Една војна на два фронта...
Објавено во: Колумни 16 Октомври, 2023
Во Израел продолжуваат со најавите дека наскоро ќе почне копнената
операција. Де денес, де утре, де одложена поради лошите временски услови, кои
им пречеле на дроновите и авионите. Наводно се’ е подготвено за операцијата,
пред крај е мобилизацијата. Попатно се бомбардира Газа, колони бегалци одат кон
нејзиниот југ, со страв дека нема да бидат убиени од израелските бомби. Има информации дека одлагањето на операцијата
е поради преговорите меѓу САД и Катар за ослободување на заложниците – цивили.
Но Хамас наводно бара прекин или прекин на бомбардирањата на секторот Газа и
дозвола за пропуштање на хуманитарна помош во секторот.
Дека има нешто сериозно во преговорите зборува и одлагањето на враќањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој од 12 октомври е во регионот. Тој ги прошета сите држави кои на одреден начин се значајни за мирот таму, а соработуваат и со Израел и денес ќе се врати во Тел Авив за да им пренесе на Израелците што чул и што бараат Арапите од нив. Веројатно копнената операција се одлага и поради жестоката реакција во многу земји и меѓународните структури на она што сега Израел го прави во Газа како одговор на настаните од 7 октомври, кога припадници на Хамас навлегоа на територијата на Израел, убивајќи и киднапирајќи над илјада војници и обични граѓани. Но сега се тврди дека во жестоките израелски бомбардирања на Газа има загинато над 700 деца, има стотици ранети и болниците не можат да излезат на крај со нивното лечење. Ова според UNICEF.
И Светската здравствена организација го критикува Израел поради барањето да се иселат болниците, а во кои лежат над две илјади болни. Можеби кон ова придонесоа и протестите кои го поделија светот. Од Лондон до Кејптаун, САД, преку европски престолнини, масовни протести за поддршка на Палестинците, но и против терористичкиот напад на Хамас. Државите со соочуваати со свои внатрешни закани. Во САД FBI предупредува дека ситуацијата може да биде закана за земјата. Таму на елитни универзитети се дава поддршка на Палестинците, дури и претставници на Движењето BLM се загрижени за судбината на Палестинците. Во Франција и Германија се закануваат на поддржувачи на Хамас. Извадена е и полиција на улиците.
Што беше тоа што за само еден ден од насловните страници на весниците и од главните најави на телевизиите ја симна војната во Украина? Теророт? Сигурно не. Во Израел и Палестина, вклучувајќи ја и Газа, го имаш речиси секојдневно. Дали државниот терор на Израел или на разните воинствени палестински формации, сеедно. Тој не е исчезнат. Од 1948 година па наваму се ројат жртви. А најзначајно е тоа што и двете страни се сметаат за жртва. Две страни, кои што сакаат да управуваат со една територија. И сегашниот судир меѓу Хамас и Израел е само уште една алка во синџирот од нивното спротивставување. Од 2005 година наваму судирите меѓу нив се случуваат на неколку години. И секогаш разорни, со многу жртви и со примирја.
СВЕТОТ СЕ ПОДЕЛИ
Конфликтот во Газа беше повод и за нови препукувања меѓу Русија и Украина. Надвор од военото поле. А за Украина донесе и сигнал дека таа може да падне во сенката на Израел, кој е на поповластената позиција на Америка. Не само поради шесте милиони Евреи во САД. Туку и поради тоа што САД сметаат дека токму Израел е нивната капија на Блискиот Исток и дека мора постојано да стражарат пред неа, да не влезе во неа или да не ја затвори некој неповикан од страна. Како и околу војната во Украина и во овој случај светот се подели. Западните земји силно ја осудија организацијата Хамас и нејзината убиствена операција. Низ заби повикуваа Израел да ги почитува меѓународните норми за самоодбрана. Други земји отворено ја поддржаа Хамас, а трети повикаа на прекина на огнот, на неупотребата на прекумерна сила и барање решение кое би било долгорочно.
Русија беше меѓу овие последниве. Претседателот Владимир Путин, кој е на пат за Кина, каде што утре и другиден ќе учествува на десетгодишнината посветена на кинескиот проект „Еден појас, еден пат“ е на став дека решавањето на блискоисточната криза е можна исклучиво врз формулата утврдена од страна на СБ на ОН за две држави со создавање на независна палестинска држава во границите од 1967 година и главен град во Источен Ерусалим. На пат кон Кина Путин беше на собирот на лидерите од Заедницата на независни држави во Киргистан. Новинарите го прашуваа и за судирот Хамас – Израел. За перспективите тој да биде решен наредниве недели или месеци. И дали Русија би можела да помогне во тоа?
