Добивај вести на Viber
Во последните четири години во Загреб се одржуваат курсеви за ослободување од стравот од летање. Станува збор за единствен проект во целиот регион, кој се спроведува во соработка со загрепскиот аеродром. До сега курсот го поминале 100-тина кандидати, а успешен се покажал во 96% од случаите. Курсот вклучува целодневно предавање и лет со вистински авион.
„Овој курс е направен така што низ предавања на психолозите клиентите учат различни методи за опуштање. Имено, стравот кај сите е различен и всушност претставува едно многу субјективно чувство. Најчество стравот од летање се јавува заради страв од загуба или сепарација, а она што е интересно е дека тој страв се јавува дури подоцна во животот, дури и во 30-тите години, иако претходно истото лице многупати летало со авион без стра. Причина за појава на ваквиот страв може да биде раѓање на деца, а кај некои одредено трауматично искуство за време на летот, како турбуленции и слично“, појаснува Матеј Емер, организатор на курсот.
Како една од почестите причини за страв се јавува и стравот од паѓање или стравот од висина, но и стравот од загуба на контрола што го чувствуваат многумина кога се во авион.
На крајот, голем дел од стравот од летање е всушност поврзан со комбинација на страв од затворен простор и страв од сепарација.
„Токму затоа тука учиме многу техники за тоа како да се надмине ваквата анксиозност, бидејќи клаустрофобијата е научен одговор и тоа е добра вест затоа што значи дека од неа можеме да се одвикнеме со други поприлагодени реакции. Повратните информации од лицата кои досега го следеле курсот велат дека истите техники потоа ги употребувале и во други стресни ситуации и биле многу ефикасни“, додава Емер.
Освен психолози, предавање на курсот држи и пилот со долгогодишно искуство, кој има за задача на патниците да им ги приближи и објасни сите можни ситуации и звуци кои можат да се доживеат или слушнат во авионот. На пример, многу патници чувствуваат олеснување кога ќе слушнат дека авионот не може да полета додека пилотот не го провери апсолутно секој уред или кога ќе слушнат дека авионот може да лета само со еден мотор, па дури и безбедно да слета на водена површина без ниеден.
По предавањето кое го држат експерти што поминале специјална обука во Лондон, следува и примена на наученото на вистински лет со авион. Посетителите на курсот и тогаш добиваат стручна помош затоа што екипажот во текот на летот им го објаснува секој шум што се слуша во авионот.
„Летот најчесто се завршува со гласно смеење и одушевување, Најчестите коментари се дека летањето е всушност вистинско уживање кога нема страв. Нам ни е исклучително мило бидејќи тоа покажува дека стравот од летање може да се победи“, заклучува Емер.
Курсот за ослободување од стравот од летање е специјализиран курс кој трае еден ден, а можат да го посетуваат луѓе од секоја возраст кои чувствуваат страв или напнатост при летање со авион.