24 Април, 2024
0.0257

Државата, надежите и неизвесностите во 2014

Објавено во: Колумни 30 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Изминува  годината која започна со големи неизвесности за стабилноста на економијата поради политичките тензии по скандалот во Собранието по повод донесувањето на буџетот за 2013 година. Страстите се смирија во интерес на подобрување на имиџот на државата пред набљудувачите од Европската унија, во очекување на одлука за започнување на преговорите за асоцирање на земјата во Унијата. Меѓутоа, изостана утврдувањето на одговорност за немилите настани. Тоа што ќе остане е фактот што никој не поднесе последици за, најблаго речено, недемократските постапки и однесувања, кои се’уште ги оптоваруваат политичките односи во земјата. Бројките велат дека  со реализацијата на усвоениот буџет (кој наместо со 2,5% буџетски дефицит заврши со 3,5% од БДП) Македонија го продолжи позитивниот тренд од второто полугодие на 2012 година, во која, повторно, по 2009 година, западна во рецесија. Во првиот кватрал од 2013 година се оствари пораст на БДП од 2,6%, во вториот од 3,5%, а во третиот 3,3%. Се очекува годинава да заврши со пораст од над 3%. Живна и индустриското производство. Во ноември годинава беше поголемо за 3,1% во однос на истиот месец од претходната година, а за единаесетте месеци во однос на претходната порастот изнесува 2,6%. Позитивен резултат бележи и надворешно трговската размена. Извозот во десетте месеци од годинава порасна за 5,1% во однос на истиот период од претходната година, а увозот за 1%. Меѓутоа, во третото тримесечие од годинава  опаѓа покриеноста на увозот со извоз. Се одржа и стабилноста во секторот на цените. За единаесет месеци од годинава, според податоците од ДЗС, тие се поголеми за 1,1%. За жал се остварија и предвидувањата на опозицијата за порастот на буџетскиот дефицит и за јавниот долг на државата. Времето ќе покаже дали е тој мал, голем или умерен, со тоа што одговорноста за лошите проценки ќе  ги сноси избраната власт, а последиците населението. Со поголеми средства во буџетот за 2014 година во однос на претходната, владата предвидува економски раст од 3,2%. Тоа е големина од која тешко ќе се почувствуваат подобрувања во стандардот на вработените и населението. Сигурно е дека подобрување од буџетот ќе почувствуваат само пензионерите и социјално загрозеното население, со пораст на примањата од 5%. Земјата и во новата година останува во исчекување на повисоки стапки на раст и во неизвесност за нивно постигнување. Годинешниве остварувања покажуваат дека, и со поголем буџетски дефицит и пораст на јавниот долг, дострелот на ангажирањето на државата е недоволен за остварување на повисоки стапки на раст, неопходни за пресврт во вкупниот развој на земјата. Останува да се види што може да се очекува, дополнително,  од домашните бизнисмени и од странските директни инвестиции. Во овој контекст, загрижувачки е што ниту во изминативе ниту за наредната година не слушнавме планови за позначајни инвестициони проекти на домашните бизнисмени, а јавноста е „бомбардирана“ со најави за повеќе странски гринфилд инвестиции и уште повеќе во подготовка. Не е спорно дека е добро што се гледаат извесни можности и во ангажирањето на странска акумулација. Веројатно е дека некои проекти и ќе се реализираат. Развоен проблем е, меѓутоа, дали иднината на економијата може да се потпира врз странските инвестиции во земјата. Притоа, треба да се има предвид дека веќе се размислува за намалување на буџетскиот дефицит, а  тоа ќе доведе до намалување на нејзините капитални инвестиции, со оглед на тоа што, поради ниското ниво на другата потрошувачка, мали се можностите за нејзино кратење. Крајно време е да се преиспита развојната стратегија на земјата, во насока на извозно преструктурирање на домашното стопанство. Не е доволно што странските директни инвестиции продуцираат производи за извоз, посебно што и тие се узвозно зависни. Имено, многу е мал делот што странските инвестиции го набавуваат од домашни ресурси. Неопходно е да се разбие увозната зависност на стопанството, бидејќи таа генерира зголемување на долговите  кои, кога- тогаш, ќе мора да се враќаат. Тоа значи на домашните бизнисмени да им се создадат услови да почнат да размислуваат за проширување и модернизирање на постојните капацитети и изградба на нови, за производство на нови производи, а не да се борат само за опстанок, како што се случува досега. Во оваа смисла тие покажаа и голема виталност. Меѓутоа, со барањата да се изедначат во условите за работење со странците, тие укажуваат дека имаат проблеми во отпочнувањето на нови инвестициони зафати. Лошо е, меѓутоа, што не прецизираат што им пречи. Бараат банките да им одобруваат повеќе кредити и со пониски камати, а тие се колебаат и покрај тоа што имаат средства. Настојуваат да го заобиколат реалниот однос меѓу банките и бизнисот, избегнувајќи да го признаат тоа што го сугерира барањето- дека им се високи трошоците за инвестирање. А зошто е тоа така? Одговорот на ова прашање  секако дека задира во цените и во курсот на денарот, како цена на странските валути, т.е. во макроекономската политика на земјата, чие спроведување нели е оценето како многу успешно?!. д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок