25 Ноември, 2024
0.0550

Божидар Јанковски, Динерс клуб Македонија

Ексклузивно со Божидар Бобо Јанковски: Никогаш не пропуштам шанси под изговорот „сега не е време“

Објавено во: Економија 02 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Сега е пандемија, помина тешка година, специфична по многу работи, кризна. Но, кризното време е време на предизивици. Најголемиот досега го имаше и Божидар Јанковски, првиот човек на Динерс Клуб Македонија. Самиот лично стана сопственик на компанијата, со што стана и еден од ретките сопственици на франшизата на Динерс Kлуб кои се физички лица. Вели дека не ја пропуштил шансата, затоа што тоа не би било во негов стил, верувал и верува дека ќе успее. Вели дека му e исклучителна чест, а и долгогодишна мечта. Тој во компанијата во Македонија ги поставуваше темелите. Затоа, и нема кој не го познава Бобо „Дајнерс“. На позицијата директор е 20 години, а Динерс Клуб картичката е првата кредитна картичка која стана достапна за македонските граѓани. Во ексклузивното интервју со Јанковски зборувам и за кризата во Македонија – ефектот на пандемијата врз реалниот и финансискиот сектор. Вели дека државата мора да покаже грижа и да помогне на сериозно оштетените области, и колку што е тоа можно, да се излезе од оваа криза без фатални последици.

Јанковски зад нас е исклучително тешка година, во која поради пандемијата на Ковид 19  се влоши и економската ситуација. Токму во една комплексна и тешка економска година, вие станавте сопственик на Динерс Клуб Интернационал Македонија. Како практично излезе оваа операција и зошто се одлучивте на ова?

Јанковски: Како последица на корона кризата многу компании и корпорации направија преструктуирања и промени во своето деловно работење, со цел да одговорат на предизвикот на одржливост во услови на глобална криза која практично навлезе во сите животни и бизнис сегменти. Лично сметам дека и Ерсте Кард Клуб од Хрватска токму од истите причини се одлучи на ваков чекор. Едноставно решија да направат промени во политиката на работењето согласно кои Динерс Клуб Македонија, но и неколку други делови од мрежата на Ерсте ги понудија како можни аквизиции. Со оглед на фактот дека јас долги години успешно ја водам компанијата во Македонија, ми беше понудена опцијата за купување на целосниот удел. Да бидам искрен, иако oд секогаш сум мечтаел за ова не мислев дека може да се случи, особено не во едни вакви услови во кои практично дојде и понудата за аквизиција. Но, како што тоа обично бива, нештата се случуваат тогаш кога најмалку ги очекувате. Оваа понуда дојде во една навистина тешка година и за живеење и за работа, но токму во тоа и беше мојот личен предизвик да одговорам позитивно, секако свесен за огромниот деловен предизвик со кој ќе се соочиме. Но, јас по природа сум човек кој не се плаши од предизвици, напротив, предизвиците ми даваат „ветер во грб“. Едноставно, не сакам да пропуштам шанси, само со едно оправдување дека „сега не е вистинското време“ затоа што никогаш не може да бидете сигурни дека следната година ќе биде подобра. Кога дојде понудата, која патем беше дадена и кон други потенцијални купувачи, немав дилеми дали да го преземам Динерс Клуб Македонија. Знаев дека тоа е вистинската опција за мене и за тимот со кој работам, но и за компанијата и членството. Ние луѓето во Динерс Клуб Македонија ја знаеме компанијата, нашите членови и нивните потреби, што би се рекло „во малиот прст“. Живееме со Динерс секојдневно многу години наназад, имајќи јасна визија за тоа како и каде треба да се развива компанијата за да го понуди најдоброто на своето членство. Сега веќе ја имаме таа можност, визијата да ја претвориме во реалност.

Тоа што вие како физичко лице станавте сопственик на компанијата која продолжува да работи под франшизата на Diners Club International Ltd велите, е вистинска реткост и укажува на исклучителна доверба на брендот и компанијата кон вас. На што се должи ова?

