25 Декември, 2024
0.0143

ДОСИЕ Киро Глигоров: државник кој преживеа атентат, љубовна афера и замина како голем човек!

Објавено во: 03 Октомври, 2014

Добивај вести на Viber

Точно 19 години од обидот за атентат на првиот македонски претседател Киро Глигоров, кој почина пред две години од природна смрт. Вистината за тоа што кој стои зад овој грозоморен чин е се уште непозната веќе две децении. Толку време на меѓусебни политички обвинувања за тоа кој и зошто сакаше да го убие првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров. Фактор Досие - за политичарот кој почина пред две години од природна смрт, почитуван и дома, но и во светот. Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров (1917-2012), стапи на функција на 73 години, зад себе имаше 50 години поминати во Белград на најодговорни функции во поранешната СФРЈ. Го сметаа за историја што чекори, за жив споменик на цела епоха - личност која ги поврза двата столба на македонска државност - АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991 година, ќе напишат хроничарите. Кој е Глигоров Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Потекнува од просечно македонско семејство. Татко му бил занаетчија, а неговата мајка домаќинка. Кога наполнил доволно години за да посетува училиште во 1924 година, директорот на тогашното српско основно училиште во Штип му го променил името и презимето како Ќирило Глигоровиќ. Со такво име тој се задржал се до 1941 година. Во 1936 година се запишал на Правниот факултет во Белград. Подоцна, се вклучил во илегалното македонско друштво „Вардар“ каде станал негов секретар. Во 1939 година бил уапсен под сомнение дека работел против тогашниот империјалистички режим, но набргу бил пуштен. Истата година, во месец јуни, Глигоров дипломирал на Правниот факултет. Приведуван и како комунист На 6-ти април 1941 година кога Белград бил бомбардиран од страна на Нацистичка Германија, Глигоров се вратил во Скопје. Овде, се вработил во „Вардар Банка“ како правник, а потоа и сам отворил адвокатска канцеларија. На оваа позиција се задржал многу малку бидејќи бил наклеветен од страна на некој соработник дека бил опасен „србин“. Така, по втор пат тој бил приведен како комунист. По пуштањето од притвор, Глигоров активно се вклучил во антифашистичкиот илегален отпор, соработувајќи со Кузман Јосифовски Питу. Во 1943  година Глигоров се оженил со Нада, со која има две ќерки и еден син. Претседател на Македонија Кон крајот на 80-тите години од минатиот век, Гливоров се враќа во Македонија. Во тоа време веќе е започнат процесот за воведување на повеќепартиски систем во Македонија. Во периодот 1989-1990 година кога на просторите на СФРЈ се разгорува војната, Македонија влегува во партиски плурализам, а тогаш се одржуваат и првите повеќепартиски избори. Пред да биде составена експертската влада на Никола Кљусев, во Македонија за прв претседател бил избран Киро Глигоров.

Избор за прв претседател на Република Македонија (1991-1994)

На првото тајно гласење, Киро Глигоров не ги доби потребните две третини од гласовите, поради немање подршка од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ПДП. Тогаш, тој доби 60 од потребните 80 гласови за избор на претседател. Но, по само три дена, ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение дека ќе ја подржи кандидатурата на Глигоров само доколку за потпреседател и премиер на државата биде избран личност кој е член на нивната партија. Така, на 27 јануари 1991 година, на седницата на Собранието на Република Македонија, со 114 гласови “ЗА“ , Киро Глигоров беше избран за прв претседател на Република Македонија.

Започнување на немирите и војната во СР Југославија

Во почетокот на 1991 година доаѓа до тотално распаѓање на СФРЈ. Со избувнувањето на немирите на Косово, а подоцна и на Плитвичките Езера во Хрватска и Вуковар. Тој е најзаслужен што Македонија е единствена држава од поранешна СФРЈ која ја испрати ЈНА со потпишан договор, без ниеден испукан куршум и жртва. На 28 март Глигоров учествувал на самитот на претседателите на југословенските републики во врска со зачувување на пријателските односи помеѓу словенскиот народ, а подоцна, на 6 јуни 1991 година била предложена Платформа помеѓу Глигоров и Изетбеговиќ. Зборови на Глигоров: „Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот? Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓе.“

Полноправна членка на ООН

По усвојувањето на новиот Устав на Република Македонија на 17 ноември, претседателот Глигоров веќе на 2 декември упатил писмо до шефовите на странските држави и влади со барање да ја признаат независноста на Република Македонија. На 7 април 1993 Република Македонија стана полноправна членка на ООН, каде претседателот Глигоров одржал говор на седницата на Генералното собрание на ООН

Глигоров и спорот со Грција

Веднаш по осамостојувањето и прогласувањето на независност на  Македонија, во Грција се крена тензија особено околу матичното име и знаме. Во овие преговори, активно учество заземал и Киро Глигоров. Но, преговорите престанаа, откако од Република Македонија, на чело со претседателот Глигоров, беше одбиен предлогот државата да се вика „Централна Балканска Република“. На 11 мај 1993 година, Глигоров се сретна со Бутрос Гали, каде во присуство на медијаторите Овен и Венс беше понудено решението „Бивша Југословенска Република Македонија“. По изборите во Грција, кон Македонија било воведено економско ембарго, на кој Глигоров остро ги осудил овие постапки кон јужниот сосед, повикувајќи се во генералното собрание на ООН за изнаоѓање на решение. Подоцна, на 13 септември, била склучена времена спогодба за нормализација на односите со Грција.

