08 Април, 2025
0.0504

„ДОМАЌИНИТЕ“ ГАЗДИ НА „СКОПСКИ ПАЗАР“ НЕМА ДА СИ ДАВААТ ДИВИДЕНДА НИ ГОДИНАВА, НИ СЛЕДНИТЕ ЧЕТИРИ - зошто профитот ќе се намали за 10 пати, еве кои се можните причини

Објавено во: Економија 03 Април, 2025 08:20

Добивај вести на Viber

Минатата година беше успешна за „Скопски пазар“, не само според фантастичниот финансиски резултат, туку и поради тоа што компанијата успеа да воспостави доминација во сопственичката и во управувачката структура во еден од хотелиерско-угостителските гиганти во земјава, „Македонијатурист“, за кој, пак, се водеше жестока битка меѓу неколку силни бизнис играчи.

Но, тоа не значи дека „Скопски пазар“ не продолжува да се однесува максимално финансиски одговорно и разумно кога станува збор за раководењето со своите финансии. Па така, првите луѓе на „Скопски пазар“ одлучија и ланската добивка да не ја делат како дивиденда, а најавуваат дека така ќе прават и следните четирии години, се додека не се подмират обврските кои ги има компанијата, и со цел таа да работи на целосно здрави основи, а и додека не се направат сите планирани инвестиции.

А и една не така добра вест доаѓа од „Скопски пазар“, а таа е дека за оваа година се планира за близу 10 пати помала добивка од лани, или наместо околу 7 милиони, таа ќе изнесува близу 700 илјади евра.

Но, да одиме со ред.  

Од „Скопски пазар“ пред јавноста го претставуваат Финансискиот план за оваа година. Велат дека се базира на реални проекции на приходи и расходи со постојните капацитети, политика за управување со ризик и подобрување на перформансите и ресурсите на друштвото.

„За 2025 година се предвидува завршување на инвестицијата за изградба на нов деловен комплекс со покриен пазар во населбата Драчево на местото на постоечкиот пазар. Ефектите од реализација на оваа инвестиција ќе бидат изразени во билансот на успех и билансот на состојба. Покрај овој инвестициски проект, во 2025 година ќе се пристапи кон инвестициони активности за модернизирање и реновирање на останатите пазари и деловен простор кој се издава под наем согласно потребите и можностите. Нето приходите од издавање на деловен простор и управување со пазарите се планирани во согласност со пазарните услови, конкуренцијата и планираните инвестиции за нивна модернизација“, велат од компанијата.

Ако се погледне планираниот Биланс успех за годинава, ќе се види дека се планира многу големо намалување на добивката во однос на лани, речиси десеткратно. Или, ако таа била лани 6,9 милиони евра, годинава ќе биде околу 770 илјади евра.

Можеби причина за ова е што лани имаше енормно зголемени останати оперативни приходи, можеби поради продажбата на објектот Бриколаж на Лидл кој донесе 9 милиони евра, што придонесува за годинава значајкно да се намали планираниот финансиски резултат. 

Причина е што компанијата планира двојно намалување на оперативните приходи, и тоа од 12,2 милиони евра лани, на 5,8 милиони евра оваа година, што е намалување за околу два пати. А, оперативните расходи, ако лани биле 4,3 милиони евра, годинава ќе бидат 4,52 милиони евра, што значи има благо зголемување.

И, од друштвото уште еднаш ги потсетуваат акционерите, дека ниту во следните пет години, дивиденди нема да има.

„Согласно планот за инвестициони активности на Друштвото и обврските за отплата на долгорочните кредити, а истовремено имајќи ја предвид потребата од континуирана ликвидност, Управниот одбор на друштвото е на став дека нема да има предуслови за исплата на дивиденда во наредните пет години“, се вели во образложението.

На крајот на април акционерите на „Скопски пазар“ ќе имаат полни раце работа, а конкретно на 29 во четвртиов месец од годината ќе треба да гласаат за многу битни одлуки. Една од нив е како ќе се распредели минатогодишната добивка, но и добивката што е останата од претходни години. И погодувате, дивиденди нема да има, туку дел ќе оди за инвестиции, а дел за нова акумулирана добивка.

Покрај разгледувањето и усвојувањето на годишната сметка за 2024 година, на ревидираните финансиски извештаи, годишниот извештај за работењето, извештајот за ревизија, годишниот извештај на службата за внатрешна ревизија, одобрување на работата на членовите на Управниот и Надзорниот одбор, назначување на овластен ревизор, како и за избор на нови членови на Надзорниот одбор, акционерите ќе гласаат и за распределба на добивката.

Притоа, акционерите ќе треба да гласаат за распределба на сума на добивка по оданочување остварена лани од 6,92 милиони евра, пари кои ќе се распределат на следниов начин. Имено, за задржана добивка за инвестициски вложувања ќе одат 1,95 милиони евра, додека, пак, како акумулирана добивка ќе останат 4,97 милиони евра.

Акционерите ќе треба да гласаат и за тоа како ќе се распредели неискористениот дел од добивката од 2023 година наменети за инвестициски вложувања, во износ од околу 511 илјади евра, кои исто така ќе одат во акумулирана добивка.

„Добивката што се распоредува во задржана добивка за инвестициски вложувања служи за развојни цели, односно вложувања во материјални и нематеријални средства за проширување на дејноста“, навеле од врвот на компанијата во образложението, за одлуката за која „благослов“ ќе треба да даде мнозинството акционери на Собранието.

Ќе се гласа и за одобрување на работата за лани на членовите на Управниот одбор, и тоа Младен Дамев, претседател на УО, и за Велимир Шиповиќ, Озџан Даут, Арменд Етеми и Бесар Етеми. За овие членови на УО ќе треба да се утврди и надоместок во висина од 20.000 денари по седница за 2025 година.