Јанковски: Пред сé, дозволете да кажам дека досега ова е моето најголемо признание на деловен план, потврда за тоа дека јас и мојот тим две децении, сме ја воделе компанијата согласно највисоките светски стандарди кои Динерс Клуб како американска франшиза ги побарува. Дека сме биле посветени на брендот и сме верувале во неговата вредност. Како што споменав, имаше и други заинтересирани купувачи. Доколку Динерс Клуб Македонија беше аквизиран од некој друг, веројатно за мене ќе беше полесниот пат, тука мислам најмногу на финансискиот аспект за затворање на аквизицијата.  Но, од друга страна ова беше шанса да ја крунисам мојата дваесетгодишна кариера во Динерс Клуб и да се вбројам во листата на ретките приватни сопственици на франшизата. Од околу 190 франшизи во светот, на прсти се бројат приватни сопственици на Динерс Клуб франшиза – најголемиот дел се банки и веќе етаблирани светски финансиски институции. Ваква соработка е вистинска реткост и признание за компанијата која со години бележи одлични резултати и раст. Имено, Динерс Клуб Македонија веќе беше избрана за најдобра мала франшиза во ЕМЕА регионот кон кој припаѓаат земји на кои треба да се гледа како на сериозна конкуренција. Но, токму во едно такво конкурентно друштво, титулата ја понесе нашата компанија. Сето тоа е резултат на многу вложен труд сите овие години, мој личен и на мојот тим.

Што за вас лично значи оваа аквизиција и каков квалитет од друга страна тоа ќе и донесе на компанијата?

Јанковски: Изборот сум го направил затоа што верувам во Динерс Клуб Македонија и неговата вредност, но и во енергијата и ентузијазмот на тимот со кој можеме да направиме уште повеќе.  Сметам дека нема успех без инволвираност и личен влог на секој еден член од тимот, нема неважни улоги, а јас сум исклучително горд на мојот тим. Ние заедно стигнавме до овој успех. И од сега натаму, сами одлучуваме за нашата иднина и иднината на компанијата. Сега практично се отвораат можности за забрзан развој на Динерс Клуб во нашата земја.  Пред сè ширење на продажната мрежа, унапредување на корисничката грижа, нови и иновативни производи и услуги, уште повеќе брзина, уште поголема флексибилност и низа други привилегии за нашите членови. Се разбирa дека во деловната политика и натаму ќе ги исполнуваме високите стандарди на DC International и сите услови од франшизниот договор, што значи дека на макро ниво нема да има многу промени, но ќе имаме простор за повеќе креативност, побрзи одлуки и максимално прилагодување кон пазарот. Ќе внесеме во Динерс локални, македонски карактеристики кои ќе одговорат на потребите на нашите членови.

Вие сте долгогодишен директор на Динерс во земјава, во неа впрочем ги поставувавте темелите овде. Кои се сега од овој аспект вашите очекувања за компанијата, со каква стратегија влегувате од сопственичка позиција?

Јанковски: Динерс Клуб Македонија е основан во 1996 година, а јас станав управител на компанијата три години подоцна, односно кон крајот на 1999 година. Динерс Клуб е првата кредитна картичка која е достапна за корисниците во нашата земја. За две децении колку што сум јас на позицијата директор, навистина постигнавме многу. Денес Динерс Клуб Македонија е силно етаблиран, препознатлив и одлично позициониран бренд во нашата земја. Динерс Клуб Македонија учествува со 11 проценти во вкупниот промет со кредитни картички, што покажува дека луѓето кои ја имаат нашата картичка, навистина ја користат. Нашата корисничка база брои над 15.000 активни корисници, компанијата нуди богато портфолио на производи и ко-брендирани картички, 24 часовна корисничка поддршка и повеќе од 3600 продажни места и 7.540 ПОС терминали во земјата каде може да се пазарува на рати, но и можност за подигнување на готовина и враќање на долгот на рати. Нашиот највисок приоритет е задоволството на корисниците. Токму за ова, минатата 2020 година пристигна престижното признание од Global Banking & Finance Awards во категоријата „Најдобра кредитна картичка посветена на грижата за корисници и нивно задоволство“.  Во контекст на вашето прашање, да улогата се промени, но плановите остануваат исти - да имаме производ кој ќе им биде потребен на нашите членови и тие да се задоволни и среќни со користењето на картичката. Тој производ секојдневно се обидуваме да го прилагодиме на нивните барања и потреби. Очекувам успешна година, иако сме во сериозна криза во секој дел од општеството поради корона-вирусот. Стратегијата ќе мора да ја прилагодуваме поради пандемијата, но состојбата е таква каква што е, а ние мора да се адаптираме и да одиме напред!


Како кризната 2020 година се рефлектираше врз резултатите во работењето на компанијата. Имаше многу предизвици на кои мораше да се одговара брзо. Како одработевте вие?

