16 Мај, 2024
0.0247

Економски оптимизам или песимизам?

Објавено во: Колумни 08 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Оптимистите го измислиле авионот. Песимистите го измислиле падобранот. И едните и другите дале свој придонес во развојот на општеството.

          Се верува дека оптимистите го гледаат светот со розови очила, а песимистите со црни. Реалната слика би требало да се добие кога и едните и другите ќе ги симнат очилата. Дали е баш така? Што ако од предолгото носење на розови или црни очила нивната диоптрија е сериозно доведена во прашање? Како и во секоја друга сфера на општеството, така и во економијата свое место наоѓаат оптимизмот и песимизмот. Економскиот оптимизам претставува тенденција на очекување на најдобриот можен исход од дадената економска ситуација.  Како контратежа на оптимизмот се јавува економскиот песимизам, чии приврзаници секогаш се склони кон прогнозирање на најлошиот можен исход. Секој почеток (па макар и почеток на календарската година) го дочекуваме со оптимизам. Сосема е сеедно дали сме експерти или лаици во економијата, во природата на човекот е да се надева на најдоброто во периодот што претстои. Секој од нас верува дека економијата ќе забележи пораст, дека ќе растат домашните и странските инвестиции, дека ќе се намали стапката на невработеност. Оптимизмот доведува до ставање под тепих на одредени економски проблеми, а нивното решавање се остава за некои други, подобри времиња. Во крајна инстанца, оптимизмот прави да се чувствуваме подобро. Не се рекло залудно дека надешта последна умира, а економската надеж не е ништо поразлична од другите видови на надеж. И во тоа нема ништо лошо... Со секој нов лист што го вртиме на календарот, односно со секој изминат месец, чувствуваме дека почетната еуфорија полека, но сигурно спласнува. Реалните економски проблеми сеуште се присутни, а розовите очила се ставени во некој агол во домот, заедно со елката и новогодишните подароци. Не, сеуште не е време розовите очила да се заменат со црни и да се фрлиме во прегратките на песимизмот. Црните очила ќе ни се најдат во летните месеци кога ќе одиме на заслужен летен одмор. Во периодот помеѓу новогодишните празници кои полека изминуваат и летниот одмор кој е многу далеку, мораме да се соочиме со нашето секојдневие, со реалните обврски и проблеми кои на сите нас ни тежат над глава. На тие обврски и проблеми мораме да гледаме реално, без оглед на нашата наклонетост кон оптимизмот или песимизмот. Деновиве во медиумите можеме да сретнеме информации кои се дијаметрално спротивни. Едни медиуми тврдат дека кај нас „тече мед и млеко“, други тврдат дека „крајот на светот ќе започне на овие наши простори“. И едните и другите настапуваат со аргументи на кои мора сериозно да им се пристапи. На кого да веруваме? Чии економски прогнози да ги прифатиме како реални? Дали ќе успееме реално да ги согледаме работите или ќе ги прифатиме розовите, односно црните очила што бесплатно ни се нудат? На поставените прашања не постои одговор којшто е единствено исправен. Пристапот кон личната и општата економска ситуација е индивидуален, секој од нас треба самиот да стаса до одговор за којшто мисли дека е соодветен. И за таквиот личен став никој друг нема право да му забележи, зашто секој човек е (економска) приказна за себе. Има нешто што е многу поважно. Песимистите се секогаш поблиску до реалноста. Оптимистите се тие кои што го движат светот напред. Ако на одреден проблем му пристапиме со позитивен став, можно е тој проблем да се реши, а можно е и да не се реши. Но, ако однапред кон некој проблем настапиме со негативен став, тој проблем сигурно нема да биде решен. Дали тоа значи дека треба да го поддржиме економскиот оптимизам? Како да го направиме тоа без да ставиме розови очила? Или, ако сакате, како да бидеме оптимисти кога е многу полесно да се стават црни очила? Како да бидеме оптимисти кога во нашиот менталитет се вгнездило „леењето на солзи“ врз сопствената и туѓата судбина со векови наназад? Секоја економска ситуација е подложна на тешкотии, на проблеми, на моменти кога „светлото на крајот од тунелот изгледа многу далеку“. Во таков случај песимистите бараат изговори и оправдувања, оптимистите бараат начин за решавање на проблемите. Изговорите и оправдувањата можат да изгледаат реални, начинот за решавање на проблемите некогаш може да наликува на легендарната борба на Дон Кихот со ветерниците. И кој ќе победи на крај? Во спортот победува или подобриот или посреќниот или оној што ги има судиите на своја страна. А во економијата? Во економијата некогаш победуваат оптимистите, а некогаш песимистите. Во крајна инстанца, сеедно е кој ќе победи во конкретната ситуација, доколку тоа е во функција на развојот. Како во случајот со авионот и падобранот. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка