Додека се подготвува самитот меѓу Трамп и Путин, САД „влегоа“ во Јужен Кавказ
Објавено во: Колумни 11 Август, 2025 11:17
Пропаганда пуштена на максимум. Желби еден куп. Барања не помалку. Сите дознаваат, ама не знаат. Се вклучија и букмејкерите. Се’ ова се врти околу темата број еден од 8 август. Денот кога американскиот претседател, Доналд Трамп, ја најави средбата со неговиот руски колега, Владимир Путин на Аљаска, што треба да се одржи во петок, на 15 август. Путин ќе биде првиот руски претседател кој дошол на Аљаска. Инаку, Никита Хрушчов беше првиот генерален секретар на КП на Советскиот Сојуз, кој ја посети Америка во шеесеттите години од минатиот век.
Има многу симболика во изборот на Аљаска. За Американците да им ја покажат на Русите некогашната нивна територија, а пак Русите да им покажат на Американците дека се нивен најблизок сосед, надвор од американскиот континент. Растојанието меѓу двете земји е од четири до 100 километри. Пред десетина дена имаше две изјави, приватни, од јавни личности од САД и Русија. Американецот предлагаше САД да купат од Русија острови во Беринговото море, за да ја спречат кинеската експанзија на север, а русинот, пак, Русите да ја купат и да си ја вратат Аљаска во својот состав. Апсурди, но и тие се дел од политичкиот колорит.
Кога сме кај колоритот, најновото вчера дојде од Вашингтон. Најверојатно новиот претседателски кандидат, сега потпретседател на САД, Џеј ди Венс, во едно интервју даде неколку изјави за преговорите за Украина. Според него, најавените преговори меѓу Трамп и Путин се значаен пробив на американската дипломатија. САД се стремат кон решавање на руско-украинскиот конфликт водени од тековната линија на фронтот. Трамп не е уверен во успех на преговорите за Украина, но смета дека е неопходно да им се даде шанса. САД се наоѓаат во процес на усогласување на времето, кога Путин и претседателот на Украина, Владимир Зеленски можат да седнат на преговарачка маса, но тоа да биде продкутивно, ако може и пред средбата на Путин со Трамп. Белиот дом ќе се труди да најде решение, кое ќе ги задоволи и Русите и Украинците. На крајот од краиштата, двете страни, веројатно нема да бидат задоволни.
ВОЈНАТА ВО РАЦЕТЕ НА ЕВРОПА
Венс кон крајот на минатата недела беше во Лондон, каде што имаше средба со европски дипломати, и претставници на Украина. Од таму не дојде никакво конкретно соопштение, освен желбите на Европа и таа заедно со Украина да биде вклучена во преговорите и дека прво треба да има прекин на огнот, па тие да се водат. Но според она што Венс го даде во интервјуто, работите немаа да бидат така лесни за Европа. Тој им порача на Европјаните:„ Прво, Украина е задниот двор на Европа. Вие момци треба да истапите напред и да си земете поголема одговорност. Вие треба да имате поголема улога во финансирањето на Украина. Ние завршивме со финансирање на војната. Ние ќе донесеме мирен крај на тој конфликт. Ми се чини дека Американците се уморија од финансирањето на војната. И ако Европјаните купуваат оружје , кое ние го произведуваме, тоа нам ќе ни одговара. Но, ние веќе нема сами да спонзорираме“.
Јасно како ден. Европа, која се’ повеќе се милитаризира, која сака да продолжи војната се’ до крајот на мандатот на Трамп, а се зборува дека таа ќе трае до 2029 година, ќе мора сама да ги плаќа трошоците за неа. Сегашните ставови на Европа за преговорите, можат да нарушат планови на Трамп, кои се’ уште не ги знаеме, па тој да крене раце од Украина во целост. Ни пари, ни оружје, ни разузнавачки податоци. Но сепак, ништо не може да се тврди со сигурност. Европските лидери бараат средба со Трамп, бараат разговори. Првиот човек на европската дипломатија, Каја Калас, веќе свикува конференција на министрите за надворешни работи. Исто и Зеленски, „Ништо без Украина, за Украина. И тој бара да учествува во преговорите. Зашто знае дека „ако не си на масата, тогаш си на менито“.
