24 Ноември, 2024
0.0247

Едно поинакво интервју со Бобо Дајнерс: Почитувам правила, ама не им робувам

Објавено во: Стил, Интервјуа 30 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Стилот не мора да биде ниту врв на модата, ниту строга класика, ниту елеганција... Едноставно, мора да биде како парфем, кој е добар спој на повеќе мирисни состојки кои се комбинираат за да направат добар, траен мирис кој одговара на нашата кожа. Тој е нешто што го градиме со години. Тоа е нашиот единствен начин на облекување. Го следи нашиот начин на живот, еднаш определен од социјална позиција, работа, финансиска моќ или немоќ.

Со години, Божидар Јанковски, познат како Бобо Дајнерс, директорот на „Diners Club International„ за Македонија, важи за еден од најдобро облечените мажи кај нас. И тука нема компромис! Единствен е во стилот. Дали ви се допаѓа или не тоа е сосема ваше легитимно право, но нашите модни познавачи токму него го посочуваат како уникатен пример. Неприкосновен е во изразот- и физички и модно. Нема импровизации! Сѐ е сведено на исклучителен осет, научен, прилагоден и својствен само за него. Заедно со неговата сопруга, министерката Радмила Шеќеринска каде и да се појават, оставаат впечаток... Бобо точно поентира во ова интервју исклучиво за неговиот стил.  

Велат дека стилот не се купува, дека тој се гради! Како Вие гледате на таа уметност и како го создадовте, а при тоа да биде само ваш, уникатен и дел од вашата личност?

- Од најраното детство, несвесно, информациите што ги добиваме ги сортираме во посебен наш фајл, со наслов „ова ми се допаѓа“ или „вака би сакал да изгледам“. Подоцна, тоа сѐ посвесно го правиме. Но, оние први влијанија од детството по мене се најјаки, а ги примате од родителите, семејството, вашите идоли... И кога сето тоа ќе го комбинирате, филтрирате, го брусите низ успеси и грешки (свои и туѓи), тогаш веќе градите свој стил.

Мислам дека секој човек има потреба да биде посебен и сака да биде посебен. Истото важи и за она како се однесува и како изгледа. На некој ќе му се бендисувате, на некој не – но, важното е да сте тоа што го носите. Како велат, „баш знае да го носи парчето облека“.

Како стилски би се дефинирале? На повеќето сте им пример за облекување и однесување...

Сакам да изгледам модерно, скоро секогаш да имам нешто, едно парче, еден детал кој не е баш вообичаен. Тоа да ме издвои. Почитувам правила, но не сакам да им робувам. Сакам промени. Ако некогаш носев шамивчиња со сако, сега веќе тоа не го правам. Не дека не е модерно, тоа е вонвременски, но некако сам си станав досаден со тој детал, па сега додавам други работи по кои би сакал да ме разликуваат. Едно нешто ми е закон, мора да имате чисти и пристојни чевли.

Во што се чувстувате најудобно? Дали костумот е одраз на отменост или има нешто и во лежерноста?

Мора, без компромис, да внимавате на тоа каде што носите. Со тоа покажувате или не покажувате респект кон пригодата и кон другите. Секоја работа носи и правила, и во тоа сум конзервативен – тие правила треба да се почитуваат.

Костум со вратоврска за во канцеларија е нешто со што покажувате колку си ја почитувате работата, а и вашите клиенти и соработници. И тука шансите за грешки се помали.

За мене далеку потешко е да си добро облечен во понеформални прилики. Да изгледа дека е ноншалантно и речиси немарно, а да е сѐ на свое место. Тоа е барем мојата цел.

Не признавам лежерност во тренерки, освен ако не одите да спортувате. Не разбирам како сакате да гледаат на вас ако сте излезени на кафе како да сте тренер на фудбалска екипа, ама на подготовки. На меч веќе сите тренери се дотерани.

Бидејќи вашата сопруга е една од нашите најубаво облечени дами, дали понекогаш ви сугерира што да облечете? Дали примате сугестии иако сте свесен дека поседувате извонреден стил?

- Кога купувам, гледам како ме гледа, па знам дали е добро или не. Примам сугестии, а и сам прашувам.

Стилот не е нешто што го имаш и тоа е тоа. Мора да се трудиш, да сакаш нешто да промениш, да си во чекор со модата, а таа опасно бргу се менува.

Дали мажите во Македонија знаат да се облекуваат убаво?

Да, има одлично облечени мажи, посебно помладите. Модно се похрабри, имаат повеќе можности да пратат што е модерно, што се носи. Интернетот е чудо, а во Скопје веќе има многу продавници каде тоа можат да го купат. Сепак, мора да кажам дека девојките, жените од Македонија несразмерно повеќе водат грижа и се облекуваат подобро од мажите. Тоа никако не го разбрав. Како мислиш дека некој што поминал барем половина час да се спреми и се потрудил добро да изгледа, да те забележи во твојата јакна за скијање и патики од вчерашниот фудбал, зачинети со брзо ставен гел за коса?

Што ве прави среќен?

- Тешко прашање. Одговорот се менува со годините и кога би се вратил назад на некои мои минати интервјуа – одговорот би ми изгледал смешен.

Денес ме прави среќен кога сите сме здрави, кога луѓето околу мене се смеат. И кога го минувам времето со тие со кои сакам, а не со тие со кои морам. И да, среќен сум.

Како човек од бизнис фелата, Ваше кратко резиме за тоа што значи да се биде успешен бизнисмен?

- Ако луѓето со кои работите се среќни и задоволни, ако клиентите немаат или скоро немаат забелешки, вие сте успешен деловен човек. Ако можете со нешто што ќе дадете од себе да ја подобрите ситуацијата во некоја сфера од животот на вашиот град и земја, а тоа ве исполнува, тогаш сте и успешен човек.

Која е вашата порака за нашите читатели за Новогодишните и Божиќните празници?

Да сте здрави и среќни. Да ги направите тие кои ги сакате среќни. Да заборавите на лошите моменти и да им простите на тие со кои се врзани. Бидете позитивни и сакајте.

Небојша Толески

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.