главните поенти на извештајот.

Според весникот, експертите дошле до заклучок дека „политиката на речиси сите надворешни актери во регионот е во ќорсокак или е во застој“, а тоа им дава можност на балканските земји да играат на противречностите на „големите сили“, извлекувајќи корист за себе. Во овој поглед, авторите на извештајот сметаат дека е „крајно неповолно“ за земјите од регионот да се потпираат на еден од надворешните играчи. Тие веруваат дека главната предност на Русија на Балканот се русофилските чувства на значаен дел од населението, особено во Србија, Република Српска, Бугарија и Црна Гора. Русија, според нив, „разумно се воздржала“ од спротивставување на плановите на државите од регионот за приклучување кон ЕУ, бидејќи таквата цел, „со оглед на нееднаквоста на ресурсите, би била недостижна“. Сепак, иако Москва се обидела да го спречи проширувањето на НАТО на Балканот, не успеала во тоа.

Кога ќе го видиме целиот извештај ќе знаеме дали експертите го тврдат општо познатото. А тоа е дека Русија го загуби Балканот уште во деведесеттите години, во времето на Борис Елцин, кога речиси сите држави од регионот декларира дека се приврзаници на евроатлантските интеграции. На еден руски експерт пред многу години му го кажав тоа, а неговиот коментар беше, „добро што тогаш не ја изгубивме државата“. Инаку експертите се свесни дека со почетокот на „Специјалната воена операција“ во Украина, би додале инвазијата и војната потоа, „драматично ја стеснило способноста на Москва да проектира моќ насекаде надвор од главната цел“, а тоа довело до зајакнување на позицијата на Западот на Балканот.

РУСОФИЛСКИ ЧУВСТВА

Експертите сметаат дека сепак, сликата „повторно радикално се промени со доаѓањето на власт на Доналд Трамп во Соединетите Американски Држави“, што повторно отвора „прозорец на можности“ за Русија во регионот! Во овој поглед, на власта во Москва ѝ се препорачува да „развие врски со пријателска Србија и Република Српска, обрнувајќи поголемо внимание на „меката моќ““, како и „вешто да развива русофилски чувства во владините кругови и општеството во Црна Гора, Бугарија и Грција“. Мошне амбициозно, но веројатно нивните сознанија им даваат право за ваквите тврдења. Експертите на РСМД ја гледаат основата на стратегијата на ЕУ на Балканот во политиката на проширување, а стабилизацијата на постконфликтната ситуација таму и прекинувањето на извозот на безбедносни закани кон Европската Унија преку овој регион, ги наведуваат како приоритети на ЕУ во регионот. Ова можеби е точно, но ЕУ, имам впечаток, во моментов е во дефанзива и не ги отстранува тие закани. Делува повеќе декларативно. А згора на тоа, на примерот со поддршката на Александар Вучиќ во Србија, создава основа за поттик на таквите закани. Да споменеме дека и Русија ја поддржува власта на Вучиќ.

Извештајот заклучува дека со почетокот на украинската криза и интензивирањето на конфронтацијата меѓу Западот и Русија, политиката на ЕУ на Балканот значително се интензивира, а проширувањето на Балканот стана „геополитички императив“ за ЕУ. Брисел се обидува да го компензира високото ниво на евроскептицизам во регионот со амбициозни планови. Така, во 2023 година беше предложен План за раст за Балканот, кој предвидува доделување на 2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра кредити за земјите од регионот до 2027 година. Експертите констатираат дека за возврат, Европската Унија бара од балканските држави да ги усогласат своите надворешни политики со политиката на ЕУ. Па во таа насока се споменуваат Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Косово, кои постигнале таква усогласеност. Авторите на извештајот не сметаат дека е можно Србија и Република Српска да се приклучат на линија на надворешна политика, што вклучува целосно прекинување на односите со Русија.

Во поглед на политиката на Турција на Балканот во извештајот се вели дека, регионалните интереси на Анкара дојдоа во конфликт со целите на Брисел на Балканот во последните години. Со избувнувањето на непријателствата во Украина, турската активност на Балканот „доби нов тон“, а балканската турнеја на претседателот Реџеп Таип Ердоган есента 2022 година ги покажа „обновените претензии на Анкара за улогата на „дипломатски центар“ за решавање на политичките прашања во регионот“. Турција ги поддржа речиси сите колективни регионални иницијативи за обезбедување стабилност во регионот. Економскиот развој на балканските земји стана камен-темелник на балканската политика на Турција. И турската политика во регионот е неразделно поврзана со заедничкото културно наследство и минато. И ако порано Турција се фокусираше на развивање на односите со поединечни земји и општествени слоеви на Балканот, во последниве години се префрли на стратегија на проширување и интензивирање на врските со целиот регион. Оваа констатација на експертите е точна. И таа не се однесува само на Балканот, туку и на Централна Азија. Таму е воспоставена дури и директна воена соработка. Со Азербејџан, на пример, во борбите за протерување на Ерменците од Нагорно Карабах. А сега и со нови закани за Ерменија. Значи некаде со „мека сила“, некаде со пари, инвестиции и некаде со оружје Турција се обидува да го врати своето величие. Но, тоа не е нејзин проблем. Тоа е проблем на кандидатите за влез во ЕУ.

