15 Мај, 2024
0.0263

Едукацијата не завршува во образовните институции!

Објавено во: Колумни 23 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Колку повеќе знаеш толку помалку си среќен!  Фраза која често сме ја слушале, и која некако без размислување ја прифаќаме како вистинита, бидејќи мислиме дека сме многу паметни. Демек, колку повеќе ги осознаваш работите во животот, се соочуваш со противречностите, ги препознаваш проблемите, недостатоците на системот, и тоа прави повеќе да се нервираш, и да  бидеш понесреќен! Но дали е тоа така, или зошто не би требало да биде така. Која е целта, да вложуваш во себе, во образование, во зголемување на сопствената продуктивност на работното место, во осознавање на животните вредности, ако тоа не ти овозможува мир и спокојство. Која е целта на знаењето, образованието ако тоа не ни овозможува подобар живот, поголем комфор! Така да сметам дека зголеменото знаење не е еквивалент со несреќата. Напротив, знаењето, образованието  е единствениот пат кон слободата, кон независноста, и тоа како материјална така и духовна. Верувам дека, колку повеќе напредуваш на секое поле, толку ти се зголемуваат можностите слободно да го одбереш она што го сакаш, и самиот да носиш одлука за себе. Образованието ги насочува луѓето како да размислуваат, како да функционираат правилно, како да носат правилни одлуки, и на крај само образованите луѓе можат максимално да го искористат својот потенцијал. Токму затоа никогаш не треба да се заврши со едукација,и секогаш треба да се има книга до себе! Некој ќе рече, сето ова е убаво, ама и да не живееш во Македонија! Каде статистиката е против знаењето. Каде дипломирани млади луѓе, магистри, доктори на наука се без работа, во очај и без перспектива. Каде голем број на луѓе со натпросечни квалификации својата професионална кариера ја градат надвор од својата татковина. И, не дека не се во право! Кај нас премногу лесно се добива диплома и таа не значи дека човекот е оспособен за работа и дека треба да престане да учи. Со диплома можеш да учествуваш на некој конкурс за вработување, но ако немаш квалитети, не и да останеш на одредено работно место.  Учулиштето треба да ја поттикне желбата за учење, и не значи дека таму завршува процесот на учење. „Никогаш не дозволив училиштето да ми го попречи образованието.“ – Марк Твен Секој за себе е одговорен, и секој треба индивидуално да се бори. Е тука мора да се биде упорен, и никогаш човек да не се откаже од своите желби, соништа, илузии..што и да се! А за тоа да се оствари континуираното образование и тоа пред се надвор од класичната образовна шема е единствениот клуч. Сметам дека кога и да е, порано или покасно, наградата од напорното учење и едукација ќе стигне. Треба само да се истрае и да се отстрани малодушноста. Учи, за да не работиш тешка работа (или за да можеш да најдеш работа) во животот, знаеше честопати да истакне татко ми. И тоа е така! Само со едукација, напредок, поглед свртен кон иднината можеш да ја видиш светлината и во најтемниот тунел. Се запишав на постдипломски студии, паралелно кога  почнав да работам. Речиси и да немав пауза по дипломирањето. Немав слободно време, можност да се опуштам , постојано бев со обврски.  Бидејќи магистерските студии и немаа никаква директна врска со мојата тековна работа, морам да признаам дека ми беше и напорно. Но најмногу од се ме измачуваше мислата, односно одлуката кон што треба да се насочам. Не можев да се одлучам, и решив дека ниту од едното ниту од другото не треба да се отакажам. Ги завршив постдипломските студии, иако до ден денес помислувам дали истите ми беа потребни. Тоа што го учев денес не ми треба за работата, прашање е и дали се сеќавам на нешто (можеби доколку се најдам во некоја ситуација, или муабет нешто ќе се појави) а вложив и многу средства. Но има неколку моменти кои прават да сум горд, што не се откажав. Првиот момент се солзите радосници во очите на моите родители дента на моето магистрирање. Радоста и гордоста која ја предизвикав кај нив  мислам дека вредеше за целиот напор и “изгубено време” од моето дополнително образование. Сметам дека никаква форма на образование не е залудна, а наградата секогаш стига, во различна форма и димензија. Вториот момент е тоа што ми остана работна навика, всадена желба за едукација и тоа што стекнав неколку вистински пријатели, со исти соништа и енергија, кои остануваат за цел живот, независно колку често ги гледаш, и што ти се случува во животот! Третиот момент е слободата на духот што ми го овозможи континуираниот процес на учење. Секој прочитан текст, статија, книга е плус.  Едукацијата ни помага во градењето на карактерот, создава здрави навики, поттикнува позитивно размислување и не тера да гледаме кон иднината. Затоа јадете помалку, повеќе спортувајте и никогаш не се откажувајте. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка