25 Ноември, 2024
0.0265

Две години војна во Украина – уште колку и како до мир?

Објавено во: Колумни 26 Февруари, 2024

Добивај вести на Viber

Војната во Украина, по две години војување,сакале некои да признаат или не, е влезена во ќорсокак, со мала иницијатива на Русите на военото поле. Од многу страни се повеќе се повикува за решавање на конфликтот по пат на преговори. Русија е подготвена за преговори и прекин на војната според сегашната ситуација на военото поле, а Украина ги отфрла отстапките на територии и директните преговори со Русија.  Европа и САД се уморени од војната, а со тоа се отежнува обезбедувањето ново оружје на Украина, иако ЕУ за наредните четири години и вети 50 милијарди евра, кои најмногу ќе одат за економска помош на Украина. Пред некој ден министерот за финансии на Украина изјави дека веќе се појавуваат првите проблеми со економијата. Никој не знае уште колку ќе трае војната и како би се дошло до мир. Иако шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека, под одредени услови, таа би завршила за неколку месеци.

Ако се направи анализа на она што го пишуваа светските медиуми во изминатите две години се гледа дека времето кога се потсмеваа на руската инвазија и се величаа украинските воени успеси помина, па сега работите се менуваат. Украинскиот претседател Владимир Зеленски го поистиветуваа со Британскиот премиер Винстон Черчил, а за за рускиот претседател Владимир Путин велеа дека е „шлакнат дедо што се крие во бункер“. Зеленски беше дочекуван со стоечки овации во Капитол, а при последната посета лани, не го удостоија со обраќање таму. На Зеленски секоја молба му беше исполнувана и во Украина се слеваа оружје и пари. Сега Путин одново е на страниците на западните весници, со нагласка дека „злото може да победи“. ЕУ едвај додели пари за Украина, но во американскиот Претставнички дом работите се заглавени за помошта од околу 60 милијарди долари. Предлог законот усвоен во американскиот сенат никако не поминува кај конгресмените. Можеби ќе помине, но изменет. Па така сега се бараат компромиси и епилогот, најверојатно, ќе биде намалена помош.

Во вакви услови Украина треба да размислува за иднината на војната. Вчера претседателот Зеленски имаше средба со новинарите, по повод двете години од војната. Што е однесува до преговори со Русија , тој многу надеж има во самитот на лидери на држави посветен на „украинската формула за мир од десет точки“. Зеленски сака тоа да се случи пролетва, ама, неофицијално, веќе е најавено дека најпрв датум би бил мај-јуни, се разбира доколку успее организацијата. Украина ја замоли Швајцарија да биде домаќин и организатор на ваков самит, но на средба на швајцарски политичари со руски колеги им беше порачано дека Швајцарија не може да биде домаќин, бидејќи во конфликтот во Украина зазела страна – украинска. Украинците не сакаат Русија да присуствува на ваков самит, а Швајцарците, напротив, изјавија дека без Русија тој не би бил,вистински самит. Зеленски сака на таков самит да се донесе некаков план за завршување на војната па тој да и биде даден на Русија од страна на специјални преговарачи. Иако таа би можела да не го прифати. Поентата е да се покаже дека еве „цел свет“ е за мир, ама Русија не го прифаќа. Како што сега Путин постојано вели дека е подготвен за преговори, но Украина ги одбива. Инаку пред два дена првиот човек на Канцеларијата на Зеленски, Андреј Јермак, изјави дек Русија би можела да биде поканета на следниот самит.

НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА

Сепак, за самитот има еден услов. Токму она погоре „цел свет“. Украинците очекуваат на самитот да соберат над 150 лидери од толку земји. Ако се знае дека на досегашните подготвителни средби за самитот, на кои учествуваа советници за национална безбедност, присуствуваа претставници од 50 до 70 земји, прашање е кога и како ќе се лобира присуството на другите. Тука, пред се’, се земјите од „Глобалниот југ“, кои ја осудија руската агресија врз Украина, но не воведуваат санкции кон Русија. Што е поважно Украина треба да ги убеди Кина, Индија и другите земји,членки на БРИКС,а и Турција за учесгво на таков самит,а тие да повлечат десетици други држави. Мисија – невозможна до крајот на јуни. Ако воопшто е можна. За планот на Украина, во една реченица, таму стои дека, меѓу другото, Русија треба да се повлече на границите со Украина од 1991 година и да и плати репарации, а Русија пак вели дека ќе преговара, ако се почитува реалноста на военото поле, односно нејзината контрола на дел од украинските територии.

