ДОВЕРБАТА НА ЈАВНОСТА ВО БАНКАРСКИОТ СЕКТОР, СЕ ПОКАЖА КАКО КЛУЧНА
Објавено во: Колумни 31 Август, 2022
На едно од неговите предавања, професорот Исак Адижес, меѓу другото ќе
истакне: „Најважната улога, не само на директорот, туку и на сите во секоја
организација, е да создаваат доверба. Зошто, надвор можеби е грозно, но ние ќе
опстанеме заедно.“
Најнапред, во оваа кризна година ако направиме една објективна анализа на македонскиот банкарски систем, може да се забележи состојба во која преовладува реален оптимизам (ова е мој личен став), истовремено со присуство на голема претпазливост од страна на регулаторот во монетарниот систем. Во анализата, не треба да си многу упатен, за да согледаш дека банките одлично си ја вршат работата иако е кризна година, и тоа трета по ред. За таа цел, подолу ќе дадам неколку корисни информации за нивниот перформанс во оваа 2022 година. Имено, треба да сме согласни дека стопанството ќе почне да заздравува во втората половина на 2023 година, за понатаму, истото да почне нормално да функционира со позначаен раст во 2024 година. Попрецизно кажано, на почетокот на второто полугодие од 2023 година, македонската економија ќе почувствува состојби на стабилност и реален раст на БДП, и тоа, на она исто ниво на растот од пред кризата (според мене растот ќе биде нешто под 4% во 2024 година). Ова е така, само и само ако на крајот на првиот квартал од 2023 година се преовладуваат повеќе позитивни ризици во економијата. Но, останува да видиме во пракса.
Во текот на летово, повторно, а сега читајќи некои минати извештаи, си направив една пралела на актуелната денешна ситуација на кризата во пост-ковид периодот и војната во Украина, со онаа состојба на кризна ситуација во 2001 година, каде живеевме во услови на воен конфликт во земјата. Во таа насока, сакав само да ја споредам состојбата од минатото во контекст на економските параметри, од кои, може да се забележи сличност на тој квартал два во 2001-та, со кварталот два во 2020 година. Практично, и двата споредбени периоди беа со двоцифрена негатива за домашната економија. Според тоа, би укажал на податокот кој вели дека во триесет години монетарна независност, таква двоцифрена ситуација на рецесивни движења се случила само два пати (прв пат, во вториот квартал на 2001; и втор пат, во екот на пандемијата - 2020 година). Оттука, би подвлекол дека и тогаш, и во 2020-тата, македонските банки излегоа од состојбите како стабилни и први на браникот на македонската макроекономија. Можеби ќе ви звучам нескромно, но такви сме и ние во АБИТ. Први, осум години, сме во јавноста со објективна реакција за банките, како и први на браникот на македонскиот банкарски систем. Читателите, логично е да се запрашаат: Дали го правиме тоа од лукративни причини? НЕ! Чланарините, од кои се финансиравме, тие ни го укинаа уште во 2018-тата. Но, така научивме претприемништво, а не само да трошиме и да бидеме комотни.
Довербата на јавноста во банкарскиот сектор се покажа како клучна за малото влијание на падот на македонската економија врз банките
На почетокот, токму така и го започнав ова писание, со давање на јасни видици за значајноста на довербата на јавноста во македонските банки особено во овој актуелен период на синхронизирана економска криза којашто истовремено ги погодува речиси сите економии во светот. Во насока на ова, логично е да се запрашаме:
На што се должи довербата на јавноста во македонските банки?
Од квартал на квартал, негативните амплитуди во економијата, сепак, не придонесоа за тоа, банкарскиот систем да има карактеристики на нестабилност во 2022 година. Практично, ако се анализира претходниот (втор) и овој актуелниот (трет) квартал во годината, со право, може да се констатира дека банките ја задржаа нивната стабилност и отпорност на економските шокови. За таа цел, самите тие како чинители на банкарскиот систем, беа креатори на доверба кон јавноста. Сето тоа, сум на мисла дека го овозможија со континуирано и успешно работење, наназад, една цела декада и пол. Затоа, стручната јавност коментира дека таквата успешност од минатото, денес, дојде до израз и се покажа како клучна за актуелните резултати во пост-ковид периодот и кризата со енергенсите. Поточно, банките, со таквите континуирани акумулации на профитите, за себе, создадоа една слика на стабилност во очите на клиентите, а со тоа и силна доверба кај домашната јавност, воопшто.
