Дрога, проституција и шверц „цветаат“ во Идомени?
Објавено во: Балкан 18 Мај, 2016
Грчкиот весник „Елефтерос Типос“ објави репортажа за кампот во Идомени, во која истакнува дека во него земаат замав криминални групи кои се обидуваат да заработат пари со искористување на сиромашните бегалци.
Покрај трговијата со луѓе, шверцот на цигари и лекови, сега има и проституција. Во продажбата на дрога превласт имаат мароканските и туниските групи, за шверцот се одговорни Сиријците, а за трговија со бегалци авганистанските и пакистанските мигранти, пишува весникот.
Во проституцијата се вмешани Мароканците и Ирачаните, кои искористуваат жени кои се меѓу бегалците. Весникот пишува дека се работи за жени кои во меѓувреме ги загубиле своите сопрузи или тие останале дома, или пак мажот успеал да замине за Европа пред да се затворат границите. Извори за весникот тврдат дека во Идомени постојат два бордели. Како бордел се користат еден напуштен вагон и една соба во зграда, во кои сиромашните жени на „клиентите“ им наплаќаат од 5 до 10 евра за сексуални услуги.