Јанковски: Би рекол дека успешно ја завршивме првата ковид година - со добивка, но сепак без посакуваниот раст што може да се каже и дека беше очекувано поради сите комплексни ситуации. Но, ова е нова година, а ние веќе имаме некое искуство во справувањето со проблемите од минатата и тоа не прави посилни и повитални. На некој начин, кризата брутално ни ги покажа слабостите кои биле покриени од одличните резултати во добрите години. Ни отвори нови перспективи и можности и нови начини на работење. Јас секогаш се обидувам да најдам нешто позитивно дури и во најнегативните ситуации, велејќи си себе си „којзнае зошто е ова добро, ќе видиме“. Минатата година, колку и да беше тешка и полна со предизвици, нé натера да размислуваме за нови решенија. А тоа на некој начин е здраво за економијата, па и за системот.

Колкав според вас е импактот на кризата врз домашната економија и каков мислите дека ќе биде економскиот перформанс на компаниите годинава? Очекувате ли извесно прелевање на кризата од реалниот сектор кон финансиските институции?

Јанковски: На глобално ниво, ковид навлезе толку длабоко во секоја област, што практично е невозможно да се излезе без последици. Гледано од економски аспект, убеден сум дека последиците од ковид ќе се чувствуваат уште неколку години по завршување на здравствената криза. Иако влијанието на кризата е различно во различни области, оргомната поврзаност и меѓусебна зависност на националните економии, но и поврзаноста на различните економски области ја прави ранлива целата светска економија. Додека некои области можеа брзо да се прилагодат на новонастанатата ситуација, па дури и да направат огромен раст, други се лишени од било каква шанса, колку и да сакаат да ја направат таа адаптација. Земете на пример сé што е поврзано со здравство или висока технологија и споредете го со производните процеси кои бараат непосредно учество на многу луѓе. Или туризам, каде понудата е ограничена, a побарувачката е блиску до нула. Разликите се огромни и затоа економските мерки кои се преземаат мора да се темелат на анализи и да се добро испланирани за да одговорат на потребите на оние на кои навистина им се потребни. Имаме примери на компании кои работат одлично, можеби и попрофитабилно од пред кризата, а станале корисници на помош. А има компании на кои помошта реално им е потребна, но не успеале да ја добијат од бирократски причини. Државата мора да покаже грижа и да помогне на сериозно оштетените области, и колку што е тоа можно, да се излезе од ова без фатални последици. Од друга страна, разбирам, и за државата ова е нова состојба, криза за која ниту еден систем, ниту една држава не покажа подготвеност. Државите во главно реагираа реактивно, состојбите се менуваат од ден во ден, па сосема е разбирливо да има грешки и несовршености. Се надевам дека оваа година тоа во голема мера ќе се надмине. Што се однесува до ефектите врз финансискиот сектор, прелевањето кон финансиските институции до одредена мерка е неминовно, но тоа ќе дојде како следен бран. Во првиот момент ќе се генерираат поголеми профити поради поголемите потреби на реалниот сектор, а потоа ќе се генерираат поголеми лоши пласмани.

Иако финансискиот сектор стабилно ја поминува ковид кризата, сепак таа го промени потребите и навиките на граѓаните во однос на многу нешта, како начинот на купување, социјализација и сл. Како би рекле дека тоа се одрази на навиките и потребите на граѓаните во однос на кредитните картички, кредитите и генерално услугите кои ги нудите вие?