Збунува некако брзината со која се свикува средбата на Трамп со Путин. Ако нема некои досегашни подготовки зад затворени врати, тогаш се’ е во ред. Ќе се разговара само за Украина. И како што Никита Хрушчов и американскиот претседател, Џон Кенеди ја решија Кубанската криза во 1962 година, кога светот беше на работ на светска војна, а можеби и нуклеарна, можеби и сега Трамп и Путин нешто да се договорат. Да не ескалира војната во Украина и да се донесе некаков мир. Но војната не е единствениот проблем во односите меѓу Русија и САД. Има еден куп договори за разоружување, за користење на оружје, кои што беа донесени за избегнување на воени судири. Тие се актуелни и денес. На Трамп му е важна и Нобеловата награда. Исто така не помалку се важни и меѓусебните односи, кои се на ниско ниво. Но за се’ тоа потребно е време и трпелива работа зад седум врати. Така што, на 15 август, најмногу ќе можеме да зборуваме за епилогот околу Украина, но да не отфрламе и некое изненадување. Со Трамп се’ е можно.
TRIPP
И додека целата светска јавност е оптоварена со средбата меѓу Трамп и Путин, некако на мала врата се појавија документи потпишани пред Трамп, истиот ден кога тој ја објави средбата со Путин. Америка влегува на Јужниот Кавказ. Пред неполн месец на овие страници како да го најавивме чинот на „помирување“ на двете кавкаски земји. Пишувајќи за заострените односи меѓу Русија и Азербејџан го цитиравме Алиев од еден настан. Тој тогаш кажа: „Многу сме благодарни на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата желба да им помогне на Азербејџан и Ерменија конечно да постигнат договор. Иако е зафатен со поглобални прашања од меѓународната безбедност, тој ја држи и ситуацијата во Јужен Кавказ во своето видно поле“. Алиев продолжи: „Тој прави одлична работа за конечно решавање на долготрајниот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан. Мислам дека ќе слушнеме уште повеќе добри вести во иднина“ и заклучи: „Денес гледаме голем потенцијал за зајакнување на партнерските односи со Соединетите Американски Држави. Добиваме позитивни сигнали од Вашингтон. Како одговор, Азербејџан исто така испраќа многу позитивни сигнали. Нашето партнерство има богата историја“.
И добрите вести за Азербејџан дојдоа. Што беше потпишано. Трамп и Илхам Алиев и Никол Пашинјан, одделно потпишаа двострани меморандуми за заемно разбирање. Потоа тројцата претседатели потпишаа тристрана заедничка Декларација од седум точки. Во Декларацијата се констатира дека на ниво на министри за надворешни работи на Азербејџан и Ерменија, парафирале ерменско-азербејџанска Спогодба за воспоставување мир и дипломатски односи. И дека претседателите на двете држави ќе се стремат таа Спогодба да биде потпишана и од нив и ратификувана. Министрите потпишале заедничко обраќање до ОБСЕ за да се заврши Минскиот процес, започнат 1992 година за решавање на конфликтот во Карабах, под заедничко претседателство на Русија, САД и Франција. Претседателите, пак, се договориле за отворање на Зингезурскиот коридор, со почитување на суверенитетот на Ерменија, со кој се дава можност Азербејџан да се поврзе со Нахичеван, автономна република во составот на Ерменија, населена со Азербејџанци. Исто така Ерменија ќе работи со САД и трети држави за на нејзина територија се организира транзитна „маршрута на Трамп за меѓународен мир и просперитет“(TRIPP). Според боровите на Трамп ова ќе се случи во рамките на ексклузивното партнерство со САД, на кои Ерменија ќе им го даде на управување коридорот на 99 години. Другите точки се повеќе украс на документот. Меѓу кои и признанието на Трамп за „значителниот влог во нормализацијата на двостраните односи“ меѓу Ерменија и Азербејџан.
