ДОМОВИ ЗА СТАРИ ЛИЦА: Уште не се известени кога кај нив ќе почне вакцинацијата, од болницата во Ѓорче со анализа - вакцината живот значи
Објавено во: Македонија 31 Март, 2021
Денеска стартува вакцинацијата на повозрасните наши сограѓани, над 77 години. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека матичните лекари се тие што ги повикуваат овие пациенти за вакцинација, засега со вакцината на АстраЗенека, со цел пред да бидат имунизирани, да се направи и проценка на нивната здравствена состојба.
Засега не е извесно дали и кога во оваа фаза од вакцинацијата ќе влезат старите лица, односно штитениците на стерчките установи и домови.
А со оглед на нивната состојба, вакцината за нив е и преку потребна.
Но, во специјалистичката геријатриска болница во Ѓорче Петров, каде се сместени значаен број стари лица, се уште немаат информација од здравствените власти дали и кога кај нив ќе почне имунизацијата. Односно, дали и нивните штитеници, барем оние кои имаат над 77 години, ќе влезат во првата група од наши 20.000 сограѓани, со кои ќе стартува масовното вакцинирање.
Она што се знае е дека вакцинацијата би требало да се врши во самата болница, односно таму да дојдат здравствени тимови кои би ги аплицирале вакцините, бидејќи старите лица е невозможно, заради состојбата на многу од нив, да се однесат во здравствените пунктови.
Инаку, во ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје, здравствениот персонал веќе бил вакциниран со вакцината на Фајзер, односно со дозите кои првично пристигнаа како помош од соседна Србија.
Од болницата за Фактор велат дека тие имаат план, односно список на пациенти кои треба да ја примат вакцината, па се знае по кој редослед кај нив би одело вакцинирањето. Но, кога ќе почне вакцинацијата, се уште очекуваат информација.
Познато е дека кај старите лица кои ќе заболат од ковид 19, е најголем ризикот од добивање тешка форма на болеста, но и смртен исход.Ова е причината зошто СЗО препорачува возрасните над 65 години да бидат една од првите групи кои примаат вакцини против ковид 19.
За тоа што треба да знаат нашите возрасни граѓани за вакцинацијата, но и што треба да очекуваат од овој процес, поразговаравме со надлежните во единствената институција специјализирана за палијативна и геријатриска медицина во државата.
Треба ли овие граѓани да бидат загрижени од вакцинацијата, доколку имаат коморбитети или се изнемоштени?
„Од почетокот на пандемијата е познато дека постарите луѓе се изложени на многу висок ризик од сериозни последици од ковид 19, па дури и смрт. Податоците од минатата година покажуваат дека 40проценти од смртните случаи од ковид 19 биле кај луѓе на возраст од 65 години и постари“, велат од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје.
Во оваа установа за време на пандемијата со ковид се регистрирани 35 смртни случаи, од вкупно 118 пациенти кои биле позитивни во нивната болница. Но, како што објаснуваат, во светски рамки смртноста е над 70 отсто, според податоците од Светската здравствена организација.
Зошто е важно старите лица да бидат во првата група на вакцинирани од другото население?
Д-р Лидија Ветерова Миљковиќ од ЈЗУ Специјализирана болница, за Фактор вели дека возраста е силен фактор на ризик во лоши исходи кај ковид 19.
„Ова е причината зошто е исклучително важно за постарите да се вакцинираат што е можно поскоро. На граѓаните кои се во оваа возрасна група - кои имаат повеќе хронични состојби, кои можат да бидат изнемоштени или живеат во старечки дом - уште повеќе им е потребна вакцината. Податоците што ги имаме во овој момент сугерираат дека сите вакциникои се достапни, се исклучително безбедни и добро толерирани во оваа возрасна група“, објаснува д-р Ветерова Миљковиќ.
На нашето прашање како ќе се постапува со онколошките пациенти со терминален стадиум на болеста, односно дали тие треба да се вакцинираат, таа вели дека тоа ќе се одлучи откако ќе им се направи претходен преглед.
„Секако, за лицата кои имаат активен канцер, кои се на хемотерапија или завршиле со неа пред некој месец и се само на таблетарна терапија, ќе одлучиме, откако ќе направиме претходен преглед кој ќе покаже дали се имунокомпетентни, односно дали можат да развијат антитела, па тие пациенти секако можат да примаат вакцина против Ковид 19“, вели д-р Ветерова Миљковиќ.
Сепак, како што нагласува докторката, за пациенти со намалени витални функции за живот, кои одамна се во завршна фаза од својот живот, за нив воопшто не станува збор дека би примиле вакцина.
Д-р Салија Љатив Петрушовска,директор на Јзу Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје, за Фактор објаснува што всушност старите лица треба да знаат за вакцината против ковид 19.
Таа ги совтува дека вакцината може да им помогне да се заштитат себеси и луѓето околу нив со вакцинацијата, кога таа и за нив ќе биде достапна.
Еве неколку корисни сугестии до повозрасните лица.
„Студиите покажуваат дека вакцините против ковид 19 се безбедни и ефикасни во спречување на тешка болест од овој вирус. Не можете да добиете КОВИД-19 од вакцината. Во зависност од видот на вакцина против КОВИД-19, ќе ви треба период да стекнете антитела. По вакцинирањето, некои луѓе имаат несакани ефекти. Чести несакани ефекти вклучуваат болка, црвенило, оток, замор, главоболка, мускулна болка, треперење, треска, гадење. Ова се нормални знаци дека вашето тело гради заштита од КОВИД-19. Откако ќе бидете целосно вакцинирани против КОВИД-19, можеби ќе можете да започнете да правите некои работи што сте престанале да ги правите поради пандемијата. Секако со самата вакцинација смртноста од причина зараза од ковид, се намалува за 100 отсто“, објаснува д-р Љатив Петрушовска.
Таа потенцира дека за овие пациенти е многу важна заштитата од вирусот ковид 19, исто како и од другите вирусни заболувања.
„Кај овие пациенти се бара мултидисциплинарен систем на лекување, со посебна палијативна нега. Вакцината ќе помогне пред се за заштита од прерана смрт кај овие пациенти, кои и така се со висок фактор на смртност“, објаснува д-р Љатив Петрушовска.
Таа потенцира дека дали еден пациент треба да ја прими вакцината, се прават претходни анализи од тимот лекари кои што се грижат за самиот пациент, и всушност тие даваат дозвола дали е во ред пациентот да ја прими вакцината.
„Секако, ние од самиот почеток ги преземавме сите мерки да спречиме да влезе вирусот во одделите за сместување на геријатриски пациенти, како и во Сју Рајдер - оддел кој е за хоспитализација на тешко болни пациенти со терминална фаза на онколошка болест, и сосема добро се справуваме со кризата“, вели Љатив Петрушевска.
Оваа институција планира наскоро да објави труд, односно своевидна студија, за тоа какви симптоми и форми имале пациентите кои биле позитивни на ковид 19, нивното лекување, како и исходот.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.