Според Путин, Израел се судри со напад без преседан, не само по големината, ту и според начинот на завршување, според жестината. И одговорот на Израел е соодветен. И според жестината и според големината. Но притоа не се мисли на граѓанското население. Путин е против блокадата на Газа, воена или не воена. Тоа би личело како на блокадата на Ленинград од Втората светска војна. Со сите последици. И тоа е неприфатливо, зашто таму живеат над два милиони луѓе. И сигурно сите не го поддржуваат Хамас. Па оттука не треба сите да страдаат. И жени и деца. Од друга страна тој смета дека Израел има право да си ја обезбеди сигурноста и гаранции за неа. Па затоа треба да се бара излез од ситуацијата преку посреднички напори. Путин смета дека „Палестинците имаат право да очекуваат дека ќе се исполни решението за создавање на палестинска држава со главен град Источен Ерусалим“. Конечно, Русија е подготвена да посредува, бидејќи има традиционално добри односи со Палестинците и со Израел во последниве 15 години. Но некој треба да го побара тоа од неа. Последново тешко би било да го побара Израел, особено поради фактот што Русија остана настрана од осудата на Хамас, а и нејзиното залагање со создавање палестинска држава. Што впрочем го побара и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„ЦРН ПАЗАР“ НА ОРУЖЈЕ
Од страна на Русија беше пуштена стрела кон Украина во врска со акцијата на Хамас. Откако имаше најави дека кај припадниците на Хамас има современо американско оружје, официјална Москва соопшти дека станува збор за „црн пазар“ на американско оружје во Украина. И дека оттаму тоа се шири насекаде, па и на Блискиот Исток. И Путин смета дека оружје се зема од Украина, бидејќи таму е голема корупцијата. А црниот пазар се раѓа ако има побарувачка за оружјето. Во Русија имаше многу оружје по повлекувањето на нејзините војски од Источна Европа. Многу воени лица се збогатија продавајќи од тоа оружје. Илјадници тенкови во деведесеттите години стоеја на полињата. А да не зборуваме за летала, или стрелачко и артилериско оружје. Токму ова го кажа и Путин. За време на војната на Каказот, се продавало руско оружје на противничката страна. Директно од воените складишта и така се заработувало. Истото важи сега и за Украина. Оружје оттаму се продава во Африка, Блискиот Исток, за тоа Русите имаат податоци, но Путин се сомнева дека во трговијата со оружје на црно е вклучено украинското раководство.
И за Украинците, судирот на Хамас со Израел беше можност да се впери прстот кон Русија. Демек таа стои за се’ што се случи. Еден истражувач од Украина за Deutsche Welle, околу сомнежите дека припадници на Хамас и други групи порано се обучувале во Сирија од страна руски инструктори, изјави дека е разбирливо дека кон тоа се вклучени руски инструктори, како луѓе кои имаат уникатно искуство. Тој додава дека Израел и Украина се „разни фронтови на една војна“. Некои Германци тврдат дека постои оска Газа-Техеран-Москва. И дека нападот на Хамас е координиран и подготвен пред неколку месеци. Исто и дека израелските сили нашле руско оружје во Газа, ама добиено од Иран. Има тврдења и дека припадници на групата „Вагнер“ учествувале во подготовка и предавање воено искуство на припадници на Хамас. Од Киев доаѓаат и други тврдења. Дека нападот на 7 oктомври бил подготвен како подарок за Путин по повод неговиот роденден!? Па се вели дека Иран е единствениот сојузник на Русија. Па дека борбата во Израел е за да се одвлече вниманието од борбата во Украина. Па дека жестоката тактика која што Русите и Иранците ја користеле во Сирија против Сиријците(се мисли на противниците на власта) , била користена против Украинците, па сега и против Израел. Па до тоа дека преку крипто берзи Русија им префрлала пари на палестинските борци.