Имено, банката како и секоја друга фирма (на пример супермаркет) е конципирана и делува согласно бизнис правилата и таа е чисто профитна организација. Тоа, подразбира дека на банката треба да се гледа како на секоја една друга фирма од стопанството (силна) и таа треба да се толкува разумно како помагател со средствата од нејзиниот акумулиран профит. Поточно, на банката може да гледаме како на општествено одговорна институција, внимавајте, која дел од својот профит може, а не мора, да го донира во: здравство, образование, култура, спорт... Значи, ние повторно заборуваме за профит. Логично, банката, како и сите други фирми работи за профит.
Подолу, да бидам интересен за читателите на „Фактор“ сум на мисла да дадам една метафора за банка.
Во контекст на ова, ако го земам еден супермаркет во анализата, покрај другото, таму се продава „кашкавал“ кој има своја набвана вредност добиена од производителот во Битола, при влез во магацинот. Освен тоа, дополнително на набавната вредност на кашкавалот, сметководителот додава маржа (читај: профит) во продажната цена, по претходно отстранување на влезниот ДДВ и таквата цена ја дополнува со вкалкулиран данок, со цел да формира продажна цена (да се искажам сметководствено) или таа е конечната цена на рафтот во маркетот. Што значи, од профитот вклучен во продажната цена на кашкавалот се покриваат сите трошоците на супермаркетот (плата, наемнина, струја, вода и сл.; освен набавната вредност на кашкавалот - влезните фактури од добавувачот). Ако, сега направиме една паралела со банка, таа продава „пари“ кои, како и кашкавалот имаат набавна вредност т.е. набавени се од некаде, а тоа се граѓаните и фирмите - штедачи. Понатаму, банката на тие пари добиени од штедачите, става маржа (читај: профитна маргина) за да ги продаде на граѓаните и фирмите кои имаат потреба од тоа. Значи, со јазик на стопанството би подвлекол дека банката како награда за правото да стопанисува со парите на ентитетите кои имаат вишоци им дава пасивна камата (или го дели претходно стекнатиот профит со нив). Додека, пак, на овие другите (кредитоземателите) кои имаат потреба од пари, таа им ги задоволува потребите бидејќи е ликвидна, но за сметка на тоа, банката додава маржа над набавната вредност на парите (читај: набваната вредност на продуктите). Според тоа, основната бизнис логика вели дека банката, како и сите останати фирми во другите индустрии мора да има профитна маргина над нулата или да биде повисока активната камата од онаа пасивната.
На крај, да ја заклучам оваа паралела со една констатација:
Замислете си, супермаркетот „А“ да ја постави структурата на работа така што, сите оние кои живеат во Битола и имаат дома натрупано залихи од кашкавал, а не се во состојба да го конзумираат, да ги мотивира, истиот да го депонираат во рафтовите на „А “ во Скопје. За сметка на тоа, тие ќе добијат награда - камата, додека останатите граѓани од Скопје, пак, имаат континуиран недостаток на органски кашкавал. За таа цел, сега овие вторите, скопјаните, ќе имаат секогаш доволно залихи на кашкавал и сите ќе бидат среќни. Оттука, цената на кашкавалот на рафтовите во маркетот „А“, за сметка на задоволувањето на потребите и уживањето во континуитет на скопјаните мора да биде зголемена за сума наречена - камата (читај: маржа или профит кој маркетот го додава над набавната цена на кашкавалот добиен од битолските граѓани). Со тој профит во цената на кашкавалот, супермаркетот (читај: банката) ги плаќа со камата битолчаните, со цел, тие да бидат мотивирани и во континуитет го даваат својот вишок на кашкавал, за да потоа супермаркетот може да ги покрива сопствените трошоци на периодот. Тука, важно е супермаркетот секогаш да има доволно ликвиден кашкавал на располагање, за во онаа ситуација кога некој од давателите (депонентите) ќе си го побара назад на трпезата во Битола. За сметка на тоа, тој е спремен да се откаже од наградата - камата од супермаркетот (читај: банката).
Сето ова, мора да се свати како една метафора, која, има за цел да ја активира креативната интелигенција во поглед на банкарството од една, и да го зголеми нивото на задоволство кај читателите од друга страна. Овде, со еден многу сериозен речник би кажал дека банкарството е високо регулирана дејност. Банката, како единка во системот, ако се дебатира во регулаторна смисла не може да се споредува со компанија во тој поглед воопшто. Имено, банкарското работење се одвива во услови на широко поставена правна регулатива, создадена примарно за заштита на јавниот интерес. Исто така, банкарската регулатива од аспект на нејзината функционалност може да се класифицира на закони и разни подзаконски акти кои се поврзани со сите делови на банкарското работење.
P.S. еден банкар, на семинарите, често знаеше да каже вака: „Какои правдата така и парите се потреба на сите, и мораат да влеваат доверба“.
проф. д-р Синиша Наумоски,
Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.