Ексклузивно со Боки13: 1ТВ станува прв македонски сервис на CNN, но затоа турските серии ќе ги збришам
Објавено во: Интервјуа 18 Септември, 2018
1ТВ ќе биде првата македонска телевизија која ќе биде и официјален сервис на светскиот CNN, односно македонскиот медиум ќе работи по нивни стандарди, а новинари оттука ќе одат на обука во CNN, вели во ексклузивно интервју за Фактор, сопственикот на телевизијата Бојан Јовановски. Ретко дава интервјуа, а самиот смета дека е влијателен и е визионер. Нема да дозволи на 1ТВ да има турска серија, напротив, како што вели, во етерот ќе конкурираат со квалитет. Со Јовановски разговаравме во телевизијата, во пријатна канцеларија која сам ја уредил, впрочем како и целиот изглед на телевизијата. Негова идеја се и студиото, програмските содржини. Категоричен е дека единствено неговото семејство вложува капитал во медиумот, односно дека компанијата нема скриени сопственици како што се шпекулира. Телевизијата стартуваше со работа во април годинава и евидентен е брзиот продор на медиумскиот пазар. Го прашав прво зошто одлучил да влезе во овој бизнис.
„Ме прашуваат често, но морам прво на почетокот на ова интервју, една мала забелешка. Морам да кажам дека јас не сум дал интервју во Македонија во изминативе седум години, воопшто.
Телевизијата е работа која бара многу голема посветеност, многу идеи поради тоа што, доколку во 21 век не ги следиш трендовите и доколку не диктираш нови трендови, не знаеш да поставиш малку повисоки стандарди од вообичаеното, не си за оваа работа. Благодарение исклучително само на сам себе, можам да кажам дека сум прв во Македонија кој ќе се потруди светски стандарди да имплементира во домашни услови, односно во домашна телевизија, што и веќе се покажува во пракса. Моја животна желба била телевизијата. Јас сум си велел дека еден ден ќе бидам сопственик на телевизија, доволно работев за други сопственици на телевизии. И кога имаш јасна цел, искрена желба, кога ќе го споиш тоа со труд, со работа, искуството ќе ти помогне, секој може да си ја исполни својата желба.
ЛОШИТЕ УРЕДУВАЧКИ ПОЛИТИКИ, ПРИЧИНА ЗА МЕДИУМСКИОТ РАСПАД
Но, претпоставувам свесни за сета база поставена на пазарот со медиуми и како се развиваше во последните години. Како се позиционирате и со каква стартегија влеговте во ова?
„Јас сум свесен за целиот медиумски пазар во Македонија. Каков е и што нуди и што не нудел во изминатиот период. Свесен сум за конкуренцијата, ако можам така да ја наречам, и велам дека ќе се потрудам таа конкуренција да ја натерам малку повеќе да работи поради тоа што сметам дека недоволно продуцираат сопствена програма, недоволно ги третираат нашите телевизиски дејци. Сметам дека во изминатиов период можевме само да гледаме турска серија, па турска серија, па вести, па пак турска серија, па некој лиценциран купен формат од странство и толку. 1ТВ од самиот почеток па до ден денеска е позната по тоа дека продуцира исклучително сопствена програма. Ние сме единствена телевизија во Македонија која има најдолго запалени рефлектори во студиото, поради тоа што ние имаме маратонско отворено студио од 14 часот до 23 часот, секој ден во живо. Имаме шест авторски емисии, имаме програма којашто сите телевизии да ги споите заедно ја немаат особено од аспект на авторските емисии. Имаме стратегија според која треба да се допаднеме и да влеземе во сечиј дом и треба да ги задоволиме вкусовите од 3 до 103 години. Ќе работиме на тоа, треба работа, ништо не е преку ноќ. Ние сега влегуваме во оние посериозни рамки што се однесува до тој телевизиски пазар, медиумско функционирање во однос на сите мерни единици кои ни наложуваат и ни диктираат какви треба да бидеме во однос на програма, како сме во однос на другите телевизии и конкуренцијата. Но не сме ние за џабе број еден, не го носиме за џабе бројот еден и ќе се потрудиме да бидеме и број еден во тој пазар.Го начнавте и вие тоа, се купуваат турски серии, ама најверојатно така се истиснува квалитетот. Во арената се повеќе медиуми, меѓу телевизиите две се подминантни веќе подолго време, а имаат и најголемо учество во вкупните приходи од огласувачите во моментов. Можете ли да конкурирате, колачот не е голем. Како ќе се наметнете?
Тоа е поразително, тоа е катастрофа. Ќе се бориме чесно, ќе се бориме со програма. Нема да користиме скриени намери како што во минатото имавме прилика да видиме откако се затвори најгледаната телевизија по која друга изби прва по гледаност. Ќе се бориме значи со квалитет. Турска серија на мојата телевизија нема да има. На гледачот она што ќе му го сервираш тоа ќе го гледа. Најголемите виновници за овој телевизиски распад, оваа телевизиска катастрофа што се случуваше во минатиот период се лошите уредувачки политики на телевизиите. Тоа е одење на линија на помал отпор. Дај јас да пуштам турска серија, знам дека ќе ме гледаат што има да се трудам да ставам програма, да смислувам сценографија, да најавувам нови сезони кога ми е проверена таа работа. Од некаква бизнис оправданост тоа го разбирам, но.
Конзументите се тие. Тоа се луѓе кои се постари и кои гледаат турски серии.
Да ама не се родени тие со турски серии. Кога ќе им понудиш програма која ќе им го разбуди вкусот е друга приказна. Нормално ние ќе работиме и на вкусот на тие луѓе. Ние земавме формати како што е на пример Драган Вучиќ, што мислам дека, таа публика го следи. Имаме уште еден формат којшто сега не можам да го откријам, а ќе најави една телевизиска и медиумска револуција во Македонија во месец ноември. И мислам дека после тој формат којшто ние ќе го промовираме, а нема да биде турска серија ќе оставиме еден сериозен печат.
Значи, вие имате комплетно различна визија, дали верувате дека може да се смени перцепцијата?
Верувам. Можеби звучи нескромно, но јас сум визионер. Си земам за слобода и за право да кажам вакво нешто за себе. Имам свои визии за кои сметам дека гарантираат успех. Можеби не веднаш, но со истрајна работа за неколку години се ова што досега било тренд, било модерно, било гледано, ќе отиде во една канта за ѓубре каде што му е и местото.
ЌЕ ГЛАСАМ „ЗА“ НА РЕФЕРЕНДУМОТ
Одекна во јавноста веста дека ќе отварате телевизија. Се шпекулира за вистинските сопственици на телевизијата, може ли вие да разјасните чиј капитал стои зад ова?
Еден и единствен и вистински сосптвеник на телевизијата е БМЈ Медиа груп. Сопственик на БМЈ Медиа груп е Бојан Јовановски односно мојот татко. Тоа е семејна компанија. Капиталот на таа компанија се користи овде, односно инвестицијата е од таа компанија. Нема ниту еден скриен сопственик, тоа се шпекулации кои ги отфрлам целосно.
Станавте сопственик на телевизија, брзорастечка медиумска компанија и претпоставувам тоа е еден нов Бојан Јовановски. Неизбежно. Македонија е пред многу предизвици. Следува референдумот, кој е вашиот став во однос на перспективата на земјата.
Што се однесува до референдумот јас сметам дека највисок облик на демократското право е некој да излезе и да си го каже својот став на таков начин. И оние којшто се за Европска Македонија со поддржување на договорот меѓу Македонија и Грција и оние коишто се против, ете им ја приликата тоа да го кажат на референдумот. Што се однесува до мојот личен став, досега не сум го соопштил но и повеќе од јасно е. Само што ќе ме погледнете мене и моите дела, самиот јас ви зборувам за една европска Македонија, за еден голем, широк пристап кон сите народи и народности. Сметам дека светот е една големо село во кое сите ние треба да функционираме. Јас сум против поделби, против дискриминации. Мојот став е дека ќе излезам и ќе гласам ЗА Европска Македонија. Сметам дека ове е чекорот и шансата и дека никој не треба да размислува.
Во медиумската историја на Македонија, се покажа, дека сопствениците на телевизиите беа изложени и доста политички.
Јас не сум како нив. Сите сопственици во земјава не можат да се споредат ниту тие со мене ниту јас со нив. Тие не разбираат што е телевизија, затоа што не доаѓаат од телевизија. Јас да, јас сум телевизиско дете. Сум почнал од МТВ, па во А1 и телевизијата мене ми е љубов, а на нив им е бизнис. Тие не можат да ја разберат телевизијата никогаш толку добро колку што ја разбирам јас. Затоа не можат да произведат програма толку добро колку што може 1ТВ. Јас можам да се пофалам дека сум креативен творец и на Студио1 од самата содржина до визуелниот ефект кој може да го видите на малите екрани.