Кон ова се надоврза и шефот на украинското разузнавање, Кирил Буданов. Украина е загрижена дека сега не ќе може да добива оружје колку што и е потребно. Зашто главниот сојузник, САД, ќе треба да даваат оружје и на Израел. Во едно интервју, Буданов рече дека „ако конфликтот во Израел заврши во рок од неколку недели, „нема причина за загриженост“ за воената помош на Западот за Украина. „Но, ако ситуацијата се одолговлекува, сосема е јасно дека ќе има одредени проблеми со фактот дека ќе биде неопходно да се доставуваат оружје и муниција не само за Украина“. Според него, употребата на беспилотни летала против оклопни возила од страна на Хамас во нападот во саботата има белезите на руската вмешаност. „Никој освен оние што беа на нашето бојно поле не можеше да направи такво нешто. Бидејќи не бевме ние, тоа значи дека тоа биле Русите“, изјави тој, без да понуди докази за неговите тврдења за вмешаноста на Москва во нападот на Хамас. Во меѓувреме, поради загриженоста дека војната може да се прелее во поширокиот регион, Буданов изрази загриженост за тоа што може да се случи на долг рок. „Врз основа на целокупната географија, гледаме неколку конфликти кои на прв поглед изгледаат како регионални, освен Украина, но сите се поврзани со исти земји“, рече тој, додавајќи, „Верувам дека доста брзо се приближуваме до глобална војна“.
ЗЕЛЕНСКИ-НЕ МЕ ЗАБОРАВАЈТЕ
Но не е само Буданов загрижен за развојот на настаните во Израел.Politico напиша: „Украина бара од НАТО: не ме заборавајте“. Притоа додавајќи дека претседателот на Украина Владимир Зеленски ненадејно минатата среда дошол во Брисел на средба на министри за одбрана од НАТО и открил дека Европа не е веќе така сосредоточена ка конфликтот во Украина. Тој се обидел двата конфликта да ги спои во едно, велејќи дека разногласијата во Алијанста одат во полза на Кремљ. А Русија, демек, смета на тоа и на слабеење на поддршката. Тој ги нарекол Путин и Хамас:„терористи, кои се обидуваат да ги земат во заложништво слободните и демократските држави“. Зеленски предупредил дека „Русија има уште ресурси да потпалува конфликти и да ги претвора во трагедии од големи размери. Тоа се случува во Сахел, тоа може да се случи во Израел, при што поболно, тоа може да се случи на целиот Блиски Исток. Ние не треба да го дозволиме тоа“. Украина со право е загрижена за нејзината судбина во поглед на снабдувањето со оружје, иако и САД и Столтенберг изјавуваат постојано дека „ќе ја помагаме се додека не ја победиме Русија“.
Но Изарел е друга песна. И на Американците им е полесно да ја потпевнуваат. Ако Блинкен успее да се договори со Израел, тогаш САД пак би биле голем играч. Демек , еве без нас, одново ќе имаше криза на Блискиот Исток. Но кризата сега е во најава. Кон критиките на Израел се приклучија и од ОН. Демек она што го прави Израел е воено злосторство. Се јави и Кина, која се обидуваше да биде неутрална. Министерот за надворешни работи Ван Ји, изјави дека дејствијата на Израел во Газа ги надминале „рамките на самоодбрана“. И дека Тел Авив треба да го прекине „колективното казнување на жителите на секторот Газа“. Кина смета дека историската неправда во однос на Палестина не може да продолжи и после подолго од половина век. Сите мирољубиви земји треба да го поддржат праведното дело и создавањето на две држави. За да се постигне сеопфатно, праведно и долгорочно решение. Израелски медиуми пренесоа дека Кина испраќа специјален пратеник на Блискиот Исток. Патем, саудиска Арабија ги прекина преговорите со Израел за меѓусебна нормализација на односите. Се зборуваше дека токму ова и било главна цел на нападот на Хамас на Израел. Иран, кој првите денови се закани со реакција доколку Израел преземе копнена операција, вчера во ОН негови претставници изјавија дека нивната земја ќе одговори доколку биде нападната. А од Америка доаѓаат сигнали дека може да се вмеша во ослободувањето на Американците, заложници на Хамас.