Јанковски: Ќе има финансиски институции кои со оваа криза ќе се соочат со проблеми, некои помали, некои поголеми, некои можеби и со прашањето на ликвидност и опстанок. Но ќе има и такви кои ќе ја пребродат. Според мене, стабилноста на компаниите, било да е тоа банка, финансиска институција или нешто друго зависи најнапред од раководството, нивната визија и знаење и подготвеноста на промени, па дури потоа од надворешните фактори. Што се однесува до навиките на луѓето, факт е дека тие се многу променети, буквално во секој поглед. Се затвораме во мали кругови, ја немаме комуникацијата од порано, практично имаме промена на најголем дел од нашите животни, работни и потрошувачки навики. Исто така и однесувањето кон потребите, начинот на купување и одбирање на производи е многу променет. Сé помалку имате одлучувачки човечки фактор, сé повеќе машините т.е софтверите одлучуваат за нас – сакале тоа да го признаеме или не. Купуваме различни произоди, на различни платформи, по различни критериуми. Но, сметам дека голем дел од ова не почна со короната, таа само ги забрза овие процеси. Човештвото и немаше друга патека, ние сите бевме натаму тргнати, но мислевме дека таа трансформација ќе се случи за неколку  години. Но, се случи за една година. Многу луѓе, многу компании нема да се снајдат со овие промени, за жал. Но, животот често знае да биде немилосрден. Сепак, иако многу навики ни се променија, едно нешто останува исто - човекот и неговата потреба за подобро и повеќе. Тоа ја движи економијата и светот. Затоа, и во оваа ситуација огромен дел од луѓето не престанаа да земаат кредити, едноставно да трошат. Да, се променија приоритетите, нема да одиме на одмор на море, но ќе одиме на нашите езера и планини.  Ете шанса за нашиот туризам. Кога ќе помине сево ова, ќе бидат подобри и за странските туристи. Или пак, седите повеќе дома па одеднаш ви пречи што не е бојадисано, што тепихот, паркетот или телевизорот се стари, и одлучувате да ги замените. Тоа е човечката природа. Променетите навики на луѓето ќе останат и по кризата, некои веројатно и засекогаш. Но, сметам дека во човековата природа е да ги надминува, надживува проблемите со кои бил соочен, едноставно кажано да ги заборава. Или што би рекол големиот Балашевиќ „људи кратко памте, команданте“. И добро е да биде така, особено после ова што ни се случи со пандемијата.


Кога зборуваме за кредитни картички има повеќе достапни на пазарот, но што ве разликува вас од останатите кредитни картички на пазарот? Какви услуги или понуди имате по кои сте препознатливи или уникатни?

Јанковски: Би сакал да споменам еден куриозитет, факт што малкумина го знаат, а тоа е дека Динерс Клуб картичката е прва картичка, прва „пластика“ која се појавила и користела во Македонија, и тоа уште во седумдесетите години од минатиот век. Во тоа време немало ниту една друга картичка, а таа се појавува во неколку филмови, па дури и во песната „Златни папагај“ на „Електрични оргазам“ од 1981 година. Тоа зборува за уникатноста на брендот, кој во светски рамки постои веќе 70 години. Кога јас дојдов како директор во Динерс Клуб Македонија, на пазарот веќе беа присутни неколку банки кои издаваа платежни, но не и кредитни картички и со самото тоа нашиот продукт беше многу различен. Денес на пазарот има огромен број на платежни картички, но сé уште не така голем број на кредитни картички. Платежните картички се всушност вашите пари, оние кои веќе ги имате, додека кредитните картички се парите кои ги немате, а сепак ви се потребни. Најчесто, за да добиете кредитна картичка од некоја банка треба да сте нејзин клиент, па кредитот е директно поврзан со вашата сметка и финансиска состојба.  Во нашиот случај, ние ве кредитираме затоа што ви веруваме. Односот со нашите членови е заснован на доверба и тоа е основната карактеристика што нé издвојува од другите. Ние навистина имаме сосема поразличен однос кон нашите членови. Самото тоа што велам членови, а не клиенти, не е само симболично, тоа е дел од нашето корпоративно управување и однесување, нашиот кодекс за начинот како гледаме на оние кои поседуваат Динерс Клуб картичка. Вие сте член на клубот и ги имате сите привилегии кои нема да ги добиете на друго место. Со нас ќе завршите сé што сте наумиле и посакале веднаш и во три часот по полноќ и на празнична вечер или во некоја, за вас, кризна ситуација. И што е најважно, на која и да сте точка од земјината топка. Бидете сигурни дека Динерс Клуб Македонија ќе бара причина да ви даде кредит и да ви излезе во пресрет, нема да бара причина да ве одбие. Верувам дека многу од читателите кои се веќе наши членови знаат точно за што зборувам. А оние кои ќе дојдат во иднина, ќе се уверат во истото.

Кога ја купивте компанијата наведовте дека ќе воведете новини во работењето. На што конкретно работите? Какви промени можат да очекуваат вашите членови и какви се вашите планови за развој?

