29 Март, 2024
0.0337

Ѕидот на плачот

Објавено во: Колумни 19 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Протести во Турција. Протести во Грција. Протести во Босна и Херцеговина. Насекаде околу нас се случуваат протести. Некои протестираат оправдано, некои се платени за да протестираат, некои и самите не знаат зошто излегле на улица.

          За разлика од земјите во регионот каде што се протестира повремено, во нашата земја излегувањето на улица и леењето на крокодилски солзи стана национален спорт. Развојот на овој спорт успешно го негуваме со години, па и децении. Постојано некој друг ни е крив за економската криза, за невработеноста, за пропаѓањето на фирмите кои некогаш биле гиганти итн. Немаме храброст и доблест вината да ја побараме кај себеси и да ја признаеме сопствената неспособност. Полесно е да се излезе на улица и да се „плаче“. Колку повеќе, толку подобро. Во другите земји барем протестите се рамномерно распределени. Се протестира и во Анкара и во Истанбул и во другите турски градови. Или пак, се протестира и во Атина и во Солун. Кај нас и тоа не може да се случи. Буквално се мора да се случува во Скопје. Небаре другите македонски градови се на друга планета, па таму владее мртвило. Сите што сакаат да „плачат“ со организиран превоз доаѓаат во главниот град и таму им се приклучуваат на дежурните скопски „плачковци“. До пред некое време се „плачеше“ пред Парламентот или пред Владата. Ако некој не успеал да ги продаде компирите на Зелено пазарче, одеше да „плаче“ пред законодавната или извршната власт. Ако некој се скарал со жена му, и тој можеше слободно да дојде пред овие две институции и да „плаче“ колку што му душа сака. Ако некој имаше реален проблем, не можеше да стаса до горе наведените државни институции, зашто дежурните „плачковци“ го зазеле просторот - географски, медиумски, секој можен простор. Во последно време почнаа да се менуваат локациите на кои се „плаче“. Овој национален спорт почна да се практикува пред бараките на општина Центар, пред Градскиот трговски центар и на други локации во централното градско подрачје. Којзнае, можеби „плачковците“ еден ден ќе соберат сила и ќе успеат малку да се оддалечат од центарот на Скопје, па и другите скопски населби да ги удостојат со своето внимание. „Плачењето“ по другите градови во Република Македонија барем засега влегува во сферата на научната фантастика, затоа што според мислењето на „плачковците“, активностите кои би се одвивале малку подалеку од центарот на главниот град не би го дале посакуваниот ефект. Значи, дефиниравме каде се „плаче“. Нема потреба да дефинираме кој „плаче“, зашто почитуваните дами и господа се главни медиумски ѕвезди и по неколку пати на ден мораме да ги гледаме во информативните емисии. За да бидеме комплетни, мораме да дефинираме зошто се „плаче“. Е на тоа прашање, зошто се „плаче“, никој жив во оваа држава не може да излезе со аргументиран одговор. Или пак, секој ќе даде одговор во зависност од тоа „за кого навива“ и од кого очекува да му ги реши проблемите. Некои ситуации реално не претставуваат проблем, но мора така да бидат прикажани во јавноста заради задоволување на интересите на дежурните „плачковци“ во државата. Ако не знаеме или не сакаме да знаеме зошто се „плаче“, нормално е што секој ден и по секој можен повод ни се случуваат протести, блокирање на улици, размена на сочни изрази и по некоја тупаница. Таквите работи станаа составен дел од нашето секојдневие, па денот поминат без протести, „плачење“, плукање и гледање сеир ни изгледа како празен ден. Ете до каде стасавме! Во стариот дел на Ерусалим се наоѓа Ѕидот на плачот. Секој Евреин, каде и да се наоѓа, барем еднаш во животот сака да го посети Ѕидот на плачот и да се помоли. Начинот на кој се молат Евреите останатите луѓе ги потсетува на плачење, па така и ова место го добило своето име. Сите Евреи знаат каде се наоѓа нивниот Ѕид на плачот и знаат со која цел одат таму. Секоја чест на тој народ, тие знаат што прават и зошто го прават тоа. За разлика од Евреите, ние одамна го изгубивме компасот. Тие имаат еден Ѕид на плачот, кај нас секој ѕид во центарот на Скопје претставува ѕид на плачот. Тие му се молат на својот еврејски бог, ние им се молиме на нашите „богови“ кои шетаат на земјата. И „плачеме“ до изнемоштеност заради туѓи интереси и туѓи џебови. Никогаш немојте да мислите дека сме го допреле дното кога се во прашање моралните норми и вредности. Секогаш може да биде полошо... д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?