21 Ноември, 2024
0.0306

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО БИТИЌИ: Спасивме најмалку 80.000 работни места, креираме нови антикризни мерки од педесетина предлози

Објавено во: Економија, Интервјуа 26 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Во Владата влезе како советник на премиерот, но во овој мандат доби многу повисока позиција – тој му е заменик на премиерот и задолжен за координација на сите економски ресори. Фатмир Битиќи сепак важи за човек кој доаѓа од бизнисот – претходно гласен критичар на практиката гласот на стопанството да не се слуша, сега вели дека работат само по слухот на засегнатите. Во интервју за Фактор ги открива сите детали за домашната економија од аспект на креаторите на политиките. Владата има чувство дека сторила многу во оваа економска криза. Битиќи вели дека со политиките спасиле најмалку 80.000 работни места, а да не биле мерките БДП ќе паднел за минимум двојно повеќе од сега, а во моментов анализите покажуваат дека годината ќе ја завршиме со проектираниот пад од 4,4 проценти. Најавува дека најверојатно повторно ќе има субвенции за плати, а се разгледуваат и консултираат и предлози за дури педесетина нови мерки во новиот петти пакет за помош на стопанството и на граѓаните, кои стигнаа од сите засегнати страни.

Битиќи вие на позицијата вицепремиер за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции некако го наследувате Кочо Анѓушев. Тоа место се смета како резервирано за човек од „бизнисот“. Анѓушев беше директен предлог, но и вас во коморите ве сметаат како човек од нивна страна. Долго време сте во оваа зграда претходно како советник сега како вицепремиер – ви се промени ли перцепцијата за носењето на одлуките. Ве прашувам, чувствувате ли дека доволно се слуша здивот на реалниот сектор при носењето на политиките и колку е тоа возможно од другата страна?

Битиќи: Многу интересно прашање и интересен вовед за тоа како сум дошол овде и мислам дека ова е несекојдневно, затоа што подолг период бев на другата страна, едно време пред да дојде на власт коалицијата СДСМ-ДУИ, јас бев доста гласен критичар на претходната власт особено за тоа  „вклучување“ на тие кои треба да бидат слушнати. Јас зборував често, а малку се слушаше и малку имаше слух за нашите зборови. Сега секако сум во слична позиција - да ги слушаш или не. Јас од првиот ден укажав дека ако работите ги правиш ад-хок тогаш веројатно не си ја постигнал целта. Една држава не функционира со ад хок механизми. Или ќе поставиш систем или се што ќе направиш ќе биде вештачки. Инсистирам  за да се консултираме со засегнатите страни. Пред две години беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Владата и стопанските комори и платформа за јавен приватен дијалог во која беа вклучени четири репрезентативни комори. Јас од прв ден реков дека оваа платформа треба да продолжи да функционира и притоа ќе воспоставиме систем секој последен петок од месецот во 10 часот да се собираме и да разговараме, без разлика на агендата. И тоа се покажува како добар механизам.


Вториот механизам е социоекономскиот совет во кој има претставници на работодавачите на синдикатите и Владата. Исто така еднаш месечно се гледаме и така тие се инволвирани во сите случувања. Сфатив едно време дека има една група луѓе која не е вклучена во овој систем, а тоа се експертите. Ако сме Влада која се грижи за човечкиот капитал кој е најскапоцениот ресурс, тогаш и луѓето коишто живеат во Северна Македонија, не заминале и ја сакаат оваа држава може да помогнат. Затоа ја иницирав платформата „За Татковината со љубов“ и поканив една група експерти која ќе се вклучи со свои предлози и ќе биде консултирана за дел од процесите. Затоа што јас верувам дека за луѓето кои ја сакаат државата тоа е бесценото. Дури и да сакаш да ги платиш овие експерти, реално да не можеш да ги платиш, затоа што тие тоа го прават првенствено поради љубов кон татковината.  Поканив и истомисленици, но и неистомисленици – за да имаме подобри решенија. Го направив тоа затоа што некогаш чувствував дека од другата страна нема слух. 


ПЕШЕВСКИ И МИНОВСКИ САМИ СЕ ПОВЛЕКОА ОД СОВЕТОДАВНОТО ТЕЛО – тоа е тело полно различности


Вие ја разбранувавте јавноста со тоа советодавно тело односно групата експерти кои ги повикавте со одредена динамика на средби да дебитарате за актуелни теми. Првично се криеја нивните имиња, а по првиот состанок некои лица се повлекоа.

Битиќи: Јас претпочитам било што, што правиме да е јавно, затоа ден по првиот состанок објавив дека тие луѓе се виделе, сме разговарале за тоа како би функционирала таа платформа. Бидејќи идејата беше моја, а ја разработувавме со нив, оставив да се изјаснат и самите дали сакаат нивните имиња да бидат објавени. Затоа и почекав. Во тој временски период дел од тие луѓе се повлекоа со целата добра намера знаејќи дека може да има критика од јавноста. Самите се повлекоа оти почувствуваа дека може да има поголема штета од тоа отколку што може да се придонесе. Во некои подобри времиња можеби ќе се вклучат без оглед дали ќе бидам јас или не. За жал, дел од нашата јавност се уште не е подготвена да ги прифаќа различностите – и се гледаме низ призмата дали некој е припадник на една политичка партија, на една националност, се делиме по партиска  боја и по други различности. Јас не гледам луѓе по припадност, туку Виктор како Виктор, Висар како Висар.


Имате уште состаноци?

Битиќи: Ќе има за десетина дена иако сме во  постојана комуникација како и со сите други консултативни тела со кои редовно комуницираме.


ЌЕ ИМАМЕ НАЈМАЛ ПАД ВО РЕГИОНОТ


Владата, во четири наврати носеше пакети во кои со таргетирани мерки им помагаше на компаниите и на граѓаните во кризата која настана поради пандемијата на корона вирусот  Ве молам за конкретна анализа за измерените ефекти од овие мерки?

Битиќи: Интересно. Ние завршуваме со два типа на анализа. Првата анализа е колку средства се потрошени. Да посочам дека првиот и вториот пакет директно се занимаваа со ублажување на моменталната состојба, на кризата, а третиот и четвртиот вклучуваа мерки за справување со директните последици од кризата но и мерки за опоравување. Ние најавивме една милијарда евра, но секако една половина од тие пари се за мерки за заздравување. Ги планиравме со голема непознаница и мислевме дека кризата ќе трае до декември лани. Сега е јануари и се надеваме дека сево ова ќе заврши набрзо. Затоа велам дека треба да видиме колку од средствата планирани за ковид навистина се потрошени. Надвор од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка и бескаматните кредити со државна гаранција што е вкупно околу 200 милиони евра, дополнително со тоа што досега е потрошено би дошло до пакет од 550 милиони евра. Тие од 100 милиони евра од ЕИБ ги преговараме и најверојатно до крајот на јануари фирмите ќе можат и да ги користат, односно да имаат достапни евтини кредити. Дополнително штом се усвои законското решение за државната гаранција ќе овозможиме 90 до 100 милиони средства од комерцијални банки да се влеат во стопанството. Ние имаме потрошено 350 милиони евра директни финансиски средства во стопанството или кај граѓаните. Или еве ќе спомнам потрошена  кредитната линија од ЕИБ, планирани скоро 70 милиони и скоро толку потрошени за субвенции на плати. Со двата пакети со картичките и финансиските поддршка поддржавме скоро 600.000 граѓани. Имаше неколку кредитни линии од Развојната банка. Ги поддржувавме компаниите таргетирано, онаму каде што навистина има потреба и затоа ќе имаме најмал пад во регионот.


Нели Србија вели дека има најмал пад во регионот?

Битиќи: Ќе видиме наскоро, ние немаме избори, можеби затоа сме потивки. Но анализите покажуваат дека годината ќе ја завршиме со позитивно сценарио на проектиран пад на БДП од -4,4 проценти, но да ги почекаме официјалните податоци на почетокот на март.  

Дополнително, она што не смееме да го занемариме е фактот дека само по редовни програми за редовна поддршка со странски и домашни компании имаме инјектирано околу 70 милиони евра годинава. За прв пат оваа година исплативме 100 отсто кон компаниите од она што им следувало по договорот за државна поддршка. Ова е поддршка за компании кои имаат направено инвестиции и во време на криза, компании кои вложувале во развој но уште поважно, ова се компании кои обезбедуваат стабилност за своите вработени.

Во ред, ама кога прашувам за анализа прашувам баш за ефектот, што сме спасиле со овие пакети, односно колку од БДП сме зачувале, колку работни места не сме изгубиле?

Битиќи: Најмалку 80.000 работни места се спасени. Ние заради ковид заклучно со 2020 година имаме изгубени околу 17.000 работни места. Падот на БДП ќе беше минимум 50 отсто поголем од падот сега. Се согласувам со вас дека мора да се измерат ефектите. Тврдам дека ако не беа даночните олеснувања кои никој не ги мери, или одложувањето на кредитните рати секако ефектот ќе беше уште полош, но тоа уште не е мерливо. Можеби ќе имаме појасна слика од финансиските извештаи кои ќе излезат во март. Но јас ги следам и другите показатели. Во ноември 2020 година ние имаме за седум отсто пораст на просечната плата за разлика од ноември 2019 година. Кризата сепак прави одредени процеси коишто ние се обидувавме можеби на  вештачки начин да ги направиме - со зголемување на минималната плата на пример. Но и покрај светска економска криза има тенденција на раст и тоа е добро.


СЕ ТРОШЕА МНОГУ ПАРИ ЗА КОМПАНИИТЕ ВО ЗОНИТЕ А ПЛАТИТЕ КОИ ТИЕ ГИ ИСПЛАЌАА НЕ СООДВЕТСТУВАА ЗА ПОДДРШКАТА КОЈА ЈА ДОБИВААТ


Од аспект на платите прилично гласни сте кога зборувате за платите во фабриките во зоните. Таму работат сепак други индустриии, не може да се споредуваат со други кои се подоходовни. Кој е проблемот впрочем?

Битиќи: Во ТИР зоните се трошеа финансии за субвенции за плати, а истите тие не соодветствуваа со стандардот кој се очекува. Сепак, пристапот се смени во последните три години. Ние велиме дека даваме поддршка на тие кои креираат работни места, но само ако исплаќаат повисоки плати од просечните. Јас и претходно тврдев кога бев на друга позиција дека не можеш со стратегија на привлекување странски инвестиции да креираш сиромаштија, не можеш да донесеш странски инвеститор за да вработи 6.000 луѓе кои ќе ги плати по 8.000 денари. Затоа што така се креира сиромаштија. Сега имаше еден интересен податок дека во Македонија околу две минимални плати можеби и повеќе се потребни за едно семејство да ја пополни потрошувачката кошничка. Пред четири години беа потребни четири минимални плати за да ги подмирите сите обврски од потрошувачката кошничка. Значи сме намалиле од 4 на 2,2 плати. Нашата цел е да одиме надолу и да стасаме на една минимална плата за една кошничка.


Од друга страна веќе се гледа цехот кој го плати македонската економија од оваа криза – се разбира последиците се мерливи во однос на нивниот одраз на БДП, извозот, работните места, ликвидноста на стопанството, странските инвестиции.

Битиќи: Да освен изгубените работни места и падот на БДП, оваа криза покажа дека неформалната економија е доста голема во Северна Македонија и тоа ги изнесе на површина сите недостатоци на системот. Различни групи доаѓаа за помош, а ние не можевме да ги идентификуваме во системот, затоа што ги нема во системот. Тоа напарави и да имаме плус 40.000 новорегистрирани невработени во Агенцијата за вработување. Тоа прави штета за целиот систем и еве во криза не можевме да се грижиме за нив. Тоа мора да се поправа и веќе се работи на стратегија. Друг проблем што исплива на површина и што ме загрижува е што ние многу малку сме инвестирале во дигитализација и едукација за дигитализација. Мене ме боли секој ден кога доаѓам на работа и гледам редици граѓани како чекаат во ред за да платат сметки во банка. Тоа е многу болно и мора да се смени.


