АКЦИОНЕРИТЕ ИМААТ СУПЕР ФИРМА, АМА ЗА ДИВИДЕНДА, ЌЕ ПОЧЕКААТ - еве како најголемиот производител на леб ќе го искористи ланскиот топ профит од над половина милион евра

Објавено во: Економија 08 Април, 2025 08:20
Големи се загубите што треба да се покриваат од претходен период, па затоа компанијата која работи повеќе од одлично во последните години, ќе мора и целиот лански профит од над половина милион евра да го намени за покривање на минус од претходни години. Што значи дека дивиденда за акционерите, ќе нема и оваа година.
Акционерите на најголемата компанија во земјава за производство на леб „Жито лукс“, на 7 мај оваа година ќе гласаат токму за тоа ланската добивка од над 500 илјади евра, во целост да се искористи за покривање на загуби од претходни години.
А, според Билансот на состојба на таа компанија, акумулираните загуби се големи, и на крајот на минатата година изнесувале околу 26,7 милиони евра. Тоа е голема сума, што претпоставува дека ќе треба да се нижат уште повеќе успешни години за „Жито Лукс“ како претходните две, за да се покрие тој акумулиран негативен резултат.
Акционерите, меѓу другото, ќе гласаат и за усвојување на Годишната сметка на компанијата за ланската година, која говори дека според Билансот на состојба, на крајот на минатата година вкупната актива, односно средствата, изнесувала 21,4 милиони евра, исто колку и главнината, резервите и обврските.
Билансот на успех, пак, за што веќе пишуваше Фактор, говори дека компанијата ланската година ја завршила со нето добивка од 500,5 илјади евра. Од ова произлегува и дека ќе се гласа и за одлуката за распоредување на добивката.
„Добивката во целост ќе се користи за покривање на загубите од минати години“, се вели во предлог одлуката за која ќе треба да се изјаснат акционерите.
Тие ќе гласаат и за усвојување на Годишниот извештај за работењето на компанијата.
А, ќе се гласа и за усвојување на Извештајот за работењето на Надзорниот Одбор и одобрување на работата на неговите членови, за кои ќе се определи и месечен надомест, но тој ќе остане тајна се до акционерското собрание.
Ќе се усвојува и Извештајот за работењето на Управниот Одбор, како и за одобрување на работата на неговите членови, како и Годишниот извештај за работата на Службата за внатрешна ревизија.
Како што неофдамна пишуваше Фактор, најголемиот македонски производител на леб, лани едноставно знаеше како да вложи во нови и модерни лебови, и тоа на компанијата и донесе и тоа како солидни финансиски резултати. Имено, извештаите за лани што ги објави „Жито Лукс“ покажаа, прво, дека Македонците се лебари и сакаат да јадат леб, но и дека сакаат промени, па не се задоволуваат само со обичните бели сомунчиња, туку преферираат и фенси, и пред се здрави лебови.
„Почетокот на деловната 2024 година помина во знакот на лансирање на новиот визуелен идентитет на брендот, долгоподготвуван проект за модернизација на брендот со цел приближување кон помладите генерации купувачи“, објаснија од компанијата во своето образложение кон финансиските извештаи.
Приходите од продажба лани на оваа компанија и донеле прилив од 20,4 милиони евра, или тоа е раст за 4 проценти во однос на претходната 2023 година. А главно, оваа компанија својот асортиман го продавала на домашниот пазар, и на тоа отпаѓаат приходи од дури 19,9 милиони евра, што значи дека за толку пари сме изеле од лебот, но и од брашната и се од другиот асортиман на „Жито лукс“. Компанијата, покрај како иноватор, лани се покажала како добар домаќин, па не само што не ги зголемила трошоците на продадените производи, туку и успеала да ги намали, иако скромно, за 1 процент.
„Во следната 2025 година, компанијата влегува со исто така агресивен инвестициски план со цел поддршка на новите иницијативи. Главниот фокус ќе биде ставен на развивање нови производи базирани на тековните пазарни трендови и навиките на нашите потрошувачи. Иновациите се насочени кон производи со додадена вредност, функционални и премиум лебови кои нудат дополнителна корист за потрошувачот и придонесуваат за нивната севкупна благосостојба“, ги споделија од компанијата своите планови преку Берзата.
Добивката во 2023 година, пак, изнесуваше 331 илјади евра, но и таа се намени за покривање на загуби од претходните години.
„Жито Лукс“ има повеќе акционери со капитал над 5 проценти од акционерската структура, но од нив доминантен е грчки „Елбиско“ кој поседува 55,82 отсто од акциите, потоа ЗК „Пелагонија“, кои имаат 29,46 проценти, Пенфилд располага со 15,88 проценти, прилепска „Витаминка“ поседува 7,94 отсто, а скопска „Европа“ располага со 7,68 проценти.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
Со Законот за енергетика имаме темел за фер, ефикасен и европски усогласен енергетски систем“

Инспектори по охридското крајбрежје, 12 угостители на плажите не ги исполнувале безбедносните услови

„Валамар“ ја зголемува основната плата од мај во Хрватска, готвачите и келнерите ќе имаат плата до 2.000 евра

Украина не го потпишува кончениот договор за минерали

СЕ ЗГОЛЕМУВААТ ПЛАТИТЕ ВО СРБИЈА: Објавени се нови податоци за просечната заработка

ЧЕТВРТА ЕКОНОМИЈА ВО СВЕТОТ: Калифорнија ја движи нацијата напред

ПОЧИНА ПОЗНАТИОТ УГОСТИТЕЛ И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НУК, ЗДРАВКО ЈОСИФОВСКИ - роднините и пријателите се простуваат од него

„АЛКАЛОИД“ ОТВОРИ НОВИ ХОРИЗОНТИ ВО ТРЕТМАНОТ НА ГЕРБ СО ТЕЧНИОТ ОМЕПРАЗОЛ: ВО ЗАГРЕБ ОДРЖАНА ПРВАТА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ИНОВАТИВНИ РЕШЕНИЈА ВО ТРЕТМАНОТ НА ГЕРБ КАЈ ПЕДИЈАТРИСКИТЕ ПАЦИЕНТИ
