Два конзорциуми и една компанија сакаат да градат фотоцентрали во индустриските зони
Објавено во: Економија 31 Јануари, 2024
Два конзорциуми и една компанија се вклучиле во отворената постапка на Дирекцијата за ТИРЗ за доделување на локации во пет различни технолошко индустриски развојни зони за изградба и поставување соларни централи, во повик што беше објавен во ноември лани. Склучување на јавно-приватно партнерство за проектирање, изградба, стопанисување и финансирање на овие централи е предвидено во ТИРЗ Скопје 1 и Скопје 2, ТИРЗ Штип, ТИРЗ Струмица, ТИРЗ Прилеп и ТИРЗ Струга.
„На повикот се пријавени три компании од кои две настапуваат како конзорциум. Пристигната е понуда за сите пет локации - ТИРЗ Скопје 1 и Скопје 2, ТИРЗ Штип, ТИРЗ Струмица, ТИРЗ Прилеп и ТИРЗ Струга. Согласно изработената студија на изводливост, се очекуваат инвестиции од 40 милиони евра и максимален инсталиран капацитет од 50 мегавати. Постапката е деллива“, ни одговорија од Дирекцијата која управува со индустриските зони.
Од таму велат дека се уште е во тек евалуацијата на понудите, односно дали тие ги задоволуваат критериумите на повикот, по што ќе следи електронската аукција за наддавање на понуди.
„Во моментов е фазата на евалуација на пристигнатите понуди. Комисијата составена од претставници на ТИРЗ, Министерство за економија и Кабинет на вицепремиер за економски прашања ги разгледува понудите. Веднаш штом ќе биде затворен овој дел од постапката ќе следи електронска аукција по што согласно исполнување на критериумите во огласот, ќе биде објавено за кои локации и под кои услови кому ќе му бидат доделени“, велат од Дирекцијата.
На прашањето на „Фактор“, со колкава моќност се инсталираните капацитети кои ги нудат учесниците на повикот, одговорот беше дека во оваа фаза на разгледување тоа не може да биде објавено.
Приходите што ќе бидат собрани од потенцијалните партнерства, велат од таму, ќе бидат реинвестирани за подобрување на условите под коли работат самите индустрии на инвеститорите.
„ТИРЗ, односно државата ќе приходува по два основа – фиксен надомест за земјиште и процент од приходите на секоја од компаниите што ќе инвестира. Овие средства ќе бидат наменети за покривање на трошоците за подготовка на самото земјиште во Зоните, како и за други инфраструктурни зафати со цел побрза и поуспешна реализација на овие инвестициски проекти. Дел од приходите ќе се користат и за финансирање на други тековни иницијативи на ТИРЗ за поддршка за млади.
Целта на овој повик е да се искористи дел од земјиштето во склоп на зоните кое во изминативе години, а во некои случаи повеќе од 15 години , е неискористено. Во најголем дел станува збор за парцели кои не се погодни за изградба на производствени капацитети. Со ова ТИРЗ сака да придонесе кон зајакнување на енергетските капацитети на државата како и на забрзување на транзицијата кон економија базирана на зелена енергија што е глобален тренд“, смета Дирекцијата.
Кога беше објавен повикот, од ТИРЗ соопштија дека договорите ќе бидат склучени на 25 години, а според проценките во Студијата која била изработена од меѓународна ревизорска куќа Грант Торнтон, само фиксниот надомест за овој период бил проектиран на 14 милиони евра.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.