19 Април, 2024
0.1484

Една година „Фактор“ и економски развој препуштен на спонтаноста!

Објавено во: Колумни 30 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Кога пред една година го покренавме проектот „Фактор“ објавивме дека ќе настојуваме да пишуваме за остварувањето на начелните принципи во македонската економија и низ таа призма да ги набљудуваме тековните движења и резултати. Не е случајно што презедовме ваква обврска или ако сакате одговорност, бидејќи воопшто не е неважно дали тековните движења и резултати што се регистрираат во националната економија се во рамките на очекувањата или значитечно отстапуваат, а ако отстапуваат, важно е да се знае дали проблемот е во принципите или во нивното  спроведување во практиката. „Фактор“ во целиот изминат период преку анализи и колумни, се обидуваше да биде коректор на случувањата во економијата, гледано од аспект и на операционализацијата на принципите и на однесувањето на субјектите. Факт е дека досега никој не спори за потребата од развој на пазарната економија, меѓутоа, проблемите се присутни во димензионирањето на улогата на државата во стопанската сфера, особено поради постојаното зголемување на нејзината улога до ниво на перцепција на „најголем бизнисмен“, поради порастот на социјалата и уште повеќе поради недоволното разграничување меѓу мерките за поттикнување на економскиот раст и мерките за ублажување на социјалните тензии.

Пред една година, економската политика на земјата правеше напори економијата да излезе од рецесија во која, повторно, по 2009 година, западна. Веќе во третиот квартал БДП порасна за 0,4%, а во четвртиот за 0,1%. Во почетокот на годинава растот се потврди со пораст од 2,9%, а во вториот квартал од годинава се регистрира пораст од 3,9%.  Се очекува вкупниот пораст  на БДП за 2013 година да биде поголем од предвидените 2%, во однос на остварениот во претходната година. Ова  се, секако, добри знаци за излегување од рецесијата, но не се доволни за заклучок дека стопанството е на пат за остварување на задоволителни стапки на одржлив развој. Веројатно е дека стапки на развој од 2-3% можат да се очекуваат и во наредните години. Борбата за опстанок на пазарот на постојните стопански субјекти и капиталните инвестиции на државата тоа можат да го обезбедат. Но, тоа е дaлеку од потребните  стапки од 6-7% за да растот се почувствува во порастот на стандардот на населението, во порастот на бројот на вработените, во урамнотежувањето на економските односи со странство...Такви стапки не можат да се остваруваат ако развојот е препуштен на спонтаноста на стопанските субјекти да избегнат банкрот и врз јакнење на улогата на државата во инвестирањето.

Добро е се‘ што се прави за привлекување на странски директни инвестиции, но не треба да се има илузии дека очекуваниот задоволителен раст може трајно да се обезбеди врз таа основа. Бројни се искуствата од повеќе земји дека тие се корисни дополнителни средства, но на нив не може да се смета како на основни за динамизирање на економскиот раст. Тие се во голема мера  несигурни поради високите осцилации. Факт е дека и во Македонија во годините (2006, 2007, 2008) кога имаше прилив од 345 до 506 милиони евра странски директни инвестиции беа остварени и највисоки стапки на раст- од 5 до 6,1%. Меѓутоа, во наредните години, кога приливот се намали, се преполовија стапките на раст, а економијата во две години (2009 и 2012) влезе и во рецесија. Прашање е што може да се очекува во наредниот период  со приливи од 100-200 милиони евра, колку што објективно можат да се привлечат, кога и со прилив од 500 милиони евра стапката на раст се искачи до 6,1%.

Од ова јасно произлегува дека е  крајно време да се согледа зошто е недоволен интересот за развивање на производство за извоз и до кога може да се смета на капиталните инвестиции на државата во динамизирањето на економскиот раст на земјата. Нема сомнение дека недоволната мотивираност за извоз ги намалува можностите за побрз раст. За мала економија како македонската  економското стимулирање кон извоз е неопходен услов за остварување на одржлив развој. Извозот не може да се третира како патриотска задача. Треба да се создадат услови за преструктурирање на стопанството кон извоз. Зарем е нормално да се очекува бизнисмените да влезат во битка за освојување на нови пазари  со постојната макроекономска политика, кога деценија ипол е поповолно да се увезува отколку да се извезува, а притоа не се смета како проблем постојаниот пораст на буџетскиот дефицит и на јавниот долг на државата.

Исто така неопхдно е во реални рамки да се сведат и очекувањата дека растот може да се темели врз постојано зголемување на капиталните инвестиции на државата. На  тоа упатува фактот што најголемиот дел од таквите инвестиции  практички се финансира преку порастот на буџетскиот дефицит односно преку порастот на јавниот долг, кој веќе треба, и според ММФ,  да се усогласува со можностите за негово сервисирање за да се избегне запаѓање во должничка криза (капиталните инвестиции за наредната година се проектирани  во износ од 366 милиони евра, а буџетскиот дефицит околу 300 милиони евра).

Сето ова зборува дека Македонија мора да изгради стратегија на одржлив развој и во согласност со неа да изврши неопходни структурни промени. Не може да се бега од општото сознание дека динамизирање на развојот може да се очекува само доколку се создадат услови поголемиот дел од бизнисот да има интерес да го зголемува производството, што за Македонија значи, зголемување на производството наменето за извоз или за супституција на увозот.

И за крај..., со оглед на фактот што порталите стануваат се‘ порелевантен фактор, а со тоа и нивното влијание врз политичките и општествените збиднувања се‘ повеќе расте, „Фактор“ како и во изминатата година,  не ги спушта своите едра, туку уште порешително продолжува да пркоси на предизвиците што ги носи медиумскиот пазар.  Остануваме да бидеме критичари (да укажуваме на негативните појави и да ги пофалиме вистинските потези) на економските политики, што значи да опстоиме на првичната идеја „Фактор“ да биде место на кое ќе можат да продефилираат  различни идеи, ставови, анализи  и мислења. Уредувачката политика недвојбено продолжува да биде доследна на синтагмата дека „коментарите се слободни, но фактите се свети“, без оглед дали ваквиот концепт им се допаѓа на власта или на позицијата. Во нашиот фокус на интерес е читателската публика, која не сакаме да не перципира како проопозициски или провладин медиум, туку пред се‘ да не доживува како сериозен и објективен медиум. Во првата година дел од нашите цели ги реализиравме. Во втората година, доколку правопропорционално со растот на квалитетот, пазарот го валоризира нашиот труд ќе бидеме повеќе од задоволни. До тогаш Ве поканувам да бидете сведоци дали „Фактор“ во наредните 365 дена ќе успее да ги реализира поставените  цели, и во исто време дали државата на вистински начин ќе успее да ги изведе сопствените економски политики.

Д-р  Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок