КАКО СЕ ТРОШАТ НАРОДНИТЕ ПАРИ: Половина милион евра за студија за „зелена зона“ во Гевгелија за која нема интерес
Објавено во: Економија 17 Јануари, 2025
Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони платила преку половина милин евра за студија за формирање на „зелена зона“ со јавно-приватно партнерство во Гевгелија, за што потоа се испоставило дека нема интерес од приватни оператори.
Во 2023 биле исплатени 30.342.000 денари, а претходно уште 1.129.000 денари за консултантски услуги од „Моравчевиќ Војневиќ и Партнери АСД Белград“ за изработка на комплетна документација за избор на партнер за Јавно-приватно партнерство ТИРЗ Гевгелија. Ова е наведено како фуснота во извештајот на независниот ревизор за работењето на Дирекцијата.
Управниот одбор на Дирекцијата која управува со слободните индустриски зони лани на 17 мај донесува „Одлука за поништување на постапка за доделување на Договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, финансирање, изградба, управување и одржување на Технолошко-индустриска развојна зона Гевгелија“. Истата одлука потоа е прифатена и од Владата на 26 ноември.
Од Дирекцијата за ТИРЗ рекоа дека во 2024 немало исплати кон оваа консултантска куќа, но и се покажало дека нема интерес од потенцијални приватни партнери за преговарање околу проектот.
„Во однос на спроведената отворена постапка за доделување на Договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, финансирање, изградба, управување и одржување на Технолошко-индустриска развојна зона Гевгелија, во рокот за поднесување на понудите не беше добиена ниту една понуда. Комисијата за спроведување на постапката му предложи на органот на управување на ДТИРЗ да ја поништи постапката согласно со член 114 став 1 алинеја 2 од Законот за јавните набавки, поради што Управниот одбор на Дирекцијата донесе Одлука за поништување на постапката, која потоа беше проследена до Владата со барање за согласност за поништување на постапката. Владата на 35-та седница на Владата во 2024 година дадe согласност на одлуката за поништување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство ТИРЗ Гевгелија“, ни одговорија од Дирекцијата.
Во 2021 беше најавено дека, во согласност со новиот концепт на ТИРЗ за привлекување инвестиции, индустриската развојна зона Гевгелија ќе се фокусира на поддршка на зелените индустрии во согласност со зелената агенда на ЕУ, а покрај производствените компании во зоната ќе има можности за инвестиции поддржани од државата во секторот на здравствени услуги. Зоната во Гевгелија беше замислена како пилот модел по кој ќе се развиваат и други вакви индустриски зони низ земјата, а при презентацијата беше кажано дека студијата за изводливост ќе се финализира по повратен одговор од потенцијалните корисници.
Беше најавено дека во оваа „зелена зона“ од 50 хектари ќе се обезбедат вработувања со повисоки плати. Во самата студија беше предвидено поголем фокус да биде ставен на зелените индустрии и искористување на „зелениот стратешки инвестициски фонд“. Замислата беше концесионерот со овој концепт да донесе т.н. паметни инвестиции од над 400 милиони евра со висока додадена вредност.
А.К.