СПАС НА РАБОТНИ МЕСТА И МЕРКИ ЗА ЗАЗДРАВУВАЊЕ НА ЕКОНОМИЈАТА


Веќе најавувате дека се креира нов пакет, впрочем премиерот рече дека веќе на стартот на февруари ќе има нова поддршка. Искрено се надевам дека ќе е последен кој ќе „запира крв“. Кои се клучните постулати на оваа помош – кои се клучните промени кои ќе ги воведете?

Ќе има ли финансиска поддршка за граѓаните и кои категории ќе бидат опфатени, со колкав пакет?

Битиќи: Ние имаме во моментот скоро 50 различни предлози и деновиве прво ќе ги видиме и ќе ги квантифицираме, што тоа значи во средства. Секој поединечен предлог се разгледува и се изразува во пари, се земаат предвид сите аспекти – дали некој изгубил 10 отсто од прометот, дали му треба поддршка за платите или за нешто друго. Веќе донесовме мерка за укинување или намалување на царински давачки за 71 продукт односно суровини за производствената индустрија. Тоа ќе чини 7,1 милион или од толку пари се откажуваме во буџетот за да се помогнеме.  Една од основите на пакетот ќе бидат слични мерки односно ќе има даночни и царински ослободувања, а работиме и на сетот на парафасикални давачки. Граѓаните директно или индиректно ќе бидат опфатени. Треба да продолжиме и со основната тежа а тоа е да го зачуваме секое работно место затоа што се уште сме во таква специфична фаза. Дополнително ќе видиме за колку месеци односно колку средства ќе се доделат за помош за субвенции на платите. Ќе гледаме и на алтернативни начини на помош кој можеби ги немаше во претходните пакети.

Сетот значи, ќе речам е за зачувување на работните места и грижа за граѓаните. Се надеваме како што рековте ќе биде последен пакет за справување со ковид. Се надевам на следното наше видување ќе зборуваме за следниот пакет кој целосно ќе биде за заздравување на нашата економија затоа што работиме и стопанството ќе има потреба да се поддржи со нови средства. но не со стандардни извори на финансирање, туку за „буст“ во фазата на заздравување. Ова треба да се очекува во 2021 година.


Кои индустрии и кои граѓани ќе бидат поддржани?

Битиќи: Граѓаните кои немаат добиено помош со претходните пакети и оние граѓани кои анализите покажуваат дека се најзагрозени.

Во стопанството секако ќе бидат поддржани најпогодените – ние зборуваме за угостителството, но најпогодени се туризмот и хотелиерството. Некаде приходите на хотелите се паднати за 90 отсто, некои хотели се затворени, а зачувале работни места. Хотелиерството е сектор и кој најбавно ќе се оправува. Го размислуваме и текстилниот сектор кој не беше досега многу погоден, но кој поради затворање на големи фабрики во западните земји можно е сега да трпи. Во моментов разгледуваме повеќе од 50 предлог мерки, а наскоро ќе го објавиме и новиот пакет мерки - пакетот ќе биде инклузивен и нема да исклучува никој.

Инаку мерките генерално се направени за компании кои и покрај помошта не се тие кои ќе ја влечат домашната економија напред. Такви се само 300  до 400 компании за кои овие мерки не ни беа апликативни. Меѓу нив и сите странски. Ваков е ставот и на некои од коморите?

