16 Јуни, 2019
0.0227

Духовно, материјално и телесно осиромашување на македонскиот граѓанин

Објавено во: Колумни 15 Март, 2013

Лето господово две илјади и тринаесетто, ден петок, два дена пред Прочка-празник кој симболизира покајување и простување за лошите и негативни мисли и дејанија сторени кон блиските и драги луѓе. Религискиот ритуал на проштевањето е носењето на портокали и понизна замолница за прочка упатена кон постарите, родителите,кумовите и сите оние кои намерно или ненамерно сме ги повредиле. Портокалот симболизира плодност, берикет,родност, а барањето за проштевање преку зборовите “простете ми за сторените грешки” симболизира свесност на човекот за неговите сакани или несакани сторени дела. Мислејќи и радувајќи се на убостите кои ги носи празникот Прочка полека и несвесно вниманието ми го одвлекува веста проследена на електронски медуим дека повторно ќе има ценовни шокови и поскапување на намирниците за егзистенција. И во духот на празникот и во духот на егзистенцијалните проблеми кои го тиштат обичниот човек се обидов да најдам одговор на едно прашање: колкумина ќе можат искрено да си ја прослават Прочка и колкумина ќе купат портокали и со полни кошници од вкусното овошје ќе заминат кај своите најблиски? Слики на илјадници изнемоштени кои молат за корка леб и живеат во неизвесност Тивок молк, лелек  и трепет кај мене самата разбуди прашањето кое сама на себе си го поставив, а за кое не можев да дадам едноставен и брз одговор. Сликите на лица кои милно ги гледаат излозите на стаклата, а не можат да вкусот ништо од понуденото, сликите на илјадници луѓе кои живеат од денес за утре-прашувајќи се што носи утрешниот ден, сликите на илјадници изнемоштени кои молат за корка леб и живеат во неизвесност ги запоседнаа моите мисли и ме вратија во суровата реалност. Реално сивило кое е нем сведок за духовно, телесно и материјално осиромашување на обичниот човек. Не треба да се биде експерт, може и обичен лаик да види дека од ден на ден македонскиот граѓанин се потешко ги задоволува своите егзистенцијални потреби, се потешко доаѓа до животни намирници кои му ја даваат силата да битисува, создава и твори. Реалноста можеби е сурова но ни ја покажува сликата на масата, на народот, кој е желен за подобро утре, за попросперитетна иднина за себе и своите поколенија. Кога цревата ќе ти ја свират оддата на гладдта, тогаш и душата ќе страда Малкумина реално во духот на традицијата ќе го прослават празникот, со богата трпеза и насмеани и радосни ќе уживаат во благодетите на животот, ќе вкусуваат убаво приготвено јадење и ќе соблазнуваат со своите сакани. Не дека не сакаат и не знаат како да практицираат религиски празник, туку затоа што не можат. Вистинскиот верник, оној кој што душата ја дава чествувајќи религиски празник не може да си купи многу овошје и да направи голема трпеза. Кај него скромноста е доблест, но во овие мигови притиска и празниот џеб.  Не може ни духовната храна да ја восприема бидејќи чини една книга која духовно ќе го надгради. А кога желудникот напразно ќе лачи, кога цревата ќе ти ја свират оддата на гладдта, кога мислата ќе ти биде обземена со прашањето како да преживеам до први следниот месец, тогаш и душата ќе страда и нема да може да се радува на празниците. Осиромашувањето на духот е болно, постепено го опфаќа поединецот и е резултат на беглата и сурова реалност која го опкружува. Кога телото пати, душата е уште поболна “Блажени се сиромашните и нивно ќе биде царството небесно”-сентенца од Новиот Завет која за жал од денешна перспектива не може да ја восприеми и најдогматскиот верник. Со сиот пиетет кон религијата и нејзината морална, компензациона и интегративна функција, но во услови на сиромаштија не помага ниту етичноста на големите религиски системи. Кога телото пати, душата е уште поболна. Погледнете го во очи македонскиот граѓанин, излезете од маглата и летаргијата која ве опфатила и засукајте ракави за подобро утре, за просперитетна иднина, бидејќи со работа и труд, а не со празни ветувања се гради подобра иднина. Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова, Институт за социологија, Филозофски факултет

Можеби ќе ве интересира

Украинскиот патријарх го отфрла томосот за автокефалност!

Украинскиот патријарх го отфрла томосот за автокефалност!

Колку е исплатлива премиум тарифата за фотоволтаични централи во Македонија

Колку е исплатлива премиум тарифата за фотоволтаични централи во Македонија

Можности за примена на страни искуства во здружувањето на малите земјоделски производители

Можности за примена на страни искуства во здружувањето на малите земјоделски производители

Управување со ризикот од перење пари

Управување со ризикот од перење пари

Водно

Водно

Индикатори на конкурентската способност на производството

Индикатори на конкурентската способност на производството

Пријателите Си и Путин градат заеднички стратегии да го урнат „атлантскиот век“

Пријателите Си и Путин градат заеднички стратегии да го урнат „атлантскиот век“