„ДАЛЕКУ СМЕ ОД РАЗВИЕНИТЕ ЗЕМЈИ, НО ПАРИ ИМА“: Д-р. Митов во Бизнис муабети открива детали за бизнисот - меѓу клиентите и големи брендови
Објавено во: Економија 17 Јануари, 2025
Има ли заработка и колку пари се вратат во бизнисот со здрава исхрана, со советувањето на граѓаните како правилно да се хранат во интерес на подобро здравје и поголема подвижност. Доктор Александар Митов е веќе добро познат во македонската јавност, кој своето име го изгради давајќи совети како правилно да се храниме.
Како име кое е добро познато во нашата јавност, беше сосема очекувано да го видиме д-р. Митов и во „Бизнис муабети“ на Фактор.мк заедно со колегата Мишко Иванов.
Има ли заработка во оваа дејност, кои компании се меѓу клиентите има Д-р. Митов, кои се пионерите во светот и кај нас во грижата за здравјето на своите вработени и кои посветуваат поголемо внимание за нивната исхрана, можности за вежбање во текот на работните часови...
- Нормално дека има пари. Сум соработувал со Телеком, Стопанска банка, Костал, Усје... компании кои се големи и сериозни компании на нашиот пазар. Ова укажува дека „ветровите“ кои се присутни на странските пазари веќе ги има и кај нас – потенцира Митов во разговорот со колегата Иванов.
Митов потенцираше дека овој тип на бизнис се уште не може да се споредува со развиените земји, како САД, за што потенцираше дека станува збор за голем бизнис, за развиена индустрија, за која се наплаќаат големи суми, и дополни дека во нашата земја се уште нема конкуренција.
Д-р. Митов отворено раскажа како функционира советувањето, како ги посетува компаниите и како разговара со вработените се со цел индивидуално да им посвети внимание и да го променат навиките со цел да ги надминат проблемите кои ги имаат, со крајна цел подобро здравје за сите вработени во компанијата...
Целиот разговор со Д-р Митов насокоро на Фактор.мк.
Фото: Фактор.мк