Сето ова е убаво. Но сега треба реализација на парафираното. Минската група и така ништо не сработи. Триесетина години поминаа, па Азербејџан си ги заврши работите со протерување, по воен пат на Ерменците од Нагорно Карабах, кои имаа автономија во Азербејџан. Ова покажува дека таквите групи треба да работат упорно на воспоставување мир. Во спротивно резултат е војна. Така беше и со Минските договори околу Украина. И таму се глумеа преговори на членките на работните групи, па дојде до војна, која трае до денес. А се’ можеше да биде поинаку. Признанието за саботирањето на преговорите од страна на Франција и Германија, по започнувањето на војната, беше само потврда дека замрзнати конфликти, кога – тогаш, експлодираат. Треба да се делува брзо. На постсоветското пространство како замрзнат конфликт останува Придњестровје, самопрогласена република во рамките на Молдавија. Таму официјално има над илјада војници од руски мировен контингент.
ЗАПАД ПО СЕКОЈА ЦЕНА
Многу тешко сега ќе и биде на Ерменија, која ќе треба да го смени Уставот и од него да го исфрли Карабах, а подоцна за подобрување на односите со Турција и Арарат. Карабах во Уставот, за Азербејџан, асоцира со територијални претензии кон него. Како и кај нас, минатото ќе биде голема пречка за промена на уставот, но Пашинјан и покрај судбината на Карабах, не е како нашиве политичари. Полна уста Европа , НАТО, две децении ништо не преземаа, кога беше најпотребно. Па сега е болно. Пашинјан има цел, Ерменија на Запад, барем во ЕУ, и не се плаши неа да ја оствари. Има и мнозинство во Парламентот, но и силна опозиција. Како во народот, така и во црквата. Не случајно сака да го смени, по цена да го стави во затвор, сегашниот црковен лидер- Католикосот на Ерменија. Во затвор веќе се наоѓаат двајца високи свештеници на Апостолската црква на Ерменија. Но Пашинјан нема да се предаде, бидејќи има силна поддршка од Запад, кој пак, сака Ерменија дефинитивно да ја оттргне од сферата на Русија.
Москва не остана рамнодушна на потегот на Азербејџан и Ерменија. Министерството за надворешни работи излезе со коментар по тој повод. Во него , меѓу другото се вели дека Русија постојано ги поддржува сите напори за постигнување за регионалната безбедност. „Во овој поглед, состанокот на лидерите на јужно кавкаските републики во Вашингтон, со посредство на американската страна, заслужува позитивна оценка. Се надеваме дека овој чекор ќе помогне во унапредувањето на мировната агенда“, се вели во коментарот. Но тука е даден и прекор на двете земји, кои „до неодамна, тврдеа дека претпочитаат да водат директен дијалог, без надворешна помош“.
Па се нагласува дека нормализацијата на односите меѓу двете земји „започна со директна помош и централна улога на Русија со усвојувањето на трилатералната изјава на највисоко ниво за прекин на огнот и сите непријателства во зоната на конфликтот во Нагорно-Карабах на 9 ноември 2020 година. Руски мировен контингент беше распореден во регионот, што даде неопходен придонес за стабилизирање на ситуацијата. Секогаш ќе се сеќаваме на нашите мировници кои загинаа при вршење на должноста“. И дека во 2020-2022 година, во истиот трилатерален формат, беше развиена „патна карта“ за сите клучни области на помирување меѓу Баку и Ереван: развивање мировен договор, деблокирање на транспортните и економските комуникации во регионот, разграничување и обележување на државната граница и развивање контакти преку граѓанското општество.
Според руското МНР „Најдобрата опција за решавање на проблемите на Јужен Кавказ е да се пронајдат и понатаму да се имплементираат решенија развиени од самите земји од регионот со поддршка на нивните непосредни соседи - Русија, Иран, Турција“. Од коментарот е очигледно дека на Русија не и’ е сеедно што двете држави посегнале по помош надвор од регионот. Па се нагласува дека „Вклучувањето на вонрегионалните играчи треба да работи на зајакнување на мировната агенда, а не да создава дополнителни тешкотии и линии на поделба...чии активности постојано ги иритираат другите регионални играчи“.