Јанковски: По аквизицијата цврсто бевме решени веднаш да почнеме да воведуваме новини кои ќе бидат во корист на нашите членови. Првото нешто што го направивме, уште на 1 јануари годинава е членовите на Динерс Клуб Македонија да добиваат фактура еднаш месечно, а не како претходно, два пати месечно. По 25 години на македонскиот пазар и начинот на фактурирање наследен како принцип на работа од претходните сопственици, веднаш по промената на сопствеништвото излеговме во пресрет на нашите членови. Тоа беше нивно барање веќе подолго време, а сега се отвори можност тоа и да го реализираме. Веќе е пуштена во употреба новата апликација за нови членови. Ја добивате вашата Динерс Клуб картичка, нова или обновена, без притоа да има потреба да дојдете физички во просториите на Динерс - лесно, брзо и едноставно. Со каматните стапки се изедначивме со банките, а доколку ја платите сметката на време воопшто не плаќате никаква камата, што може да изнесува цели 30 дена. Значи, еден месец ве чекаме да платите без камата, ако сте редовен во плаќањата. Вашиот кредитен лимит зависи од вас и од вашите примања. Проактивни сме за кредитните лимити за да можат нашите членови да ги исполнат своите желби - сакаме да имаме среќно и задоволно членство. Начинот на комуникација со членовите ни е комплетно дигитализиран, 90 проценти од сметките членовите ги добиваат на е-меил. Речиси 95 отсто од комуникацијата ни се одвива по електронски пат. Оваа година ќе се посветиме на целосно дигитализирање на комплетното работење на Динерс Клуб Македонија, сакаме да им понудиме на нашите членови максимална брзина и ефикасност. На секое прашање од нашите членови, имаме политика на одговарање во рок од 24 часа. Сега тоа време значително ќе го скратиме и ќе обезбедиме најбрз можен одговор. Јас и мојот тим во изминатите години успеавме во тоа Динерс Клуб Македонија да биде секогаш меѓу првите во воведувањето нови услуги и технологии, така ќе биде и во иднина. 

Александра Томиќ

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ЈСП распиша тендер за набавка на гориво

ЈСП распиша тендер за набавка на гориво

ВОЗАЧИ, ЕВЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ КОГА УТРЕ ЌЕ ОДИТЕ НА БЕНЗИНСКА - Регулаторна со нови цени на горивата

ВОЗАЧИ, ЕВЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ КОГА УТРЕ ЌЕ ОДИТЕ НА БЕНЗИНСКА - Регулаторна со нови цени на горивата

Еве ги најголемите економски патриоти! Кои се најголемите македонски извозници меѓу котираните компании?

Еве ги најголемите економски патриоти! Кои се најголемите македонски извозници меѓу котираните компании?

МИЦКОСКИ КАЖА КОГА КОНЕЧНО ЌЕ СЕ ДЕФИНИРААТ УСЛОВИТЕ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ: Еве што најави

МИЦКОСКИ КАЖА КОГА КОНЕЧНО ЌЕ СЕ ДЕФИНИРААТ УСЛОВИТЕ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ: Еве што најави

ВО СРЕДА ЌЕ ИМА ЈАВНА БЕРЗАНСКА АУКЦИЈА ЗА 9,83 ОТСТО - кој ќе искешира 7,34 милиони евра за акции на „Македонијатурист“

ВО СРЕДА ЌЕ ИМА ЈАВНА БЕРЗАНСКА АУКЦИЈА ЗА 9,83 ОТСТО - кој ќе искешира 7,34 милиони евра за акции на „Македонијатурист“

ШТО Е ТОА ШТО ГИ РАЗЛИКУВА „ТЕМУ“, „АЛИЕКСПРЕС“ И „ШЕЈН“: Голема трка за новиот кинески император

ШТО Е ТОА ШТО ГИ РАЗЛИКУВА „ТЕМУ“, „АЛИЕКСПРЕС“ И „ШЕЈН“: Голема трка за новиот кинески император

БАНКРОТ НА ЕВРОПСКИОТ ГИГАНТ ЗА БАТЕРТИИ: Директорот поднесе оставка откако се тргна надолу

БАНКРОТ НА ЕВРОПСКИОТ ГИГАНТ ЗА БАТЕРТИИ: Директорот поднесе оставка откако се тргна надолу

Должник на МЕПСО од Косово пред суспензија од пазарот за електрична енергија

Должник на МЕПСО од Косово пред суспензија од пазарот за електрична енергија

ОВА Е НАЈОМРАЗЕНИОТ ЧОВЕК НА ВОЛСТРИТ: Трамп го номинираше за министер за трговија

ОВА Е НАЈОМРАЗЕНИОТ ЧОВЕК НА ВОЛСТРИТ: Трамп го номинираше за министер за трговија