Битиќи: Да, интересно е што имаме секогаш различно гледање. Ние пред неколку дена бевме на тапет на една од коморите од каде тврдеа дека ние локомотивата ја поддржуваме, наспроти еве овој коментар кој тврди дека не се поддржува локомотвата. Ние имаме вбризгано 70 милиони евра за поддршка на инвестиции и сигурно добиле сите овие компании кои вие ги споменувате. Сите ги добија тие пари на крајот на годината. Една таква фабрика од Битола ми соопшти дека со овие пари ќе почне нов циклус инвестиции. Може оваа поддршка не беше дел од пакетите, но е обврска која секако беше поддржана. Затоа имаме раст на јавниот долг – ние успеавме да финансиравме се што беше обврска и исплатено е се 100 отсто.


НЕМА ЗАДОЛЖУВАЊА ВО ПРВИТЕ ТРИ МЕСЕЦИ ГОДИНАВА


Колку ќе чини новиот пакет? Вие веќе рековте дека во буџетот има пари, но секако поради нараснати потреби ќе има ли потреба од дополнителни задолжувања од првично планираните?

Битиќи: За петтиот пакет нема да има потреба од нови задолжувања, затоа што веќе кога се правеше новиот буџет ние предвидевме пари за Ковид и веќе се обезбедени 50 милиони евра. Но имаме и програми кои ги инкорпориравме во Министерства. Затао реков дека ќе има сет на нови мерки и други програми – но нема да има задолжување во првиот квартал за овие потреби. Ние следиме, очекуваме во првиот квартал да почне вакцинацијата и ситуацијата да почне да се смирува. Секако ако продолжи кризата и ако има нов бран ќе размислиме за нови сценарија.


Дали во иднина би станала проблем висината на јавниот долг?

Битиќи: Не затоа што новиот начин на планирање на буџетот со пристапот којшто Министерство за финансии го презема ние за прв пат планираме нешто за пет години. Буџетот ќе го издржи товарот со процентот на јавниот долг кој го имаме. Дури одиме и со проекција за намалување на процентот на долгот од вкупниот БДП.  

Во меѓувреме влезот на странски инвестиции стагнира. Во овој период во соседна Србија има наплив на нови инвеститори и ова не е впечаток туку се огледа и во бројките.

Битиќи: Да, се согласувам, но нашиот пристап е различен. Методолошки различно работиме. Нас ни е важна Европската Унија, важни ни се ЕУ директивите, како се поставуваме наспроти барањата на ЕУ. Сите мерки сакаме да бидат транспарентни и во склоп на ЕУ директивите и законските решенија и како такви не правиме премногу политика кога настапуваме кон странските инвеститори. Таму треба да се бара одговорот. Второ е големината на земјата и секако пристапот кон работната сила. Ние немаме 6 милиони луѓе, толку сме колку што сме, имаме соодветна работна сила која целиме соодветно да биде платена. Понекогаш сметам дека е подобро да имаме инвестиции со висока технологија, со помал број на вработени но со високо платени работни места.


ЦЕЛ НИ СЕ ИНВЕСТИЦИИ СО РАБОТНИ МЕСТА СО ВИСОКА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ


Како планирате сепак во иднина да се позиционираме? А како и кој ја промовира државата во странство во моментов?  Рековте претходно дека процесот ќе го ослободите од политика.

Битиќи: Порано имаше пет министри кои работеа на инвестиции, сега сите договори се во мојот кабинет со целосно преземени обврски од договорите. Конечната дел е да направиме „оне стоп шоп“.

Во моментов со промоција се занимаваат Агенцијата за странски инвестиции и Дирекцијата за ТИРЗ. Овие тела во еден момент ќе се соединат и ќе биде едно од клучните тела за привлекување инвеститори. Кај мене има сектор за инвестиции, но кога ќе се креира новото тело кое, ќе биде или некоја јавна установа или владина институција сите аспекти ќе се вршат оттаму.

Вториот елеменет кој е новина го развива концептот на економска дипломатија со економски аташеа во повеќе земји.