ТУРЦИЈА Е ОПАСЕН ИГРАЧ
Има и посебна порака до Ерменија. Русија ќе ги анализира изјавите во Вашингтон во врска со деблокирањето на регионалните комуникации. И повторува дека „во оваа област, трилатералните договори со учество на Русија, од кои ниту една страна не се повлече, остануваат релевантни. Исто така е важно да се земе предвид факторот на членство на Ерменија во единствениот царински простор на ЕАЕЗ, особено во однос на организацијата на транзитниот превоз на товар низ територијата на републиката. Исто така, невозможно е да се игнорира фактот дека границата на Ерменија со Иран ја чуваат руски граничари распоредени во согласност со меѓудржавниот договор од 30 септември 1992 година“.
Ерменија допрва ја чекаат искушенија. Пашинјан во Вашингтон изјави дека и Москва може да се вклучи во она што е договорено во Белата куќа. Како што стојат работите тој ќе има макотрпна работа. Се’ ќе зависи колку ќе биде поддржан од Западот во искушенијата во кои ќе се најде. Како што важи и за Азербејџан, истото важи и за Ерменија. Русија, кога ќе се ослободи од воениот товар што го има од војната во Украина, брзо може да се посвети на регионот. Не случајно на Ерменија и се споменуваат бесцаринскиот простор на Евроазиската економска заедница.
Русија ги спомна Иран и Турција. Турција е опасен играч. Водена од интересите таа не ни трепна кога Азербејџан почна воени дејства во Карабах. Напротив, таа го вооружуваше, го хранеше со разузнавачки податоци, ги обучуваше неговите војници, според некои извори тогаш, офицери на турската армија учествувале (ин)директно и во воените дејства. Турција ја вооружува Украина, а тргува , и тоа многу, со Русија. Ги надитри Русија и Иран околу Сирија. Ќе притиска и врз Ерменија кога на дневен ред ќе дојде подобрувањето на односите. На Турција и одговараат резултатите од Вашингтон. Таа ќе може директно по копно да комуницира сообраќајно со Азербејџан. Со возови, а подоцна и со изградба на патни правци кои ќе ја поврзат и со Средна Азија. Токму такви се и желбите на Азербејџан и Ерменија, да бидат крстопат. Но желбите се едно, а предизвиците се друго.
Советникот на врховниот лидер на Иран, Али Акбар Велајати изјави дека Техеран ќе се спротивставува на изградбата на транзитниот коридор за кој се договорија Азербејџан и Ерменија со американско посредништво. Тој изјави дека коридорот изграден долж границата меѓу Иран и Ерменија „ќе се претвори во гробница за наемниците на Доналд Трамп, а не во „маршрута која припаѓа на претседателот на САД“. Според него коридорот „ќе ја промени геополитиката во регионот, ќе ги прекрои границите и ќе доведе до распад на Ерменија“. Како последица на тоа „Иран ќе дејствува соодветно со безбедноста на Јужен Кавказ, со Русија или без неа. Ние сметаме дека Русија исто така стратешки е против тој коридор“, изјави Велајати.
Пред нас се случува прераспределба во светот. Допрва не очекуваат нови потреси. Регионално и пошироко. Да видиме што ќе донесе средбата во Аљаска.
За крај. Во Вашингтон лидерите на Азербејџан и Ерменија му ја потхранија суетата на Трамп. Алиев изјави дека за 30 години никој не успеал да постигне таков резултат како сегашниот американски претседател. „Па кој, ако не претседателот Доналд Трамп е достоен на Нобеловата награда за мир“, рече Алиев додавајќи дека „Трамп за половина година направил чудо“. Ерменскиот колега ја поддржа идејата. „Активно ќе го промовираме ова“, рече тој. И изрази надеж дека Трамп ќе ги покани на церемонијата на доделување на Нобеловата награда за мир. Се нижат предлози. А Трамп, расте ли расте. Само да не пукне.
Мирче Адамчевски
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