Што се однесува, пак, до воените дејства и војната воопшто, Зеленски очекува руска офанзива во мај-јуни, а Украина ќе се подготвува за одбрана од тој напад, па може и да има и контраофанзива. За него многу е важен епилогот од гласањето во Претставничкиот дом во САД. Но и изборите, кои би можеле да влијаат и врз подготовките за самитот за мир . Тој очекува пари, но тие му се потребни најдолго за еден месец. Што може да значи дека состојбата со пари и оружје во Украина е критична. Оттука и изјавата дека блокадата на испораките на оружјето ќе ја доведе Украина да губи „100 до 50 метри“, што значи дека таа ќе губи и натаму територии и мали градови, за да го сочува животот на луѓето.

Но, Зеленски не го боли главата само од недостигот на пари и оружје. После конфликтот со генералот Валериј Залужњи, дојде до смена на еден куп генерали. Јавноста во земјата се подели. Во анкетите поддршката му се намалува. Сега се најавуваат смени и во владата и нејзино реформирање. Намалување на бројот на министерствата, за да се заштеделе пари. На 20 мај на Зеленски му истекува претседателскиот мандат. Во Киев веќе се зборува за неговиот легитимитет, како претседател по тој датум. Петар Порошено, неговиот претходник, и нему блиски луѓе, веќе го поставуваат тоа прашање. Парламентарните избори ги одложија, бидејќи во услови на прогласена воена состојба тие, според уставот, не се одржуваат, но такво нешто во врховниот акт не постои за избор на претседател. За Зеленски овие прашање се „поттикнуваат од Кремљ“. Тоа го знаеле неговите западни партнери, кои веќе имале документи за такво нешто, а новинари во САД дури знаеле за имиња и пари кои би се давале на институти или поединци во Украина за да ја покренуваат таа тема. Неодамна украинскиот претседател зборуваше дури и за „план за дестабилизација“ на Украина. Очигледно не му е лесно. Од надвор Русија, од внатре Украинци, па дури и предавници имало околу него, а од Западот ништо ново.

НАТАМОШЕН ТЕК НА ВОЈНАТА

По неуспехот на Русија за брза победа и на Украина за ланската контраофанзива многумина во Киев и од надвор, зборуваат за тоа дека сега има неколку можности за натамошниот тек на војната. Не се зборува за мир. Па така, едни се за прекин на огнот на сегашната линија на фронтот, други се за продолжување на војната до истоштување, а трети се за директен судир на НАТО со Русија, било да е поттикнат од Алијансата или од Русија. Овде се споменува факторот Трамп. И за прекина на огнот, и за продолжување на војната и за судир на НАТО и Русија. Како да е тој главниот лек за војната. Што ќе прави Бајден до тогаш, до ноември?.

За тоа што мисли Путин за евентуален прекин на огнот, дали тој навистина е подговен за преговори, има предлози, Западот со Украина да му предложат преговори и примирје по целата линија на фронтот. Ако ги одбие тогаш, предлагачите сметаат дека оние на Запад, кои сега го „милуваат“ би можеле да се откажат од него. Демек ќе му бидат исфрлени од рака адутите дека Украина не сака преговори. Но овде се заборава дека Путин е политичар подолго од дваесетина години, и дека е подготвен за различни предлози. Тој нема да биде изненаден и од таков предлог. Примирјето ќе го искористи да прогласи „победа“. А згора на тоа доколку има преговори ќе може да обезбеди и прилог кон таа „победа“. Не се малку речиси 20 проценти од територијата на Украина. „Корејско сценарио“. Украина со 20 помалаку територија, но со излез на море, со кандидатски статус за ЕУ, со можност за членство во НАТО. И, се разбира да се заборави на границите од 1991 година.

