Добиваше милионски тендери, а сега државата му ја одзема лиценцата на „Тритерол Петрол“
Објавено во: Економија 07 Март, 2022 07:30
Регулаторната комисија за енергетика започна постапка за одземање на лиценца на Тритерол Петрол Скопје, трговецот на големо со дизел, биодизел, бензин, екстра лесно масло и течен нафтен гас.
Од РКЕ објаснуваат дека компанијата на Љупчо Пецов во декември при надзор од Државниот пазарен инспекторат не поседувала оперативни резерви на нафта и нафтени деривати. Во меѓувреме Тритерол Петрол Скопје не поднел приговор на оваа одлука, а регулаторот за да ја сопре постапката му доделува рок да поднесе доказ дека има резерви.
„Се задолжува носителот на лиценцата на Друштвото за производство, трговија и услуги Тритерол Петрол Дооел Скопје, во рок од 60 дена од денот на прием на оваа одлука да ги превземе сите потребни активности заради отстранување на причините поради кои е започната постапката за одземање на лиценцата и во истиот рок да достави доказ - Записник од Државен пазарен инспекторат на Република Северна Македонија, дека поседува оперативни резерви на нафта и нафтени деривати“, се вели во одлуката на РКЕ.
Државниот пазарен инспекторат на 17 декември ја утврдил состојбата, а на 5 јануари го известил регулаторот.
Пред нешто повеќе од две години засегнати установи испратија пријава до ДПИ дека „Тритерол петрол“ им доставува нафта за греење со сомнителен квалитет, односно неквалитетно екстра лесно гориво, наменето за греење на ученици, студенти и административни работници.
Во 2014 во случајот „Керозин“ семејството Пецови од Неготино беше осудено дека како злосторничка група преку неготинската фирма „Алма-комерц“ точеле помало количество нафта во институциите отколку предвиденото со договорите за јавни набавки и со тоа ja оштетиле државата за три милиони евра.
Годинава „Тритерол Петрол Скопје“ склучи повеќе договори со државни институции за набавка на масло за горење, а на 18 февруари го доби тендерот од Општина Штип од 2,5 милиони евра за набавка на нафта за греење на зградата на локалната самоуправа, основните и средните училишта и градинките.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




