29 Март, 2024
0.0321

Доцна стигна Вучиќ, на Косово поле

Објавено во: Колумни 12 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

На самитот во Сараево во процесот за соработка во Југоисточна Европа,  Косово, не беше покането со изговор дека оваа држава ( Босна и Херцеговина) не ја признава косовската независност. Старите балкански духови се разгорија, а како солидарност, ниту Албанија не прати официјален државен претставник на оваа официјална средба на балканските лидери. Ќе се најде ли јунак, да го одврзе заплетканиот косовски јазол?

После затворањето на една од трите т.н невралгични точки на Балканскиот Полуостров, односно решавањето на  македонско-грчкиот спор околу нашето име ( проблем кој беше третиран на меѓународно ниво, и ја попречуваше евроатланската интеграција на земјава), преостанаа да се „ затворат“ уште двете: статусот, односно создавање на институционално функционална федерација Босна и Херцеговина, и  решавање на косовското прашање, т.е „ српско-албанскиот “ историски  спор. Многумина не веруваа дека спорот за името, некогаш и ќе се реши; имено станува  збор за тотално апсурден и ирационален спорт, каде што една држава многу помоќна од секој можен аспект, политичко-економски, инфраструктурен, особено воено-безбедносен од својата помала сосетка, и го наметнува проблемот за користење на нејзиното уставно име, аргументирајќи пред целиот свет, дека  користењето на  истото претставува иредентизам и загрозување на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Нејсе, „ чудото“ се случи, на незадоволство на поголемиот број на граѓани и во Македонија и во Грција. Веројатно, тоа е „ рецептот“ за решавање на балканските  тешки меѓуетнички и меѓудржавни проблеми.

Животот не е фер, камо ли меѓународната политика

Невозможно е да се одврзе косовскиот јазол, ако меѓународната заедница смета дека ќе се задоволат двете страни. Напротив, треба и двете да бидат незадоволни, никој да нема чувство на триумфализам, за да се реши трајно овој вековен спор. Како може да се реши косовскиот спор, кога  косовската ( албанската) и српската страна навидум имаат крајно спротиставени, дијаметрални ставови? Во суштина, Косово е завршена приказна. Со едностраната прогласена независност, во 2008 година, денеска оваа поранешна југословенска покраина, е држава, призната од повеќе од 2/3 земји членки на ООН, и покрај тоа што не е самата членка на ООН, поради добропознатите причини: ветото од Русија, но и од Кина за прием на Косово во светската организација. Тогаш  кој е проблемот  навидум нерешлив помеѓу косовската и српската политичка елита? Едноставно, двојниот, хаотичен суверенитет на „ Северно Косово“, кое територијално и географски припаѓа на Косово, но административно и институционално, припаѓа и на Србија и на Косово. Косовските власти, сакаат трајно да го инкорпорираат овој свој територијален дел под суверенитетот и институционалниот интегритет на својата држава, но српските власти, поучени од горкото минато, не дозволуваат преостанатите етнички Срби на Косово, да ги изгубат своите директни економски и политички релации со матицата Србија. Во морето предлози, идеи и аргументи за статусот на Косово, секако најзастрашувачка е онаа за „ размена на население и територии“, со која се предвидува четирите севернокосовски општини , со доминантно српско население  да бидат припоени кон Србија, а југозападните српски општини, со доминантно албанско население да бидат припоени кон Косово. Овој план е до толку невозможен, бидејќи, ем  српските власти не ја признаваат независноста на Косово, ем не би дозволиле дел од својата територија, да биде предадена на друга држава која тие не ја признаваат, и второ, истиот не може да се спроведе во мирнодопски услови. Тензиите кои би настанале во таква предвидена хипотетичка ситуација како решение наметнато од  западните центри на моќ, бргу би прераснале во нови меѓуетнички тензии и пресметки, кои  лесно може да  дадат нови цивилни жртви, и да предизвикаат поширока дестабилизација на целиот регион.

Неодржлив план на долг рок

Од  друга страна планот на Марти Ахтисари, поранешниот специјален претставник за статусот на Косово, кој го создаде планот за „ надгледувана “ независност предвидуваше три постулати:  1. Ситуацијата на Косово, не смее да биде вратена пред  1999 ( бомбардирањето на НАТО, и преземањето на суверенитетот на Косово од страна на НАТО сојузниците), 2. Косово не смее етнички да се подели, 3. Косово не смее да се припои кон соседна држава ( читај соседната матица Албанија).  Тогаш каде, помеѓу овие три постулати Александар Вучиќ и Хашим Тачи може да го најдат решението? Србија да ја признае независноста на Косово, во замена за „ побрз влез во ЕУ“? Видовме колку  „ Северна“ Македонија, ги започна преговорите со ЕУ, и колку тоа ја ставија европските челници на брз колосек за интеграција, променувајќи си го уставното име во замена за ветена европска иднина. Откажување на Албанците од полноправно членство на Косово во ООН? Косово е дел од многубројни мултилатерални организации, од спортски до културен аспект, и тука  се води „ дипломатска војна“, за спречување/ влегување на Косово во овие организации.

Донесете други деца

Испреплетеноста на односите помеѓу центрите на моќ, во овој момент не навестуваат скорешно трајно решение за статусот на Косово. Поголемиот православен брат  (Русија), политички, дипломатски, економски, пред се воено стои позади интересите на помалиот ( Србија), па оттука, точката на топење кај српската политичка елита, како таа кај македонската, е или многу мала, или воопшто не постои. Од друга страна, западните центри на моќ ( пред се Германија), притискаат да се затвори прашањето за Косово, но  немаат толкав „ капацитет за притисок“ врз двете страни. Во случајот на македонско-грчкиот спор, картите беа однапред  поставени, за да бидат отворени пред очите на целиот свет ( постигнувањето на Преспанскиот договор). Двата политички лидери, „ охрабрени“ од своите „ стратешки “ пријатели, собраа храброст да го архивираат едно од најгорливите прашања на Балканот, на своја политичка штета. Едниот веќе ја плати цената на избори. Сепак, другите два лидери  кои се најголеми заложници на косовскиот проблем, не се од македонско-грчкиот „ков“ на политичари, кои го решија проблемот. Дали  меѓународните „ стратешки пријатели“ ќе бараат, односно ќе работат на инсталирање на „ други деца“, подготвени да се соочат со непознатото ( решение на косовското прашање), за конечно оттргнување на темните облаци над Балканот, или пак ќе ја остават ситуацијата да биде како и досега „ ни на небо, ни на земја“, времето ќе покаже. Едно е јасно, замрзнатиот косовски проблем, е во интерес  само и единствено на ретроградните и деструктивни сили на Балканот, во сите земји, подложни на дестабилизација. Сонувачите на големите држави во овој регион, не се малку, и одново се подготвени да има „ крв до колена“, за да се оствараат сништата:  Србија од „ Бања Лука до Врање“, или  Албанија од Улцињ до Превеза, и од Струга до Пеќ“.

Македонија има сопствен интерес, наспроти косовско-српскиот

 Во сите овие „ комбинаторики“, Македонија, како по навика од минатото, е „монетата за поткусурување“  на интересите на соседните земји ( а со тоа и на големите сили). Македонските политички елити, без разлика на сопствените примитивни, балкански кавги и меѓусебни обвинувања, мора да работат , со сите сили на што поскорешно полноправно залченување во НАТО, пред отворање на прашањето за конечно затворање на статусот на Косово. Кога ќе се отвори косовската пандорина кутија, ќе излезат сите зла, но тешко дека надежта ќе остане. Во тој момент, Македонија мора да биде полноправна триесетта земја членка на НАТО, бидејќи само на тој начин ќе биде загарантиран нашиот територијален интегритет и суверенитет, не плашејќи се , дека ќе бидеме односно објект на зелената маса. Временскиот цајтнот е причина повеќе, токму во овој момент, извесното членство во НАТО, да го претвориме во наша реалност на самитот на Алијансата во декември, и за тоа одговорност треба да понесат сите: и од власта, како и од опозицијата, работејќи исклучиво по остварување на стратешката цел. 

Благојче Атанасоски, политиколог

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?