Добивај вести на Viber
Со јаже врзано на плафонот за цевката од радијаторот, сопственикот на градежната фирма „Фиком“, Никола Николиќ завчера беше пронајден обесен во затворот во Штип. Неговото тело затворениците го откриле утрината околу 6 и 30 часот. Управата за санкции соопшти дека 42 годишниот Николиќ за измами бил осуден на вкупна затворска казна во траење од 25 години и два месеци.
Случај „Фиком“ – измама тешка повеќе од 10 милиони евра
Мега градежната афера „Фиком“ медиумите ја открија во 2006 година кога група граѓани тврдеа дека нивниот стан бил продаден уште на неколку лица.
Се почна да се открива во 2006 година, а претходно сопствениците на ФИКОМ, сопружниците Николиќ успеале да измамат многу луѓе ветувајќи им ефтини, модерни станови речиси во центарот на Скопје. Во седум згради во централното градско подрачје тие продавале станови по цена од 450 до 500 евра за метар квадратен, без склучен договор.
За измамата да биде уште поголема, еден стан го продавале на повеќе лица. Стотици семејства беа оштетени, становите ги платија, но не добија дом. Зградите сеуште стојат недоизградени.
Фиком - најголема афера во градежништвото
Случајот „Фиком“ е една од најголемите измами со продажба на станови во Македонија. Стотиците граѓани ги уплатиле парите за становите пред 10-тина години, не знаејќи дека еден стан бил продаван истовремено на неколку лица.
Фирмата во која пред речиси една деценија беа откриени криминални активности со повеќекратни продажби на становите, веќе осум години е под стечај, а за тоа време сопствениците на плацовите на кои се градени зградите, живеат под кирија, која ја плаќаат со години иако поседуваат имот.
По обелоденувањето на аферата падна продажбата на станови
На македонскиот банкарски пазар веднаш по обелоденувањето на аферата „Фиком“ беше регистриран пад на побарувачката за станбени кредити меѓу граѓаните, а како главна причина се сметаа неколкуте афери со изградбата на станбени објекти во земјава од типот на Фиком, ова го покажа истражувањето спроведено меѓу банкарскиот сектор во државава од страна на Народната Банка. Оттогаш па до денес, тешко се менува сликата на подобр, имено останува впечатокот дека атрактивноста на становите во изградба се намалува, а расте заинтересираноста за становите кои веќе се користени. Ова го потврдуваат и во агенциите кои се занимаваат со продажба на недвижности.
Еуростандард банка и Фиком
Веднаш по аферата, со соопштение се обрати Еуростандард банка, која беше прозвана дека и дала кредит од 1,5 милион евра на „Фиком“ земајќи како гаранција имот на починато лице. Во соопштението се вели дека банката законски и го доделила кредитот на фирмата „Фиком“ врз основа на нотарски акт за хипотека врз недвижен имот и дека немала сознанија за незаконските дејства на фирмата. Минатата година во медиумите излезе информација дека
Врховниот суд ги преиначи пресудите на Основниот суд Скопје 2 и на Апелациониот суд за аферата „Фиком“, кои беа во прилог на оштетените граѓани што уплатиле за станови во зградата „Николина“ и ја уважи ревизијата на тужената Еуростандард банка АД Скопје. Дваесет скопјани, двајца битолчани, еден струмичанец, како и скопските фирми „Kонкрит МБ Тимо ДООЕЛ “ и економско - правниот консалтинг „ФВ Трендафилка и други ДОО“ бараа да се огласи како ништовен и да не произведува правно дејство договорот за залог во форма на нотарски акт од 2005 година врз недвижност на заложните должници, тужените скопјани Трајко Тасиќ, Љубинка Радомировиќ, Наташа Божиновска и Здравко Тамбулевски, кои се сопственици на земјиштето каде што требаше да се изгради зградата „Николина“. Тужителите вложиле пари во фирмата „Фиком“, која со парите требаше да изгради зграда на земјиштето на тужените. Тие бараа и да се наложи бришење на запишаната хипотека на недвижниот имот.
Еуростандард банка, пак, во 2005 година со нотарски акт засновала заложно право во корист на „Фиком“. Со одлука на стечајната управничка Весна Спирковска од 2007 година „Фиком“ отиде во стечај, па измамените граѓани ја обвинија банката дека хипотеките што ги има над зградите на „Фиком“ се фиктивни. Според пресудата, Врховниот суд наоѓа дека при одлучувањето пониските судови погрешно го примениле материјалното право кога го усвоиле тужбеното барање и го огласиле како ништовен и да не произведува правно дејство договорот за залог во форма на нотарски акт од 27 декември 2005 година на нотарот Нада Палиќ. „Врховниот суд смета дека погрешен е заклучокот на пониските судови имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба дека ниту тужените Трајко Тасиќ, Љубинка Радомировиќ, Наташа Божиновска и Здравко Тамбулевски, како сопственици на градежното земјиште, ниту тужениот „Фиком“ ДОО, како хипотекарен должник, не се и не можат да бидат идни сопственици на станбено-деловниот објект изграден во фаза на отворена карабина „ Николина“, пишува во пресудата. Исто така, погрешен е заклучокот на пониските судови дека тужените, освен Еуростандард банка, не може да бидат хипотекарни должници бидејќи не се сопственици на недвижностите. Врховниот суд во пресудата донесена неколку дена пред ланската Нова година им наложи на тужителите да ги надоместат трошоците на Еуростандард банка за извршената ревизија во износ од 131.000 денари, кои ќе бидат присилно наплатени ако отштетата не биде исплатена навреме.
Поранешниот градоначалник Марјан Ѓорчев сакаше да ја покрие зградата со панорамско платно
Пред околу пет години, тогашниот градоначалник на Кисела Вода Марјан Ѓорчев имаше идеја напуштената и недовршена зграда на „Фиком“ во оваа општина да биде покриена со панорамско платно се додека надлежните институции не донесат конечно решение како да се третира овој објект, кој стана синоним за урбана мафија.
Ѓорчев сакаше привремено да се покрие објектот кој го нагрдува централниот и најфреквентен дел на Кисела Вода со панорамско платно на кое ќе има фотографија на општината или реклами за различни компании.
Идејата не се реализираше. Граѓаните уште тогаш алармираа дека е тешко да се живее покрај запуштениот објект.
Што по Фиком, фризерка измами купувачи на станови?
По аферата Фиком, институциите ги зајакнаа контролите за да спречат слични појави. Но, сепак пред непочни две години скопската фризерка Благица Дончевска претставувајќи се како претставник на владин проект за станови, наменети за млади брачни парови, социјални случаи и лица со посебни потреби, довела во заблуда 42 лица. Со изговор дека становите што ги продава се финансирани од Владата, но и од Холандија и од Белгија, им наплатувала на оштетените лица за станови кои не постојат од 15 до 30 илјади евра, со што ги оставила и без пари и без станови. Заработи осум и пол години затвор. Министерството за транспорт и врски неколкупати го смени Законот за градење, со кој наметна зајакната финансиска контрола за градителите. Општина Кисела Вода, на чија територија се случија најголем дел од измамите, почна со издавање сертификати кои гарантираа дека еден стан не може да се продаде два пати.
Сопственикот на Фиком, Николиќ пронајден обесен во затворот во Штип
Со јаже врзано на плафонот за цевката од радијаторот, сопственикот на градежната фирма „Фиком“, Никола Николиќ беше пронајден обесен во затворот во Штип. Неговото тело затворениците го откриле завчера утрината околу 6 и 30 часот. Управата за санкции соопшти дека 42 годишниот Николиќ за измами бил осуден на вкупна затворска казна во траење од 25 години и два месеци. Требало да излезе од затвор во ноември 2031-та.
Р.Ф