Втор претседателски мандат (1994-1999)

Во текот на октомври 1994 година во Република Македонија по прв пат се одржаа претседателски избори. Киро Глигоров, како кандидат за претседател од СДСМ, повторно беше избран за Претседател на Република Македонија, со освоени 52,4% од гласовите. Негов противкандидат бил познатиот македонски режисер Љубиша Георгиевски, како претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската ВМРО ДПМНЕ не ги прифатила резултатите од изборите. Претходно, Глигоров одби и соочување со противкандидатот Георгиевски.

Атентат врз претседателот Глигоров

На 3 октомври 1995 година врз Глигоров беше извршен неуспешен обид за атентат. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Исто така, на повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, пензионер, кој случаен минувач покрај местото на настанот. Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот "Бристол" во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција на работното место во Собранието. Бомбата, поставена во автомобил АМИ 8, експлодира кога автомобилот на претседателот минувал покрај неа. Од силината на експлозијата, ситроенот бил целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу. Автомобилот бил намерно избран за поставување на бомба, затоа што има тенок лим кој може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков шрапнел и го убил возачот на претседателот. Нападот дојде по само еден ден откако во Скопје претстојувал претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ, при што претседателите на двете земји постигнале договор за мегусебно признавање на двете земји. Ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сѐ уште не се познати. Во 1995 година, по неколку месеци од атентатот, како еден од можните атентатори, разузнавачката служба ги посочила „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија. Потоа, тогашниот министер за внатрешни работи како нарачатели ги посочил бугарската „Мултигруп“ или југословенската „КОС“ но не се пронајдени тврди докази околу нивната вмешеност во атентатот. Подоцна, водството на бугарската организација „Мултигруп“ лично дошло во посета кај Глигоров за да ги отфрли тие шпекулации. Во април 2008 година во Република Македонија дошла информација преку дневните медиуми дека организатор на атентатот била албанската организација „Кос“, но оваа информација не е потврдена. Обидот за атентатот на Глигоров и денеска се користи за политичко пресметување на двете најголеми партии. Атентатот е нарача од македонски криминални структури.

По атентатот

За време на закрепнување на Киро Глигоров од повредите со кој се здоби, неговата должност ја вршеше, според Уставот, тогашниот Претседател на Собранието, Стојан Андов. Киро Глигоров официјално на функцијата претседател се врати на 10 јануари 1996 година.

Љубовна афера

Но ништо не ја размрда македонската јавност како аферата со првиот претседател Киро Глигоров и неговата советничка за култура, објавена во неделникот „Денес“ во мај 1998 година. Милан Банов, тогашниот уредник на „Денес“, своевремено изјавуваше дека со тоа се разби митскиот статус за политичарите, се покажа дека може и смее да се објавуваат детали од нивниот живот. Но сето тоа не поминало толку лесно. Банов се присетува дека тој и неговите новинари биле под страшен притисок, особено од другите медиуми, кои барале да се затвори весникот, дури и да се судат авторите, затоа што го нарушиле угледот на претседателот. Аферата не му го наруши рејтингот на Глигоров. Банов вели дека издржале на притисоците, извор на информацијата според него била сопругата на Глигоров, Нада Глигорова која според Банов инсистирала на објавување на веста.

По завршување на мандатот

По пензионирањето, Киро Глигоров бил активен како публицист. Неговите мемоари „Македонија е се што имаме“ кој ги објави во 2001 година, во Македонија беа прогласени како бестселер кои многу бргу доживеаа и второ издание. Глигоров е основач и на фондацијата Глигоров што поддржува проекти од културата и уметноста. Негови дела
  • „Македонија е сè што имаме“ (2001)
  • „Атентат - ден потоа“ (2002)
  • „Виорни времиња : Република Македонија реалност на Балканот“ (2004)
  • „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006).
3 јануари 2012 ден на жалост Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје. Глигоров почина во длабока старост, на 94 години, спиејќи. Погребот на првиот претседател на Република Македонија беше извршен на 3 јануари на градските гробишта Бутел во Скопје. Беше испочитувана неговата последна желба, односно да има граѓански погреб без државнички и црковни церемонии. Последна почит му одадоа стотина луѓе. До ковчегот стоеле неговите најблиски, синот Владимир и ќерките Лилјана и Донка, како и членови од потесното семејство. 3 јануари бил прогласен за ден на жалост, а знамињата биле спуштени на половина копје. Во спомен на првиот претседател Киро Глигоров, беа отворени книги на жалост на повеќе места, меѓу кои во претседателската вила на Водно, во канцелариите на претседателот, како и во седиштето на СДСМ и во општинските организации на партијата.. Неколку цитати За односите со соседите и историјата Ние со сите наши соседи сакаме да имаме добри, пријателски односи, да имаме што поотворени граници, и да се свртиме кон оние проблеми кои не обединуваат, кои бараат заемна соработка – економска, политичка, и друга... И да ја оставиме историјата на страна. На Балканот, за жал, многу се живее од историјата... За достоинството Најголемо достоинство на нашиот народ е што го сочува мирот, што не влезе во никаква војна, што не носи никаква вина за се она што се случи и што го згрозува целиот свет... За правото на народот да се изјасни дали е за промени Никој не може да му го оспори правото на народот да се изјасни дали е за промени. Од тоа демократско начело не треба никој да стравува. Не гледам кого би го загрозил референдумот. Можеби не за сите амандмани, но можеби за еден добар дел народот ќе каже дека ги прифаќа. Во тоа, инаку, не верувам Одликувања
  • Орден на југословенското знаме со лента
  • Орден на Републиката со златен венец
  • Орден Братство и единство со златен венец
  • Орден на трудот со црвено знаме
  • Орден 65 години од победата во големата татковинска војна 1941-1945
  • Повеќе странски одликувања
И.М.