26 Април, 2024
0.1381

Еколошката етика, вредностите и совеста

Објавено во: Колумни 27 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Во ерата на мрежното комуницирање и он-лајн информациите, она што посебно е актуелно и што со молскавична брзина се шири на социјалните мрежи е шегата поврзана со загадувањето: Момчето и се извинува на девојката дека не дошол на закажаната средба бидејќи се загубил во маглата. Првиот импулс читајќи ја оваа шега кај секој ќе предизвика насмевка, но само по неколку секунди ќе ја сфатите сериозноста на поентата од самата шега. Се гушиме во магла, се труеме во смог, енормно високо загадување на воздухот и едно апатично однесување од институциите на системот и оние кои се повикани да превземат нешто за конкретната ситуација. Апели за внимавање, молби до граѓаните и упатства како да се однесуваат деновиве се изнаслушавме, но многу малку се проговори за ефективните мерки кои треба да се превземат за да се намали штетата од загадувањето.

Страотно е она што ни се случува со загадувањето, а последиците може да бидат далекусежни

Секој свесен и совесен граѓанин може да претпостави колку е реална опасноста од она што деновиве ни се случува, секој кој проврел глава низ прозор или направил неколку чекори надвор од својот дом се соочил со директниот атак на загадувањето врз него. Секој свесен и совесен алармира, повикува, моли за солуции кои ќе значат побрзо изнаоѓање на прифатливи решенија кои ќе придонесат за побрзо излегување од проблемот бидејќи страотно е она што ни се случува со загадувањето, а последиците може да бидат далекусежни.

Дали луѓето признати и познати, компетентни и носители на значајни функции директно врзани за еколошкиот дискурс се немоќни?

Она што ме тишти и мачи овие денови е начинот и образложенијата што треба да им ги соопштам на студентите, а кои се однесуваат на вредностите поврзани со околината, здравата животна средина, вредности и морални норми кои имаат за цел да им помогнат на идните академски граѓани да ја изградат и развијат својата еколошка свест. Кај мене се јавува морална двојба која во моите мисли и размисли на површина ја изнедрува дилемата: Дали е морално исправно да им предавам и говорам постојано за важноста и значењето што го имаат вредностите и нормите поврзани со екологијата, а од друга страна реалноста им сервира една беневолентна слика која апсолутно ги маргинализира моралните еко - вредности. Суровоста на реалниот свет во однос на еколошката свест тие мошне лесно може да ја согледаат токму преку индиферентниот однос на оние кои се повикани, компетентни и се на позиција да носат одлуки кои ќе значат превземање или непревземање на активности и дејанија  кои подразбираат носење во костец со проблемот на нашето реално секојдневно енормно загадување. Ни самата себе си не можам да си го издиференцирам светогледот во однос на можните поставени прашања од страна на идните академски граѓани: Дали луѓето признати и познати, компетентни и носители на значајни функции директно врзани за еколошкиот дискурс се немоќни да сторат нешто со што би се сопрело загадувањето на нашата околина, но и на човекот директно; Дали остануваат неми при крикот на јавноста за алармантното загадување, ставајќи ја индивидуалната позиција пред општото и општественото добро; Дали совеста како внатрешен судија кај нив затаила и ѕвончето кое алармира станало безгласно; Дали постои скриен курикулум и скриени бенефити кои подразбираат млака и несоодветна реакција на ваквата состојба; Дали еко - вренодстите кај нив се маргинализирани, во однос на други - за нив повисоки и поприоритетни цели?

Сериозноста е дотолку поголема што самото загадување директно атакува на загрозување на здравјето на секој граѓанин

Прашања кои на површина токму го издигнуваат односот  на луѓето кон сопственото место на живеење, кон сопствениот атар, кон сопствените ближни и драги луѓе и на крај - односот кон самите себе си. Секој оној кој се чувствува компетентен и повикан треба да даде свој придонес кон изнаоѓање на вистинската солуција која ќе значи справување со проблемот на загаденоста. Аномичноста во елаборирањето и справувањето со соодветниот проблем ме вознемирува и загрижува како жител на мојот град, но и како човек кој искрено се грижи за здравјето и просперитетот на граѓаните на мојата ми мила татковина. Можеби ова мое писание е само капка во морето, но останува надежта дека таа капка ќе ја разбранува и политичката и интелектуалната и научна елита да му погледаат во очи на проблемот и да превземат акции за негово решавање. Сериозноста е дотолку поголема што самото загадување директно атакува на загрозување на здравјето на секој граѓанин и токму затоа потребно е наместо континуирани апели да се пристапи кон конретни решенија, бидејќи ако не се постапи сериозно и исправно тогаш на Дедо Мраз ќе треба да му порачаме за Нова година наместо пакетчиња со вкусни чоколада и шарени бонбони да ни донесе гас маски.

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД