ДОСИЕ БОШКОВ МОСТ: Мега-енергетскиот проект се проблематизира!
Објавено во: Економија 14 Мај, 2016 10:25
Бошков мост - мега енергетски проект најавуван со години наназад од речиси сите политички гарнитури. Од енергетски аспект, изградбата на оваа хидроцентрала ќе влијае врз намалување на увозот на струја, но од еколошки аспект, биолозите алармираат дека на Мавровскиот национален резерват му се заканува пропаст.
Парите за реализација на проектот Бошков мост се обезбедени од Европската банка за обнова и развој, која беше задолжена за изработка на физибилити студијата која требаше да го покаже влијанието на изградбата на браната врз животната средина. Минатата година првичните коментари од банката беа дека реализацијата на проектот нема да ја загрози животната средина, но ставовите се променија. Деновиве во интервју за британски Гардиан, портпаролката на ЕБОР во врска со најавените инвестиции во хидроенергетскиот проект „Бошков Мост“, изјави дека проектот е стопиран и дека во тек е изработка на нова студија. Во весникот пишува дека банката се уште не исплатила ниту денар за реализација на проектот Бошков Мост,а целата процедура околу проектите е моментално запрена.
-Во тек е спроведување на „нова“ студија за оценка на влијанието врз животната средина. Се додека студијата не се заврши, нема да се преземаат никакви активности. Поради жестоките реакции од страна на експертите од областа на заштита на животната средина и засегнатата поширока јавност, работата на терен е отежната. Многу е веројатно дека ќе треба да се свртиме и да се откажеме, вели претставникот на ЕБОР за британски Гардиан.
Студијата која треба да покаже дали реализацијата на овие енергетски проекти ќе ја загрози природата, треба да биде готова најрано за една година, но дотогаш проектот ќе биде стопиран.
Домашните екологисти велат дека ваквата одлука на ЕБОР не значи дека банката се откажала, но дека сепак е сигнал дека е можно проектот да се откаже.
Дел од екологистите велат дека недостасува длабинска анализа за влијанието на проектот, и дека целата постапка досега не а направена како што треба.
-Мислам дека одлуката на ЕБОР е коректна. Кај нас вообичаено се нешто се протнува низ мала врата без спроведување на неопходните процедури. Процедурите за сите тие проекти не беа направени како што треба, не може да се гради без анализа на влијанието врз животната средина. Ние често пати одиме обратно прво се дава решение а потоа бараме тоа решение да го оправдаме од еколошки аспект. Засега не може да се каже како овие проекти ќе влијаат врз животната средина оти тоа не е испитано сеуште, бидејќи постапката за оценување не е она што треба да биде.Значи треба да се направат детални анализи па да се одлучи дали да се гради или не велат познавачите.
Еколошката дозвола за проектот Бошков мост нелегална?
Сепак во прашање е доведена легалноста на еколошката дозвола на целиот проект која го држи во неизвесност Боков Мост во националниот парк Маврово речиси четири години.
Имено, Управниот суд го поништи решението на Државната комисија за управна постапка што ја одби жалбата против издадената еколошка дозвола за проектот. Уште во 2012 година екологистите реагираа на изградбата, тврдејќи дека со сумата од околу 107 милиони евра, колку што чини инвестицијата, би можеле се заменат два дотраени блока во термоелактраната „Рек Битола“ или сите финансии да се насочат кон реазлизирање на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“.
Решението за дозвола се коси со Законот за животна средина – реагираа тогаш од Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42″, од каде велат дека надлежната Комисија повторно ќе навлегува во деталите за издавање на решението.
„Тоа што го направи Управниот суд сега – поништувањето на решението на Комисијата е тоа што ние го побаравме од комисијата на прво место – да навлезат во доказите каде е јасно дека решението не треба да биде издадено и тоа го стори – го поништи нивното решение со тоа што во самото образложение на пресудата стојат напатствијата дека во следната постапка тие ќе треба да ги земат предвид пропустите кои ги направило Министерството во издавање на решението, а тоа дека решението е издадено врз некомплетна студија и не ги земало предвид консултациите со јавноста“, истакнува Александра Бујаровска од Здружението.
Гардиан:„Бум од брани на Балканот, закана за последните „ диви“ водотеци во Европа“.
„Бум од брани на Балканот, закана за последните „ диви“ водотеци во Европа“, вака беше насловен текстот во британски Гардијан, посветен на изградбата на двете брани. Најавите за изградба на повеќе од 570 хидроцентрали поголеми од 1 MW се сериозна претстојна закана за најзначајното природно богатство на Европа – реките во балканскиот регион, пишува весникот.
-Дваесет и две од нив се уште наменети за Маврово, најстариот и најголем национален парк во Македонија, фасцинантни 730 квадратни километри дивина со пространи буково-елови шуми, клисури, водопади, тресетишта и највисоките планини во земјата, истакнува новинарот Артур Неслен за Гардиан.
Мавровскиот национален парк содржи стара букова шума и ретки примероци од животни, како што е рисот. Мавровскиот национален парк се простира на површина од 73.000 хектари, и лежи на границата со Албанија и Косово.
-Националниот парк „Маврово“ во Македонија – признаен од страна на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) – е еден од најстарите национални паркови во Европа. Според IUCN, национални паркови се области издвоени со цел да се заштитат големите екосистеми од негативното човечко влијание. Како такви, националните паркови се области каде се забранети големи хидроелектрани или било кои други деструктивни форми на користење на земјиштето. Националниот парк Маврово на меѓународно ниво е означен како значајно растително подрачје, значајно подрачје за птици, подрачје од клучно значење за биодиверзитетот како и Емералд подрачје. Содржи тринаесет загрозени живеалишта и бројни ендемски и/или загрозени видови наведени во анексите на Бернската конвенција. Маврово е дом на единствената останата популација на балканскиот рис (Lynx lynx ssp. Balcanicus) и на една од последните преостанати недопрени букови шуми на Балканот. Изведбата на еден ваков проект, која минимум би траела 5 години и за чие времетраење важат одредбите од законот за градење, би може да го доведе во прашање постоењето на самиот национален парк. Планираните хидроенергетски проекти во Маврово не само што се закана за живеалиштата на голем број загрозени видови, туку и ја поткопуваат самата идеја за национални паркови во целина. Ова испраќа катастрофална порака до меѓународната заедница во однос на значењето кое Република Македонија им ја придава на националните паркови кои претстацуваат само 6% од вкупната територија на Македонија. Исто така, овие проекти се во спротивност со правото на ЕУ, меѓу другото со директивите за живеалишта и птици кои се правен основ за воспоставување на мрежата Натура 2000 и Рамковната директива за води, вели Бујароска.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




