12 Ноември, 2019
0.0169

Економски аспекти на процесот на спречување перење пари

Објавено во: Колумни 29 Октомври, 2019

При анализата на економските аспекти на процесот на спречување перење пари, посебно внимание треба да се посвети на појавните форми низ коишто се манифестира ризикот од перење пари и ризиците коишто се тесно поврзани со него (правен, оперативен, репутациски и ризик од концентрација). Исто така, треба да се согледа колкави се трошоците и колкава е користа од спроведување на овој процес на ниво на деловна банка (cost-benefit анализа), со цел да се изврши соодветна алокација на ресурсите во борбата со перењето пари.

Кога се разгледуваат економските аспекти на спречувањето перење пари и нивната корелација со одделните ризици на коишто е изложена деловната банка, посебно е интересен ризикот од концентрација. За разлика од правниот, оперативниот и репутацискиот ризик (во одредена мера станува збор за квалитативни ризици), за ризикот од концентрација е карактеристично тоа што истиот полесно може да се детерминира и квантифицира, а потоа да бидат преземени соодветни мерки во правец на негово намалување.

Ризикот од концентрација се рефлектира врз двете страни од билансот на состојба на банката. На страната на активата, овој ризик е тесно поврзан со пласманите на деловната банка. Банката е должн да почитува одредени лимити кога ги пласира своите средства кај комитенти коишто претставуваат единствен ризик. Од тие причини, банката мора добро да ги познава своите комитенти и природата на нивните деловни активности.

На страната на пасивата од билансот на состојба, ризикот од концентрација се манифестира преку ненадејно повлекување на депозитите од страна на одредени големи комитенти. Тоа штетно се одразува врз ликвидноста на деловната банка. Слично како и кај пласманите, банката мора добро да ги познава своите депоненти и нивното работење за да не се доведе во ситуација да мора да се соочува со посериозни ликвидносни проблеми.

Кога се врши анализа на економските аспекти на борбата со перењето пари, посебно внимание привлекува анализата на трошоците предизвикани од примена на политиките и процедурите за спречување перење пари. Тие трошоци мора да бидат ставени во корелација со позитивните ефекти коишто истите ги носат. При тоа, неколку работи мора да се земат во предвид.

Прво, горенаведените трошоци мора да бидат анализирани низ призмата на бенефициите,како за конкретната деловна банка, така и за целокупниот систем на финансиски институции и националната економија во целина. Сепак, мора да се има предвид дека самите деловни банки донесуваат интерни политики и процедури за борба против перењето пари, па анализата на трошоците/користа (cost/benefit) мора да се прави на ниво на одделна деловна банка.

Второ, меѓународната координација во борбата со феноменот наречен перење пари, меѓу другото, има за цел да ги намали трошоците на деловните банки. На пример, ако банките коишто се дел од еден правен систем (една држава) се должни да спроведат одредени мерки за спречување перење пари, тоа секако ќе креира одредени трошоци. Тие трошоци ќе влезат во цената на производите и услугите коишто ги нудат банките од тој правен систем. Доколку банките од друг правен систем (друга држава) не се обврзани да ги имплементираат тие мерки, истите ќе имаат помали трошоци при креирањето на цените на своите производи и услуги. На тој начин ќе ги привлечат и комитентите на оние институции коишто се законски обврзани да применат одредени мерки за спречување перење пари. Меѓународната регулатива ја елиминира оваа нееднаквост помеѓу субјектите коиштоделуваат во различни системи, па од една страна не доаѓа до прелевање на комитентите по основ на пониски цени на производите и услугите, а од друга страна се нивелираат трошоците за спроведување на мерките за борба со перењето пари.

д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Нестабилни движења на извозот и увозот на македонското земјоделство

Нестабилни движења на извозот и увозот на македонското земјоделство

Денот на Републиката

Денот на Републиката

Три децении од паѓањето на берлинскиот ѕид – (не)научени лекции

Три децении од паѓањето на берлинскиот ѕид – (не)научени лекции

Се нуди политички „трет пат“- по којзнае кој пат

Се нуди политички „трет пат“- по којзнае кој пат

Влијание на перењето пари врз развојот на националната економија

Влијание на перењето пари врз развојот на националната економија

Уметнички кварт

Уметнички кварт