Нас не ни требаат инвестиции, пак ќе повторам, кои ќе вработуваат, а ќе им даваат на вработените минимална плата. Ќе поддржуваме инвестиции за повисоки плати. Во четвртокот имав средба со претставникот на „Гересхајмер“, за жал, заради ковид им се пролонгира почетокот на производството кое требаше да биде пред четрии месеци. Сепак веќе најавија дека на крајот на февруари ќе почнат со производство. Но тие се засноваат на висока технологија. Произведуваат медицински продукти. Го повлекуваат нивното производство во Германија, а ќе произведуваат овде и тоа е добро за нас.


НЕДЕЛА ЌЕ БИДЕ НЕРАБОТЕН ДЕН


И уште едно прашање. Владата во новата програма наведе и неколку пензиски реформи. Вo смисла на рационализација на администрацијата СДСМ веќе предложи задолжително пензионирање на 64 години, измените се во собраниска процедура. Имаше план и за можност за предвремено пензионирање пет години пред исполнување на староста за пензионирање. Дали таа реформа ќе стартува од годинава?

Битиќи: Тоа ќе биде една од реформите, се работи на тоа. Годинава треба да има нов закон за работни односи, за повеќе права и на работниците и на работодавачите, а таму ќе биде регулирано и решението за недела како неработен ден.

До каде е тоа?

Битиќи: Интензивно се комуницира со синдикати, сакаме решение задоволително за сите. Ќе се аплицира ова решение, но ќе има исклучоци особено за одредени права, па ако се работи во недела соодветно ќе бидат компензирани тие вработени и тоа јасно ќе биде пропишано.  

Александра Томиќ

Фото Вангел Тануровски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

БОЖИНОВСКА ГО НАЧЕКАЛА ЕСМ СО МИНУС ОД 80 МИЛИОНИ ЕВРА: Вели дека во МЕПСО бил вработен несоодветен кадар

БОЖИНОВСКА ГО НАЧЕКАЛА ЕСМ СО МИНУС ОД 80 МИЛИОНИ ЕВРА: Вели дека во МЕПСО бил вработен несоодветен кадар

ДЕКАТЛОН ВО ОФАНЗИВА - ИНВЕСТИРА 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Ќе има над 150 продавници до 2027

ДЕКАТЛОН ВО ОФАНЗИВА - ИНВЕСТИРА 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Ќе има над 150 продавници до 2027

Заменик министерот за финансии: Трпиме голем притисок од олигарсите

Заменик министерот за финансии: Трпиме голем притисок од олигарсите

ФОЛКСВАГЕН ВЛЕГУВА ВО ПРЕГОВОРИ СО РАБОТНИЦИТЕ: Доколку не се исполнат овие услови, ќе има штрајк, прв од 2018 година

ФОЛКСВАГЕН ВЛЕГУВА ВО ПРЕГОВОРИ СО РАБОТНИЦИТЕ: Доколку не се исполнат овие услови, ќе има штрајк, прв од 2018 година

(ВИДЕО) Браќата Кимовски, сопственици на „Сетек“: Добивките секогаш ги реинвестираме во бизнисот, продаваме по 30.000 машини за перење годишно

(ВИДЕО) Браќата Кимовски, сопственици на „Сетек“: Добивките секогаш ги реинвестираме во бизнисот, продаваме по 30.000 машини за перење годишно

Наградно прашање: Каде Доне Таневски ќе вложи 6 милиони евра?

Наградно прашање: Каде Доне Таневски ќе вложи 6 милиони евра?

„Костал“ со нова компанија започнува со посебно производство на најсофистицираниот дел за електричните возила на „Фолксваген“

„Костал“ со нова компанија започнува со посебно производство на најсофистицираниот дел за електричните возила на „Фолксваген“

СЕ ВОВЕДУВААТ НОВИ МЕРКИ НА ГРАНИЦИТЕ: Земјите ги заоструваат контролите

СЕ ВОВЕДУВААТ НОВИ МЕРКИ НА ГРАНИЦИТЕ: Земјите ги заоструваат контролите

ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА СРПСКИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ: Пензиите ќе се зголемат за 10.9 отсто

ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА СРПСКИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ: Пензиите ќе се зголемат за 10.9 отсто