19 Декември, 2025
0.1087

ДОГОВОРОТ ЗА ПАРТНЕРСТВО СО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ – еве ги сите детали, проектите и висината на поддршката

Објавено во: Економија, Финансии 28 Мај, 2025 13:09

Добивај вести на Viber

Пред пратениците пристигна предлог закон за ратификација на договорот со Обединетото Кралство кој неодамна беше потпишан. Предлагач е Владата која посочува дека со законот „се ратификува Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, потпишан во Лондон на 22 мај 2025 година“.

Општо познато е дека со овој договор се најавуваат големи инфраструктруни зафати во нашата земја, но, со него се појавија и бројни шпекулации, поради што интересот во јавноста е голем.

Во самиот вовед од договорот е посочено дека Владата на Обединетото Кралство претставувана од Одделот за бизнис и трговија и Владата на Македонија имаат желба да соработуваат за поддршка за реализација на инфраструктурни проекти во Македонија за унапредување на односите во областа на инфраструктурата.

-  Прифаќајќи дека одржливата и отпорна инфраструктура е клучна за просперитетот и конкурентноста на една земја и дека истата го поддржува економскиот раст. Правејќи заложби за размена на знаење, најдобри практики и иновации во соодветните области на експертиза за поддршка на реализацијата на проекти за критична инфраструктура во секторите здравство, транспорт, технологија и енергетика.

Во духот на јакнење на билатералната соработка во областа на инфраструктурата во секторите транспорт, здравство, технологија, енергетика и други критични сектори, а за поддршка и меѓусебно поттикнување на економскиот развој – пишува во воведот од Договорот.

Во член еден од овој договор е неговата цел, а тоа е да се воспостави партнерство за поддршка на реализацијата на инфраструктурни проекти во секторите здравство, транспорт, технологија, енергетика и други критични сектори во Македонија. Да се разменуваат знаење и најдобри практики, користејќи експертиза и од Владата на О.К..

Во договорот е потенцирано во кои области двете страни ќе соработуваат.

Во Анексот на договорот е посочено дека приоритетни проекти се програма за обнова и реконструкција на болници, Штип и Кичево, Универзитетскиот клинички центар и градски болници во Скопје, болници во Куманово, Битола, и во регионите Тетово- Гостивар и Охрид – Струга.

На листата приоритетни проекти е и Брзата железница долж коридор 10 од Табановце до Богородица, вклучително и Скопје и аеродромот во Скопје.

Меѓу нив е и програма за развој на транспортниот коридор 8, како и програма за развој на капацитетите за сајбер безбедност и дигитална трансформација на Владата на Македонија. Последна приоритетна област е развој на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија на Македонија.

Во самиот договор е посочено дека учесниците ќе соработуваат заедно за да идентификуваат можности за финансирање проектим од Инструментот на О.К. за финансирање на извозот.

- Ќе се олесни запознавање со британските деловни субјекти за поддршка на реализација на проектите. Ќе се разменуваат знаења и најдобри практики во областа на здравството, транспортот, технологијата, енергетиката и клучните критични сектори, а за изградба на капацитетите на Владата на Македонија, користејќи експертиза од Владата на О.К. и британските деловни субјекти. Ваквата соработка ќе биде во согласност со важечкото законодавство и националните политики на секоја од земјите – стои во Договорот кој е доставен пред пратениците.

Во него исто така е посочено дека учесниците ќе работат заедно за да ги истражат можностите за мобилизирање на финансирање за приоритетни проекти.

- Владата на О.К. го потврдува интересот и капацитетите на Инструментот на О.К. за финансирање на извозот за обезбедување финансирање за поддршка на приоритетните проекти, под услови да ги исполни правните, политичките, финансиските и други барања за задолжителна проверка и одобрување, при тоа земајќи ја предвид неговата политика за преземање ризик за вакви проекти во моментот на разгледување на истите.

Потенцијалната поддршка од Инструментот за финансирање на извозот ќе зависи од кумулативната сума на изложеност на кредитен ризик за проектите во Македонија, која не смее да го надмине ограничувањето од 5 милијарди фунти – стои во договорот.

Воедно е посочено дека учесниците ќе разменуваат информации за постигнување на целите на договорот, и може да ги користат информациите само за поддршка на овој Договор, но и ќе ја чуваат доверливоста на информациите меѓу нив.

Утврдено е и дека кога некој од учесниците ќе биде законски обврзан да открие информации од Договорот, согласно законите, или според судска наредба, тогаш ќе го извести другиот учесник пред да ги открие информациите.

-  Учесниците ќе спроведат соодветни мерки за заштита на доверливоста на информациите што се откриваат и на доверливоста на било кој документ што ќе се размени со Договорот – се посочува во него.

Двете страни се договориле измените на овој договор да бидат во писмени форма, и ќе биде потребно потпишување на нов договор за нив, но и дека секоја разлика која ќе настане меѓу учесниците се обврзуваат да ја решаваат пријателски преку консултации, без да се упатуваат на трета страна или на некои од националните или меѓународни судови.

-  За спроведување на проектите Владата на Македонија согласно националните закони може да ги преземе сите неопходни законодавни, управни институционални мерки, вклучително и донесување закони и подзаконски акти, а за да овозможи ефикасно и делотворно извршување на инфраструктурните проекти наведени во Анекс А и дополнителни проекти за критичната инфраструктура, како што ќе се договорат Учесниците – се посочува во Договорот.

Пропишано е договорот да остане на сила во период од 10 години, но истиот може да биде прекинат со писмено известување доставено до еден од учесниците, најмалку 60 дена пред планираниот датум на прекин. Прекинот на договорот нема да влијае на проектите кои се во тек.

Во него исто така е наведено дека учесниците прифаќаат оти потпишаните копии се еквивалентни на оригиналните примероци и дека потпишувањето на двата примероци, на македонски и англиски јазик се подеднакво автентични. 

П.О.

Можеби ќе ве интересира

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии

Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии