Добивај вести на Viber
Точно една година Хрватска е членка на Европската унија. Но, граѓаните и натаму не се уверени оти членството им носи благосостојба каква што очекувале.
Хрватскиот портал
Индекс анкетирал неколку граѓани, кои велат дека промените не се особено видливи и оти животот како европски граѓани не им е полесен.
Економситката Лана, како позитивни ги наведува поевтините телефонски разговори во роаминг и полесното преминување на границите, додека како негативни ги истакнува компликациите во работењето, особено во банкарскиот сектор во кој работи.
„Се надевав дека каматите на кредитите малку ќе паднат, но 50-тина куни колку што ми се намали ратата на кредитот за станот не можам да кажам дека е некое особено олеснување или позитивна промена. Инаку апсолутно го поддржувам усогласувањето со законодавството на ЕУ и се надевам дека работите еден ден подобро ќе функционираат и кај нас“, вели криминологот Ива.
„Платите ни се намалија, бројот на невработени се зголеми, цените растат - среќа што уште не сме го вовеле еврото, бидејќи тогаш ниту собирање пластични шишиња по контејнери нема да ни помогне, затоа што никој нема да може да си дозволи да купува пијалоци, па шишиња нема ни да има. За мене лично влезот во ЕУ не значеше ништо и не почувствував никакви промени освен на полошо“, вели новинарката Ивана.
Поделени се ставовите и кај хрватските политичари. Додека премиерот Зоран Милановиќ смета дека Хрватска имала корист од Унијата и особено од искористувањето на европските фондови, претседателот Иво Јосиповиќ смета дека земјата требаше и мораше да искористи многу повеќе во првата година од своето членство.
„Самиот чин на влезот во ЕУ не промени ништо, но ние влеговме на еден уреден пазар за кој требаше да се подготвиме и кој ни отвори перспектива“, рече Јосиповиќ.
„За една година членство во Европската унија Хрватска имаше корист, но бенефитите ќе бидат многу поголеми ако е самата подготвена на промени“, вели Милановиќ.