„Наградата, учеството во остварената добивка, трошоците за работењето и другите надлежности на членовите на УО се предмет на уредување со посебен менаџерски договор со друштвото, односно со Одлука на НО“, образложуваат оттаму пред гласањето на акциконерското Собрание.

Ќе треба да се одобри за лани и работењето на членовите на НО, и тоа Фатмир Етеми, претседател на Надзорен одбор, Ацо Дудулоски, член и Димитар Џеков, независен член. Она што е битно е дека акционерите ќе треба на Собранието на крајот на април да гласаат и за избор на тројца нови членови на НО, чии имиња засега остануваат тајна и не се објавуваат, и чии мандат ќе почне кон крајот на август годинава, бидејќи дотогаш ќе трае мандатот на сегашните.

„Мандатот на избраните членови на Надзорниот одбор трае шест години согласно Статутот на Скопски пазар АД Скопје, а ќе започне да тече на 26.08.2025 година, по истекот на мандатот на сегашните членови. На избраните членови на Надзорниот одбор им се определува месечен паушал во висина од 20.000 денари во нето износ“, се вели во објаснувањето на предлог одлуката и се додава дека мандатот на постојните членови Фатмир Етеми, Ацо Дудулоски и Димитар Џеков истекува на 26 август годинава, но новите мора да се изберат сега, заради постигнување на континуитет во нивното работење.

Инаку, во февруари годинава и ЗСФ-КОМ на познатиот бизнисмен Фатмир Етеми, но и Современ дом од Прилеп, ги зголемија своите акционерски пакети во Скопски пазар. Тие преку соопштение на Берзата ја известија инвеститорската јавност дека докупиле акции во таа компанија, со што сега заедно поседуваат 77,64 отсто од капиталот на компанијата, или поединечно по 38,82 отсто од обичните акции издадени од тоа друштво со право на глас.

Но, има и мали акционери, кои нема да се радуваат поради тоа што нема да се дели дивиденда. Тоа се околу 70 домашни физички лица кои поседуваат помал процент од акциите.

Скопски пазар е компанија која опстојува на македонскиот пазар повеќе од 70 години. Примарна дејност и најголем дел од приходите ги остварува од изнајмување деловен простор и управување со пазари. Друштвото располага со 12 зелени пазари со вкупен број од приближно 2.700 продажни места-тезги, како и деловен простор, претежно наменет за издавање со вкупна површина од приближно 54.000м2. Вкупниот број на вработени на крајот на минатата година изнесувал 131 лице.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ЕДНА КОМПАНИЈА ДИРЕКТНО ЗАВИСИ ОД ИЗВОЗОТ ВО САД: Се работи на решавање на тој проблем

ЕДНА КОМПАНИЈА ДИРЕКТНО ЗАВИСИ ОД ИЗВОЗОТ ВО САД: Се работи на решавање на тој проблем

„МАКЕДОНСКО СЕЛО“ ОД ЈУНИ ПОВТОРНО ЌЕ БИДЕ ОТВОРЕНО ЗА ПОСЕТИТЕЛИ - потпишан договор за концесија

„МАКЕДОНСКО СЕЛО“ ОД ЈУНИ ПОВТОРНО ЌЕ БИДЕ ОТВОРЕНО ЗА ПОСЕТИТЕЛИ - потпишан договор за концесија

„Ајфон“ моделите поскапуваат во трговската војна помеѓу САД и Кина

„Ајфон“ моделите поскапуваат во трговската војна помеѓу САД и Кина

ИНТЕРВЈУ БОГАТИНОВСКИ: Решенијата за поквалитетен живот се дигитални

ИНТЕРВЈУ БОГАТИНОВСКИ: Решенијата за поквалитетен живот се дигитални

„КУПЕТЕ ЕНЕРГИЈА ОД 350 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ И ЌЕ ДОБИЕТЕ ТАРИФНИ ОЛЕСНУВАЊА“: Трамп ја отфрли понудата на ЕУ

„КУПЕТЕ ЕНЕРГИЈА ОД 350 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ И ЌЕ ДОБИЕТЕ ТАРИФНИ ОЛЕСНУВАЊА“: Трамп ја отфрли понудата на ЕУ

АКЦИОНЕРИТЕ ИМААТ СУПЕР ФИРМА, АМА ЗА ДИВИДЕНДА, ЌЕ ПОЧЕКААТ - еве како најголемиот производител на леб ќе го искористи ланскиот топ профит од над половина милион евра

АКЦИОНЕРИТЕ ИМААТ СУПЕР ФИРМА, АМА ЗА ДИВИДЕНДА, ЌЕ ПОЧЕКААТ - еве како најголемиот производител на леб ќе го искористи ланскиот топ профит од над половина милион евра

Маркетите ги подготвуваат ценовниците за објавување, ќе бараме попусти на нивните интернет страници

Маркетите ги подготвуваат ценовниците за објавување, ќе бараме попусти на нивните интернет страници

НЕ СТИВНУВА ПОТРАГАТА ПО НОВИ РАКОВОДИТЕЛИ – има ли кандидати кои сакаат да управуваат со инспекторатот за труд или на центрите за образование

НЕ СТИВНУВА ПОТРАГАТА ПО НОВИ РАКОВОДИТЕЛИ – има ли кандидати кои сакаат да управуваат со инспекторатот за труд или на центрите за образование

МРАЧНИ ФАБРИКИ ГО ЗАПОСЕДНУВААТ СВЕТОТ: Се заканува ли работничка „апокалипса“?

МРАЧНИ ФАБРИКИ ГО ЗАПОСЕДНУВААТ СВЕТОТ: Се заканува ли работничка „апокалипса“?