ДОСИЕ КЕРИМ: Дали аферите ќе ја урнат кандидатурата на „надежниот“ дипломат?!
Објавено во: 18 Септември, 2015 08:42
„Како претседавач со Генералното собрание, задолжен сум да покажам почит кон достоинството на секоја држава членка на ОН, вклучувајќи ја и мојата", изјави тогаш Керим.
За името на Срѓан Керим во Македонија се врзани многу афери
За името на д-р Срѓан Керим во Македонија се врзани многу афери и шпекулации. За него се зборува дека уште во времето на поранешната СФРЈ бил раководител на една од најконтраверзните и најелитни тајни служби. Дипломатот Срѓан Керим никогаш не го криел својот афинитет кон елитизмот и луксузот. Имено за време на неговото амбасадорување во Германија, беше изградена најскапата македонската амбасада. Кога беше амбасадор во Обединетите нации престојуваше во апартман, каде што месечната кирија, според тогашните медиумски извори, беше 14.000 долари. Како претседател на Генералното собрание на Обединетите нации даваше широк публицитет на неговите средби со светскиот џет-сет (Анџелина Џоли, Ешли Џад, Дерил Хана...).
Стан во Њујорк на Менхетен
Апартман на Менхетен вреден 1.475.000 долари, купил Срѓан Керим, првиот човек на "Медија Принт Македонија", пишуваа во 2012 година медиумите во земјава повикувајќи се на информација на американскиот сајт за недвижнини www.blockshopper.com Апартманот се наоѓал во луксузниот комплекс "Белер апартманс", на престижната зграда во квартот Ленокс Хил.
Медиумите шпекулираа дека станот бил купен во екот на продажбата на компанијата МПМ, на бизнисменот Орце Камчев.
Прв човек на МПМ, на најтиражните и највлијателни дневни весници
Срѓан Керим од 2003 година е прв човек на МПМ (Медиа Принт Македонија) под чија капа се најтиражните и највлијателни дневни весници Дневник, Вест и Утрински весник. Тој е близок пријател со Бодо Хомбах, познат кај нас како поранешен шеф на Пактот за стабилност. Токму преку Хомбах групацијата МПМ беше превземена од германскиот медиумски магнат ВАЦ.
Керим доби шефовско место на медиумската групација во Скопје. ВАЦ после извесен период ја продава МПМ на македонскиот бизнисмен Орце Камчев, кој е добар пријател со Керим, а и двајцата одлични пријатели со поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков.
Керим не ја крие блискоста со владеачката ВМРО ДПМНЕ
Срѓан Керим, често може да се види на клучните митинзи на владеачката ВМРО ДПМНЕ. Тој не ја негира неговата блискост со челниците на партијата, особено со поранешниот прв човек на УБК; Сашо Мијалков, со бизнисменот Орце Камчев.
Тој во едно неодамнешно интервју тврдеше дека не гледа ништо спорно во тоа што некои од медиумите кои се под капа на МПМ, се насочени кон подршка на владинитеполитики. Иако, вели единствено Дневник е ориентиран кон владините политики, сепак според Керим, Утрински весник бил понаклонет кон опозицијата, а Вест функционирал како што функционирал. Сепак Дневник и Вест, а и јавноста беа сведоци на повлекување на насловни страници и текстови кои содржеле критика кон актуелните владини политики. Во Дневник беше повлечена насловна страна за штрајк на чекарите, во Вест за еден скопски градоначалник..
Афера 750 илјади евра во шише
Со Керим пред неколку години се поврзуваше аферата „750.000 евра во шише“, но ниту ВАЦ, тогашниот сопственик на МПМ, ниту македонските власти, (не) открија ништо спорно во случајот. Според информациите тогаш во службено возило на МПМ што го управувал личниот возач на Керим било пронајдено пластично шише со 750.000 евра во готово.
Срѓан Керим се оградуваше од одговорност за случајот 750 илјади евра во шише, пронајдени на унгарската граница, за која унгарските власти ја алармирале македонската управа за спречување перење пари.
Биографија
Срѓан Керим е роден е на 12 декември 1948 година, во Скопје. Тој е син на Асан Керим, познат македонски и југословенски политичар и функционер. Дипломирал на Факултетот за економски науки во Белград во 1971 година, а во 1982 година се здобива со титула доктор на економски науки. Во периодот 1972-1991 е професор на катедрата за Меѓународни економски односи во Белград. Предавал и на универзитетите во Хамбург и Њујорк. Има објавено девет книги со тематика од областа на светската политика, меѓународната економија и проблемите на младината, како и повеќе од 100 научни трудови кои се публикувани во Македонија и во повеќе земји, меѓу кои Германија,Франција, Грција, Австрија, Србија и Црна Гора и Словенија.
Функции кои ги извршувал
Меѓу функциите кои ги извршувал за време на неговата политичка кариера во поранешна СФР Југославија бил министер за економски односи со странство во Владата на Социјалистичка Република Македонија во периодот 1986-1989, а од 1989-1991 година помошник министер во Сојузното министерство за надворешни работи на СФРЈ.
Во 1990-1991 бил портпарол во Сојузното министерство за надворешни работи на СФРЈ. Од ноември 2000 до мај 2001 е министер за надворешни работи воВладата на Република Македонија. Во рамките на својата дипломатска кариера од 1994 до 2000 година беше амабасадор на Република Македонија во Германија, а од 1995 до 2000 беше именуван и за амбасадор во Швајцарија и во Лихтенштајн. Од 2001 до 2003 година беше амабасадор на Македонија при Обединетите нации во Њујорк. Керим во 1999 и 2000 година беше и специјален пратеник на Координаторот на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа..
Владата соопшти дека го номинира Керим за генерален секретар на ООН
Македонската влада одлучи да го номинира Срѓан Керим за функцијата генерален секретар на Организацијата на Обединетите Нации, што ја извршува Бан Ки-мун, а чиј втор пет годишен мандат истекува на крајот на 2016-та. Источноевропската група во Обединетите нации, на која припаѓа и Македонија, во ноември лани зазeде заеднички став дека следниот генерален секретар, по основ на системот на ротација, би требало да биде избран од нејзините редови.
Р.Ф




