Добивај вести на Viber
Експорт импорт банка е најголем и доминантен опственик на акционерскиот капитал на кумановската фабрика за цевки 11 Октомври. Банката во стечај има 50,62% учество во обичните акции на компанијата, но според информациите од доверителите, на истата и се негира правото на учество на акционерските собранија на компанијата.
Одборот на доверители на Експорт импорт банката меѓу кои се Народната банка, Управата за јавни приходи и Стопанска банка Битола, по судски пат ќе бара одговор од кумановската компанија зошто работи со загуба и како раководи со капиталот. Иако доверителите побарале свикување вонредно собрание со цел измена на органите на надзор и управување и заштита на правата на доверителите во стечајната маса на Експорт импорт, тоа до денеска не се случило. Затоа одборот на доверители ќе бара надлежен суд да побара разврска на случајот.
Според информациите на Фактор, одборот на доверители на Експорт импорт банката на речиси секое акционерско собрание на ФЗЦ Куманово испраќа свои претставници, но во континуитет и се оспорува правото на сопственост, со што банката не може да си ги оствари правата кои произлегуваат соласно Законот за хартии од вредност. Истите извори тврдат дека записнички не се констатира присуството на претставникот на Експорт импорт, а седниците се одлагале со цел, поголем дел од одлуките да се донесат без гласачките права кои банката во стечај ги има во кумановската компанија.
ФЗЦ Куманово тоне во загуба
Според финансиските извештаи на ФЗЦ Куманово кои се јавно достапни на интернет страната на кумановската компанија, фирмата лани ја завршила годината со загуба од 3 милиони евра. Иако компанијата години наназад го држи приматот како стратешка во регионот заради производството на заварани цевки и профили, производи кои се многу барани на пазарот, сепак приходите од продажба од лани почнуваат значително да се намалуваат при што, за цела 2012 година изнесувале 13,7 милиони евра, што е за 17% пад во споредба со претходната година..
Инаку, релевантноста на финансиските податоци ја оспорува дури и ревизорската куќа Грант Тортон која во својот извештај, исто така јавно достапен на интернет страната на ФЗЦ Куманово, пишува дека менаџментот не им обезбедил пристап до целосните финансиски податоци, што ги принудувало ревизорите да се оградат од вистинитоста на извештаите.