Притисоците не ме плашат воопшто.
БИЗНИСОТ ЌЕ СЕ ШИРИ
Само што почнавте, но приказната расте. Планирате ли да се ширите, можеби аквизиции, друг тип медиуми, он лајн.
Нашиот он лајн портал 1тв.мк функционира добро. Нашата платформа што се однесува до лајф телевизија на интернет функционира добро. Што се однесува до активностите на БМЈ Медиа Груп, да, ние имаме повеќе активности. Ќе се шириме во тој дел. Ќе имаме и платформа која е поврзана со мода. Ќе профункционира со некакви модни конференции во Скопје, поврзани со светски модни брендови, италијански француски. Што се однесува до ширењето на телевизискиот бизнис боже здравје, времето ќе покаже дали сме подготвени за такво нешто или не. Сега за сега ни е најважно и мој личен и стратешки план на компанијата е да се фокусираме на стабилизирање на темелите на оваа телевизија.Во менаџментот практично се вие сам, сам одлучувате?
Јас сум, но имам цел менаџмент кој работи. Директори кои се задолжени секој за својот сектор.
Телевизијата која ја основавте уште на стартот собра добра новинарска екипа, моментно и дополнително се збогати со новинари кои се едни од најпознатите во земјава...
Па јас мислам дека нема друга телевизија со толку добра екипа...
Оценувате дека нивната тежина ќе значи многу за вашиот медиум?
Таа тежина креира јавно мислење. 1ТВ, односно ние нема да се боиме никогаш политички. Нема да припаднеме ниту на едните ниту на другите. Ние ќе останеме националана комерцијална телевизија којашто ќе се бори со квалитет, објективност, неселктивност. Пред се, брзина, точност на информација. Ќе не красат сите овие работи. Сите овие работи креираат јавно мислење. За да го формираме тоа јавно мислење како треба, да биде објективно, прифатливо и базирано врз начелата на таа транспарентност, врз начелата на објективност, мора да има такви имиња. Било кој којшто сака сериозно да се занимава со медиумски бизнис, мора да има соодвтени партнери, а тие партнери се овие новинарски имиња кои ги зборуваме сега.
Самите кажавте кога ја најавуватве новата програмска шема, практично дека CNN на некаков начин го селиме во Македонија. Кои новитети се воведени?
Екслузивно во вашето интервју ќе кажам дека 1ТВ ќе биде прва македонска телевизија која ќе биде и официјален сервис на светскиот CNN. Тоа значи дека ние ќе работиме по нивни стандарди, наши новинари ќе одат на обука во CNN, ќе имаме ментори од кај нив и најавуваме програма која ќе биде жива, брза, различна. Скоро за секој гледач, за секој телевизиски конзумент прифатлива и резултатите сами ќе си дојдат.
Отвореното студио е долгочасовно во кое имаме содржини од информативна редакција, вести, политички дебати, политички интервјуа, но имаме и забавни интервјуа, имаме забавен формат којшто е Ексклузив, имаме кулинарско шоу. Буквално општ, информативен и забавен формат во текот на целиот ден.
СВЕСЕН СУМ ЗА МОЈАТА МОЌ
Практично и да нема човек кој не ве познава. Вие негувате и еден посебен лајфстајл. Постојано сте активни на мрежите. На што се темели тоа, сакате да ве има во јавноста?
Не. Јас не сум се појавил дури и на сопствената телевизија. Не сум дал ниту едно интервју. На социјалните медиуми имам некои луѓе кои ме следат и ги почитувам. Свесен сум за својата тежина, за своето влијание, но не го користам толку колку што можам. Што не значи дека во даден момент кога ќе биде од потреба на овој медиум нема да го искористам своето име и презиме.
Од аспект на стилот, тој ве одвојува. Што правите во слободно време
Немам слободно време. Јас сум на работа од сабајле до вечер. Јас го раководам и Меѓународниот сојуз Скопје, Асоцијација за заштита на цивилно општество и социјално загрозени категории на граѓани. Успешно го раководам, како претседател на истиот. Ја раководам и оваа телевизија, БМЈ компанија. И да сакам да имам слободно време, немам. Моето слободно време го трошам дома и сам, поради тоа што ми проаѓаат многу луѓе во текот на денот и некако сум најсреќен кога ќе можам сам со себе да разговарам, а често ми се случува тоа. И најдобрите договори ги правам тогаш. Чудак во секоја смисла.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.