18 Март, 2019
0.2896
    ALK 8333.36    -0.2%     GRNT 829    0%     KMB 5700    -0.01%     MERM 2100    2.04%     MPT 52028.57    -0.18%     MTUR 5100    0.02%     REPL 76000    0.66%     STB 1199    -0.08%     TKVS 5384.38    0.64%

Дунек ни за лек!

Објавено во: Колумни 16 Март, 2019

Летањето голуби, како и фаќање риба на Вардар и играње фанта е впишано во генетскиот код на секој припадник на популацијата населена на двата брега на Вардар што е попозната како ,,стари скопјани,,.Ако сакаше да ме изнервира или да се мајтапи со мене ова ми го топореше во бескрајните муабети мојот покоен другар Кољо-струмичанецот,кој одамна ги ора небесните ниви(што би рекол Балашевиќ)!Скопјане ги бива само за .....

Долго му се мерачам да го запознам маалскиот гулабар чии ќумези се карши рибниот ресторан Сидро,некогашната култна кафеана Клуб 50,каде што царуваше, урбаниот херој Коле Курбла.Со една единствена цел-малку,барем малку, да ја осознаам онаа страст на генерации мои сограѓани,во чии дворови се шепуреа и гугутаа пердувестите убавци што несакајќи им го одземаа секој слободен миг.

Миле Гелевски е со гулабите откако знае за себе во куќата на мајка му и на вујкото стара повеќе од 150 години во Тахталиџе(настојува на тоа име на оваа прастара скопска населба).Отворен и ачик за муабет,овој пензиониран парногреач од сараевски Унион- Инвест,со посебен мерак и сјај во очите долго,скоро без здив, ми зборува за својата безгранична страст и љубов спрема птиците што ги споредува со децата,своите два сина, кои за жал нема да го продолжат хобито што е далеку повеќе од тоа,си имаат свој бизнис и немаат време.Миле ми го претставува поединечно секој од 60-те гулаби-демкиш,м,срка,дунек(поштари нема,а знае дека може да совладаат растојание од 3 илјади километри и да се вратат во ќумезот на оној што ги рани).Дунеците се највредните кои при слетувањето се превртуваат –посебна атракција што на Миле му прави посебен ќеиф и со што се чалами пред другарите.Ми раскажува дека кога му ги украле сите љубимци од ќумезот што го споредува со банкарски сеф, кога станува збор за безбедноста, месец дена со никого дома не комуницирал,едноставно молчел и тагувал на свој човечки начин.Закон е гулабот-аир кога ќе летне повторно да слета на своја територија,а до колку отиде кај друг,најчесто тое е поради страв од соколите и другите грабливки што дури од падините на Водно доаѓаат по улов и лесна храна.Новиот газда го враќа туѓиот гулаб за кој најчесто знае чиј е,но има и такви што бараат пари за да го вратат на сопственикот.

Пред многу години,кога според господин Гелевски во Скопје имало за 80 насто повеќе гулаби и гулабари,во Ново Маало постоело организирано здружение во кое секој гулабар имал свој белег закачен на нога од неговиот љубимец и фаворит па секој колега кога ќе му слетал јабанџија знаел чиј е и веднаш го носел во здружението за да го побара вистинскиот газда.Сега е дива лига,вели мојот домаќин,но сепак ние што сега сме гулабари убаво живееме и се дружиме-со бескрајни муабети-стручни и се разбира заебанции.Тешко му на оној што не трпи да биде предмет на шеги.Не ми е скапо,вели Миле-две пива се 80 денари(ги пиеме со другариве секојдневно,а кило пченица за моиве убавци е само 12 денари,плус еднаш годишно вакцина и други поситни интервенции.

Има двајца многу помлади колеги од Жданец ,кои со негова дозвола, го ословуваат со тато....ќе има кој конечно ќе ја продолжува старата скопска традиција,ми вели Миле Гелевски со кого се разделуваме како да се познаваме со години,без разлика што сме врсници и што првпат се гледаме.Ќе појдам уште еднаш два-пати покрај ќумезот-таму поминува секоја тешка мисла и секирација,се продолжува животот и некеко полесно поминува се, во овие тешки времиња..... 


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Колку се реални листите на меѓународните организации?

Колку се реални листите на меѓународните организации?

Улогата на управувањето на земјоделството-Фактор за надминување на кризи

Улогата на управувањето на земјоделството-Фактор за надминување на кризи

Крим и Косово – пазар меѓу САД и Русија

Крим и Косово – пазар меѓу САД и Русија

Изгледи за светската економија во годината на свињата

Изгледи за светската економија во годината на свињата

Кои мерки во борбата со перење пари треба да се преземат на национално и институционално ниво?

Кои мерки во борбата со перење пари треба да се преземат на национално и институционално ниво?

Точак

Точак