Додека децата ни стануваат насилници, жртви и пациенти
Објавено во: Колумни 19 Декември, 2019
Ние родителите
Во огромни количини, разгалуваме или дресираме, па се правдаме дека во овој век воспитаните не се снаоѓаат. Потоа, такви невоспитани, тие деца се магнет за други невоспитани со кои „среќно“ ќе си живеат.
Вриштиме – Оди во соба да учиш! Не е важно што никој не им покажал како се учи. И онака, треба да ја научат лекцијата од учебник, од кој ниту еден возрасен не би ја научил.
Висиме пред разни екрани. Меѓудругото, има толку „бомби“, за сеир. Подобри се од сите турски серии на купче. Децата, пробуваат да ја надминат продукцијата, снимајќи се како дивеат, се тепаат и исто како нас, си гледаат сеир. Можеби се фрустрираат затоа што не успеваат да нè претркаат? Има време. Секако ќе станат наши копии.
Висиме и во вибер групите на родители. Многу често ги напаѓаме туѓите деца, наместо проблемите кои возрасните треба да ги решаваат. Децата прават проблем, за ние да решиме проблем. Не го капираме апелот за помош.
Уживаме во детските роденденски прослави. Можеме појачано да ги озборуваме воспитувачките и наставничките. Знаеме сè за нив и сè подобро од нив. Ама ако, тоа озборување е групна терапија. После, ко ќе ги видиме, во најголем број само си се смешкаме, си трепкаме и никого не замараме.
Креативни сме да измислиме казна и времетраааееење на казната. Има и такви, кои се надминуваат во креативноста, па пронаоѓаат нешто што боли повеќе од каишот. И да, многу се нервираат кога пак мораат дооолго да казнуваат и да ги тепаат децата, за нивно добро...
Ете затоа, ние родителите немаме време да најдеме време и енергија, за да воспитуваме. Време за разговор со сопствените деца. Активно слушајќи.
Ние учителите
Ги подготвуваме учениците за следниот тест, наместо за живот.
Велиме ,,така пишува во учебникот“ и на децата им „предаваме“ .
Ги учиме да се натпреваруваат со другарите, а не секој да се труди да биде подобар од она што бил.
Фалиме творби од едни исти, кои според нас се најубави. На останатите им кажуваме повеќе да се потрудат следниот пат, за да бидат како избраните. Така им билдаме самодоверба.
Имаме уплав од оние родители за кои уличните правила владеат насекаде. Само молчиме кога ни објаснуваат дека токму тие ги учат сопствените деца ако некој ги пипне – веднаш да вратат. Не ни помислуваме да ги прашаме, дали и дома мора веднаш да го учукаат братчето, сестричката, или нив ако им згрешат. Се тргаме, за да не осамнеме на насловна или на вести.
Соучесници сме во лудоста многу од децата со попреченост, да прават нешто што не разбираат, наместо да развиваат потребни животни вештини. Градиме уште поголеми бариери за најранливите на кои им е потребна и најразлична индивидуализирана поддршка, наместо маратонско време поминато во училница.
Уште кажуваме дека баш секој ако го загрее столчето, може да биде успешен во сè. Успехот го изедначуваме со петки и „секој може ако не е мрзлив“. Со полни табли и полни тетратки. Не веруваме дека децата можат да имаат различни патеки до сопствените врвови, без седење на минатовековното столче.
Најважно ни е учениците да се присутни и да ги дочуваме. Зошто не ни е приоритет вистинското инклузивно образование кое покрај присуство, значи и различно учество, благодарение на кое секое дете ќе има постигнувања?
Ете така, ние учителите шлајфуваме во воспитно-образовниот процес, кој сè помалку е воспитен. Дипломите не ни носат безусловен авторитет и почитување. Е, и тоа се заработува.
Ние непаметните возрасни
Ние, родителите и учителите, сме најважни возрасни во сечие детство. Нашето воспитно влијание е пресудно во предучилишната и раната училишна возраст. Воспитувањето е многу важно за сè што можат да бидат и да постигнат денешните деца, кои утре некого ќе воспитуваат! Додека сме вакви, недоветни, многу им е лесно на евтините политиканти. Со децении, прават коалиции за реформи во образованието, со амбалажа „во најдобар интерес на децата“ . Не само ко ќе се смени власта. Доволно е да се смени министерот од истата владејачка гарнитура. Со леснотија, секој неуспех, без трунка срам можат да го изверглаат како национален или патриотски успех и да си останат баш гарнитура.
Додека децата ни стануваат насилници, жртви и пациенти, ние, родителите и учителите сме непаметни возрасни. Можеме да почнеме со промени, ама мора секој да почне од себе, работејќи на своите родителски или учителски вештини. Ќе боли, но вреди. Поважно е од секој економски бум што го ветуваат оние од гарнитурите со прашина.
Да се менуваме. Дома, повеќе да разговараме и активно да слушаме, за да воспитуваме преку позитивно внимание. Во училиштата да креираме нејразлично учество за усвојување знаења, вештини и ставови. Да бИраме политичари од кои ќе бАраме - наместо да прават коалиции со оние со дипломи од трафика, да направат консензус – поважна од секоја друга писменост е емоционалната писменост на децата и младите. Најважно ни е нивното ментално здравје! Поважно од секој економски бум. Од резултатите на секое меѓународно рангирање. Е, дури тогаш, можни се реформи, кои ќе бидат ПОДДРШКА за сите деца, па поддршка за семејствата и училиштата. Да, промените ќе нè болат, ама нема воспитување без функционално родителство и компетентни наставници. Како што нема здравје, без ментално здравје.
Тешко децата, ако не се помериме. Ако продолжиме да се давиме во оваа патолошка хомеостаза, вакви непаметни, а најважни возрасни за нивниот здрав и среќен раст и развој!
Елизабета Петровиќ, родител и учител
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.