Во пресрет на двегодишнината на војната CFR(Совет за меѓународни односи) од Њујорк побара од 16 негови експерти од 13 земји размислувања за тоа како да се запре или да се стави крај на војната. Какви се глобалните перспективи за тоа. Реакциите драматично се разликуваат, покажувајќи го поделениот пристап на светот кон тешката ситуација. Зависи кој експерт од каде доаѓа и таков е погледот кон иднината на војната. Едни експерти се за нејзино продолжување со дополнителна финансиска и воена поддршка на Украина, други предлагаат дипломатски патишта и прекин на огнот. А трети зборуваа за преиспитување на сегашното размислување.

ВОЈНАТА НЕМА КРАЈ

По се’ ова, кога и како ќе се дојде до мир? Врти, сучи, пак главни се САД и Русија. И политичари и експерти погледите ги имаат насочени кон Вашингтон. Од две причини. Првата е гласањето во Претставничкит дом, за помошта на Украина,.  кое постојано се одлага. Втората е „еуфоријата“ или „паниката“ околу враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Ова значи дека до крајот на 2024 година ќе нема мир во Украина. Впрочем и од Русија, од устата на Путин излегуваа прогнози, кои најавуваа крај до или во 2026 година. Зеленски се подготвува за одбрана годинава, а догодина би почнал нова контраофанзива. На развојот на војната би можеле да влијаат изборите за Европскиот парламент и  во некои европски држави. Но најмногу парите и оружјето.

Путин  ќе оди на избори во март за кои однапред се знае дека ќе биде победник. Прашање е само дали ќе биде почитувана „директивата“, како секогаш, процентот на гласачите што го поддржуваат да не биде под 80 проценти. Зеленски не знае како ќе излезе на крај со притисоците за неговиот легитимитет по 20 мај. Пред некој ден изјави дека ако сега се кандидирал би бил избран за претседател. Тоа повеќе личеше како самоохрабрување, отколку реалност. Бројките се’ уште се на негова страна, иако опаѓаат, но нема да се знае сигурно дали би бил претседател, ако противкандидат му биде некој од сменетите генерали. Валериј Залужњи на пример. Тој исто така има висок рејтинг, а сигурно ќе го поддржат и некои парламентарни партии.

Па така, до мир ќе дојде дури по изборите во САД и во Русија и во Европа. Според мнозинството експерти ќе треба прво прекин на огнот, па со преговори до решение. Украинците не можат да се надеваат на нешто повеќе од договореното во март 2022 во Истанбул. Многу работи зависат од состојбата на военото поле. Кон крајот на 2025 или во 2026 година таа може да се промени, но и да остане иста. До тогаш ќе се оди на истоштување. Па кој повеќе ќе издржи. Ако Западот не и помогне многу повеќе на Украина, тогаш предноста ќе биде на страна на Русија.  Од друга страна со украински жртви и многу ново западно оружје Украина би можеле да врати дел од териториите, кои сега се под руска контрола. Но каде е мирот? Трајниот мир.

Според Анатол Ливен: „Искрениот поглед на историјата од Русија и САД е од витално значење ако сакаме да постигнеме траен мир во Украина и конечно да излеземе од спиралата на непријателство што - во најлошото сценарио - може да се претвори во спирала на смртта за целото човештво. Русите треба да сфатат дека нивното империјално и советско минато, а особено злосторствата на Сталин (комбинирани со застрашувачките аспекти на сегашниот режим), тераат многу од руските соседи да се плашат од каква било власт заседната во Москва, и дека изворот на нивното непријателство не се само манипулациите на Вашингтон. Во меѓувреме, Американците мора да ги признаат злосторствата извршени од Соединетите Држави за време (и по) Студената војна - злосторства што ги натераа повеќето Руси и другите народи ширум светот да не сакаат да го прифатат правото на Америка да ги учи на морал, а камоли да им наметнува безбедносни политики“.

Мирче Адамчевски

 


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.