28 Ноември, 2024
0.0276

Добро е што доминираат домашните инвестиции, но тоа е недоволно

Објавено во: Колумни 17 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Во очекување на поголем прилив на странски инвестиции, како лек за сите наши општествено-економски проблеми, со години се занемарува значењето на домашните инвестиции. Проблемите со ниската акумулативност на домашното стопанство и неповолната структура на инвестициите во земјата, со кои се соочуваат домашните инвеститори, остануваат занемарени пред „налетот“ на привилегиите кои се нудат за  странските инвестиции. Впрочем се‘ ми се чини дека се однесуваме како само со странски средства  да може да се обезбеди задоволителен развој  иако нивното учество во вкупните инвестиции во континуитет се намалува, а на домашните се зголемува, но, за жал,  се‘уште недоволно за да се оствари задоволителен раст. Од необјасниви причини избегнуваме да го признеаме фактот дека економскиот раст во економијата мора да се базира пред се‘ на домашна акумулација,  додека странската е само дополнителна. Според податоците од 2011 година, во вкупните инвестиции на земјата, странските инвестиции учествуваа со само 25% , додека домашните претставуваа  три четвртини. Се разбира, добро би било доколку странските инвестиции го зголемат своето учество во вкупните инвестиции. Уште подобро ќе биде доколку тоа се случи, во исто време, ако се зголемува и домашната акумулација. Меѓутоа, проблем е што и домашната и странската акумулација заедно веќе две децении не се доволни земјата да оствари стапки на раст со кои ќе се оттурне од дното на сиромаштијата во Европа. Економските  анализи потврдуваат дека само со стапка на вкупни инвестиции од 24-25%  од БДП, растот на националната економија може да се зголемува за 4%, што е долен праг на економски раст кој што отвора перспектива за постепено намалување на јазот во развиеноста со земјите на ЕУ, во чија пазарна орбита очекуваме да влеземе во релативно блиска иднина. За жал ваквиот раст е остварен само во неколку години во изминатите две децении. Овој исход е последица на тоа што само, во две години, вкупните инвестиции го надминаа учеството од 20% од БДП (2008- 21% и во 2011-20,5%). Од 1998 до 2006 година вкупните инвестиции учествуваа во БДП од 14,8% до 17,6%.  Во зголемениот удел поголемо е учеството на домашните отколку на странските директни инвестиции. Тоа значи дека резултатот е несразмерен со напорите што се вложуваат за привлекување на странски директни инвестиции. Од 2007 до 2011 година учеството на странските инвестиции во вкупните инвестиции во земјата се намали од 38,4% на 24,7%, додека учеството на домашните инвестиции се зголеми од 61,6% на 75,3%. По минатонеделната информација од Светска банка дека, покрај Србија, Македонија има најголем пад на странски директни инвестиции во 2012 година во однос на претходната (намалување од 71%) слободно може да се каже дека „честа“ во секторот на инвестициите ја бранат домашните инвеститори. Ваквите резултати не ја негираат потребата за натамошни напори за привлекување на странски директни инвестиции. Меѓутоа, тие укажуваат дека е нереално да се очекува нивно зголемување во обем да се остварат задоволителни стапки на раст во подолг период. Малку се земјите кои со релативно големи странски директни инвестиции остваруваат високи стапки на раст. Некои од нив, во екот на кризата, кога дел од тој капитал се повлече во домицилните земји, се најдоа во многу неповолна развојна ситуација (високи дефлаторни притисоци). Наспроти тоа, задоволителна динамика на раст, и во услови на криза, одржаа земјите во подем (брзо растечките земји) кои се потпираат, пред се‘, врз сопственото штедење, врз сопствената акумулација. Затоа сметам дека зголемувањето на домашните во вкупните инвестиции е добар знак дека домицилните бизнисмени, и покрај неповолното опкружување, ги зголемуваат средствата за инвестиции. Проблем е, меѓутоа, тоа што бавно се менува структурата на инвестициите. Во изминатиот период од осамостојувањето на земјата, само во десет години инвестициите во машини и опрема го надминаа учеството во вкупните инвестиции од 40%. Во оваа структура доминираат вложувањата во градежни објекти, кои во некои години надминуваат и над 60%. Ваквата  позиција е неповолна од аспект на создавањето на профит и зголемување на акумулацијата за нови инвестиции. Вложувањето во градежни објекти е потребно, меѓутоа, само зголемувањето на вложувањата во машини и опрема, во нови техники и технологии може  да го забрза растот и да се зголеми акумулативната способност на фирмите. Се чини како  бизнисмените да немаат интерес да го зголемуваат обемот и квалитетот на производството што го овозможува употребата на нови машини и опрема. Но, тоа не може да биде точно. По природата на нивната функција тие се заинтересирани да го зголемуваат обемот и квалитетот на производството, но не по секоја цена, особено не ако тоа не резултира со пораст на добивката.  Што тогаш домашните инвеститори ги колеба да се ангажираат во таа насока?  Сигурно е дека не се работи за ограниченост на пазарот, бидејќи странските инвеститори ги привлекуваме со можностите за пласман на огромниот европски пазар од територијата на земјата. А ако не е пазарот, тогаш, секако, е цената на производството. Крајно време е да се преиспита ценовната конкурентска способност, барем на потенцијалните извозници, кои имаат можност да го зголемат обемот на производството за извоз, со цел да им се пружи соодветна поддршка. Неодговорно е да се очекува дека извозниците ќе се впуштат во динамизирање на производството и извозот, ако притоа остваруваат загуби или недоволна добивка од која би ги сервисирале обврските поради набавката на нова опрема и машини. Во овој комплекс на односи се доаѓа до одговор на прашањето зошто кај банките има средства за финансирање на добри проекти, но не се користат, а се отвора и пандорината кутија за недоволната профитабилност на проектите- цените, каматите, курсот или менаџирањето со фирмите. И оттука, време е за комплексно и  сеопфатно решавање на сите овие проблеми, затоа што очигледно е  дека секој од нив во изминатиот период го кочеше порастот на инвестициите до ниво кое би гарантирало задоволителен раст и одржлив развој. Д-р Крсте Шајноски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.