Во сето ова се поставува прашањето - Како ќе одат работите натаму? Има повеќе размислувања на оваа тема. Интересен е приодот на украинскиот експерт за меѓународни односи, Руслан Осипенко. Тој смета дека Израел го фатиле во стапица. Според него станува збор за сценарио направено далеку од Израел, таа земја и САД да се вовлечат во голема војна на Блискиот Исток. Прво Хамас ја провоцира технолошки силната армија на Израел на одговор. Одговорот е жесток и претеран. Го покажуваат и преку сите канали, низ цел свет, затоа што живееме во информациски свет. Потоа се креваат групи како Хезболах. Прво групи од Сирија, но не државни. Тоа е втора етапа. Тие влегуваат во војна кога Израел ќе ја почне копнената операција во Газа. И удираат од сите страни. Третата етапа е вклучување на арапските земји, широк фронт на арапски земји, кои почнуваат војна против Израел. Ова сценарио, според осипенко, е напишано надвор од Израел. И тоа смета на емоциите на Израел. „Токму поради тоа го видовме суровиот напад од страна на Хамас, може да се каже нечовечки, заради провоцирање на Израел“, вели Осипенко. И целта е постигната. Израел сега се вклучува во копнена операција, а групи како Хезболах и други ќе удрат одзади.
САД СО СУДБИНАТА НА ФРАНЦИЈА
Воената разврска се чини неминовна со сите последици што ќе произлезат од неа. А се’ можеше да биде подобро доколку се почитуваа одлуките на ОН. Двете држави, двата народа ќе имаа свои територии и ќе управуваа со нив. Двете земји ќе ги надминеа историските посегања, по земјата, која наводно им припаѓала токму ним. Ќе се надминеа историските наративи дека Евреите отсекогаш живеела таму или дека кореното население(арапско) се бори за востановувања на своите права, а на сите кои дошле на таа територија подоцна не им е тука местото. Војна ќе има затоа што и двете страни не се подготвени за компромис. И прашање е дали оваа ќе биде последна.
Според Нил Каплан, историчар од Канада, експерт за односите на Палестина и Израел, кога доаѓа до преговори во меѓународните односи важи правилото дека правилата на игра ги диктира оној кој има подобри карти. „Израел, сфаќајќи дека решавањето оди во ќорсокак, успеа да се зацврсти: почна активно да гради населби, а со тоа доби нов инструмент за притисок, со чија помош може да се каже: ако вие не сакате со добро, тогаш и ние нема во ништо да се ограничуваме себе си. Ни во прашањето на развојот, ни во безбедноста. Но тоа исто така значи дека и одговорноста во поголем степен лежи врз Израел, како посилна земја“, вели Каплан. И додава :„Да тргнеше на некои определени ризици, таа страна можеше да покаже повеќе добра волја, за да види, ќе доведе ли таквиот гест до позитивни промени или кон сличен гест од другата страна, токму така се преговара. А не да се станува од маса со зборови:„ Ако е така тогаш јас не играм и ќе нема никаков прекин на градење населби и никакво ослободување на затвореници““.
На Израел му се може такво однесување. Зад себе ги има САД, чија формула на гаранции на безбедноста му гарантира вечна поддршка. Ако САД ставале вето во СБ на ОН, тогаш тоа го правеле за Израел. Па затоа арапските земји треба да се свесни дека во евентуален судир во регионот за непријател би ги имале САД, а не Израел. Но веќе има некои нови знаци. Ескалацијата на војната во поширокиот дел на арапскиот свет може да доведе и до истиснување на САД од тој свет. Колку за пример некои ја споменуваат Франција и нејзината судбина во делот од Африка, каде што имаше големо влијание. Мали Буркина Фасо, Нигер...кој е следен. Таму не остана ни француска војска, ниту амбасадор. Гневот на населението е голема работа. А посебно на Блискиот Исток. Гневот на Израелците од оваа војна ќе го збриши Бењамин Нетанјаху од функцијата. Доколку војната прекине со некакво задоволување на барања на Хамас, тогаш таа организација, која и онака расте во популарноста, уште повеќе ќе порасне во очите на Палестинците. А ќе може да се инфилтрира и на Западниот брег. Поддржана, пред се’ од младите. Па Израел ќе мора да води повеќе сметка за тоа како го подига својот непријател.
Утре или другиден во Пекинг ќе се сретнат Путин и неговиот кинески колега Шји Џинпинг. Нема да изненади, ако оттаму дојде некоја изјава, која уште повеќе ќе ги измеша работите на Блискиот Исток. И да се заклучи дека во тек е една војна на два фронта. Кои лесно би станале повеќе.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.