НАДЕЖ ЗА РЕГИОНОТ

Интересна е констатацијата во извештајот дека  Соединетите Американски Држави можеби се заинтересирани за зајакнување на стратешката независност на балканските земји и нивно отстранување од директната контрола на Европската Унија. Експертите сметаат дека ставот дека новата американска стратегија на Балканот може да се изгради околу Србија, како централна земја на регионот, а Белград се смета за еден од главните партнери на САД во регионот, „не е без основа“. Во исто време, и покрај фокусот на новата американска администрација на економските интереси, трговскиот промет на САД со балканските земји е инфериорен во однос на оној на ЕУ, Кина и, во некои случаи, на Турција. Севкупно, според „Коммерсант“, извештајот заклучува дека, наспроти кризните трендови во политиката на проширување на ЕУ на Балканот, промената во раководството на САД им дава надеж на земјите од регионот за зголемување на нивната меѓународна тежина! Сепак, експертите констатираат дека сега „зборуваме само за потенцијални чекори на новата американска администрација, додека сè уште не се донесени никакви одлуки.“

Конечно и Кина. Интеракцијата на Кина со балканските земји, како што е наведено во извештајот на РСМД, се спроведува во три области. Првата и главна е форматот „16+1“. Втората е интеракција во рамките на иницијативата „Појас и пат“. Третата се проекти во рамките на билатералната интеракција, која, како што истакнуваат експертите, „земјите не се склони да ја рекламираат, плашејќи се од санкции од ЕУ“. Кина ги гледа балканските земји како еден вид прозорец за пенетрација на кинески стоки и капитал во Европа, како и отскочна даска за понатамошна економска експанзија. Според авторите на извештајот, Србија има најголемо транзитно значење за Кина, која е главен партнер на Кина меѓу балканските земји. Во делот за Кина авторите заклучуваат дека „политиките на речиси сите надворешни актери во регионот во голема мера стигнаа до ќорсокак или барем се во застој, што отвора „прозорец на можности“ за балканските земји да играат на противречностите на „големите сили“ и имаат корист од нив“. Затоа, експертите веруваат дека „е крајно неповолно за земјите од регионот да донесат конечен избор во корист на еден од надворешните играчи, бидејќи тоа веднаш ќе ги ослободи од значителен дел од нивниот суверенитет и ќе ги лиши од широко поле за маневрирање“. Значи повторно да се игра како Вучиќ!!! Односно отказод само  со ЕУ,  со САД, со Русија, со Кина..Да се игра со сите!!! Блазе си му кој може. И кој е во позиција да игра така. Ердоган на пример.

Што може да се заклучи од она што презентираше „Коммерсант“ од извештајот на РСМД за „Вонрегионалните актери на Балканот“. Главните играчи се добро позиционирани. Ја нема Велика Британија, која сега се обидува да влијае со својата политика во овој дел од Европа. Можеби е задоцнета, но според суштината на извештајот и таа го користи моментот на промената на власта во САД, па и за неа се подотвораат  „прозорци за можности“, како и за Русија. Експертите се едногласни дека централна точка околу која се вртат политиките на надворешните сили е Србија. Вучиќ не се потпира само на еден партнер. Односот и на Русија и на САД и на ЕУ и на  Кина и на Турција кон Србија, а утре можеби и на САД, како главен партнер е поткрепен. Од некои со „мека сила“, од некои со пари, од некои и со едно и со друго. Не знам колку  русофилските чувства ќе и’ помогнат на Русија за спроведување на нејзината политика на Балканот.
Каде е Македонија во сето ова? Според презентираното, таа не е спомната меѓу земјите русофили, со кои Русија треба да развие врски. Во прв ред „со пријателска Србија и Република Српска, обрнувајќи поголемо внимание на „меката моќ““, како и „вешто да развива русофилски чувства во владините кругови и општеството во Црна Гора, Бугарија и Грција“. Македонија во текстот на „Коммерсант“ е спомната како приврзаник на политиката на ЕУ, со придружувањето кон санкциите на Унијата кон Русија. И ништо повеќе. Веројатно во извештајот ќе има нешто повеќе. Не е лошо нашиве дипломати да го прочитаат извештајот, како што, верувам, читаат и други извештаи. Можеби ќе најдат некои „прозорци за можности“ и за нас. Па да си извлечат заклучоци кои ќе помогнат во градењето на македонската надворешна политика.


Мирче Адамчевски  


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?