25 Април, 2024
0.0290

Добри вести за добар крај на годината

Објавено во: Колумни 18 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

„Некогаш верував во Дедо Мраз. Потоа престанав да верувам во него. На крајот сфатив дека јас сум Дедо Мраз“.

Ќе ми простите, почитувани читатели, но навистина не можам да се сетам чија е мислата што ја изнесов на почетокот на колумната. Во крајна инстанца, воопшто не е битно чија е таа мисла, битна е нејзината порака. А пораката за Дедо Мраз е порака за љубовта, за радоста, за поделената среќа со блиските.

Кога сме кај Дедо Мраз и кај прославата на божиќните и новогодишните празници, морам да признаам дека отсекогаш сум се восхитувал на земјите кои се наоѓаат западно од нас. Оние земји каде што улиците и плоштадите се украсени речиси еден месец пред прославата на Божиќ и Нова година, оние земји каде што продавниците и трговските центри дишат во празнично расположение и просто го привлекуваат граѓанинот да влезе во нив, да ги разгледа, да ја почувствува атмосферата и да излезе со полни торби.

Ако сакате, можеме да ги оставиме на страна и улиците и плоштадите и трговските центри. Сето тоа е материјално и може да се реализира со пари. Има нешто што е многу поважно. Расположението на луѓето во тие земји е соодветно за овој период од годината. Сјајот во нивните очи и насмевките на нивните лица зборуваат за уште една (помалку или повеќе) успешна година. Зборуваат за малите или големите радости што ги доживеале во годината што е на заминување, за желбите и сеќавањата, за позитивната енергија што ја шират наоколу и што ја добиваат од луѓето што се слични на нив.

Дали е и кај нас така? Да? Не? Можеби?

Пред некој ден си дозволив да се појавам во јавноста со црвена кравата. За вкусовите не треба да се коментира, посебно не за вкус за бои, но бев длабоко уверен дека бојата на мојата кравата е адекватна на божиќните и новогодишните празници што се приближуваат. И што се случи? Многу мал дел од познаниците направија компарација помеѓу бојата на краватата и Дедо Мраз. Доминираа коментарите со политичка, верска и социјална конотација.

Можеби ќе звучи како фраза, но сепак ќе го поставам прашањето: Зошто е тоа така? И до кога?

Зошто не можеме, не сакаме или не знаеме да им се израдуваме на празниците на кои им се радува целиот свет? Зошто доминираат негативните емоции? Зошто луѓето заборавија да се сакаат помеѓу себе? Кој ја украде насмевката од нивните лица?

Некој можеби ќе рече дека им е лесно на луѓето од Запад. Демек, тие имале многу пари. Таму граѓаните ги решиле сите свои материјални и нематеријални проблеми, останува само државата да им гарантира дека еден ден ќе добијат на лото. И уште, дека таму на политички план нема никакви проблеми, а економските и социјалните параметри се на толку високо ниво, што по улиците тече мед и млеко. Па затоа луѓето таму биле расположени и насмеани.

Е па, не е така. Во најголемиот дел од земјите кои се наоѓаат западно од нас, луѓето не се премногу загрижени, ниту пак оптоварени со високата политика и со економските и социјалните параметри. Тие прашања им се оставени на оние кои што земаат плата за тоа. Најголемиот дел од луѓето на Запад знаат да уживаат во личните радости: новородено дете, нов стан или автомобил, унапредување на работното место, прошетка на омилената дестинација и сл.

Ние не можеме да опуштиме и да им се израдуваме доволно на личните работи. Или поточно кажано, не ни дозволуваат да израдуваме со целото свое срце и душа. Зошто? Отворете ги весниците, вклучете го телевизорот или радиото и веднаш ќе го добиете одговорот. Сите читаме и слушаме за проблеми од глобален интерес, а нашата лична среќа ја оставаме во втор план. Како да очекуваме некој друг да се радува и да прославува место нас. И за новороденото дете и за новиот стан и за милион други убави работи.

Затоа, драги мои, барем во следните триесетина дена кога ги прославуваме нашите најголеми празници, да се обидеме да бидеме среќни и весели. Да се потрудиме да заборавиме на политичките и економските проблеми, на козата на комшијата и на оние што се обидуваат да ни ја украдат насмевката. Ќе биде подобро за сите нас!

Во некои земји постојат посебни медиуми кои емитуваат само добри вести. И нам ни треба таков медиум. Верувајте, добрите вести се насекаде околу нас, само треба да им дадеме шанса.

А додека не се формира посебен медиум, секој од нас нека биде оној што ќе шири добри вести. Или што ќе емитува добри вибрации. Како во старата добра песна на Јура Стублиќ.

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД