ЕКСКЛУЗИВНО ЗА ИСТ ГЕЈТ МОЛ: Кои модни брендови и познати ресторани ќе бидат лоцирани во најголемиот шопинг центар во регионот
Објавено во: Економија 05 Февруари, 2021 07:46
Есенва скопјани, но и граѓаните од цела држава и пошироко, ќе имаат прилика да го посетат најголемиот и убедливо најрепрезентативниот шопинг центар во регионот, Ист Гејт Мол. Објектот интензивно се гради, а од компанијата велат дека активностите, и покрај проблемите и забавувањата кои ги наметна пандемијата, течат според планот, па инвестицијата ќе биде завршена во предвидениот рок.
Фактор разговараше со менаџментот на Скопје Ист Гејт за нивните планови, очекувања, финансиски анализи, но и за новите брендови, од кои многу ќе бидат сосема нови на македонскиот пазар. Тие за нашата редакција откриваат ексклузивни детали за новата инвестиција и за тоа како ќе изгледа новиот шопинг мол, со какви содржини ќе располага, но и за тоа дали ова мега вложување ќе биде исплатливо и дали ќе ги даде очекуваните резултати.
Објавуваме и фотографии со симулации за тоа како ќе изгледа шопинг центарот кога ќе биде целосно финализиран и подготвен да ги отвори своите врати за потрошувачите.

„,Активностите на терен се во полн ек, со видлив прогрес секој месец. До јануари 2021 година имаме готова карабина, со инсталирани системи според проектот за машинство и електрика, а ентериерните работи течат според планот. Пандемијата која го зафати целиот свет на почетокот на минатата година, не не поштеди ниту нас. Најголемите предизвици се случуваа во полето на промената на методологијата на градење според мерките за заштита, работа со намален градежен кадар и денови на карантин, во поле на забавен увоз на градежни материјали, кои ја забавија динамиката на работа, но не ја стопираа. Успеваме да го развиваме објектот според планираното и го користиме секој момент на погодните временски прилики за градба. Ист Гејт Мол се отвора наесен оваа година“, вели за Фактор Игор Давков, извршен директор на Скопје Ист Гејт.

Оваа инвестиција, како што потврдува Давков, изнесува 103 милиони евра, од кои 41 милион евра се капитал на сопствениците, додека 72 милиони евра се обезбедени од синдициран банкарски кредит преку етаблирани домашни и меѓународни банки.

„Проектираниот рок на поврат на инвестицијата е во рамките на просечниот временски распон за поврат на инвестиција во ваков тип на комерцијални недвижнини во регионот. Стапката на поврат на инвестицијата зависи од повеќе фактори, а пред се дефинираната стратегија за периодот на задржување на инвестицијата (investment holding period), како и на движењето на приносот на инвестиции во недвижности на пазарот, кој е перцепција за ризикот од вакви вложувања на пазарот“, дополнува Давков.
Во услови кога во земјава веќе сосема успешно работат неколку репрезентативни и големи шопинг центри, го прашавме менаџментот што говорат анализиоте, во смисла дали новиот мол ќе има доволно купувачи за тој да биде исплатлив, бидекјќи Македонија е, сепак, мал пазар.

„Ги реализиравме сите потребни анализи на пазарот уште пред скицирањето на Ист Гејт Мол, и тоа за потребите на потрошувачите, куповната моќ, трговските капацитети во земјава, како и аспирациите на странските трговски куќи. Според тековните податоци, околу 300 интернационални бренда чекаат за влез во Северна Македонија преку современ и реномиран трговски центар. Ист Гејт Мол има територијален опсег од популација од 1,2 милиони потрошувачи кои живеат во близина на три часа возење, и според тоа, анализите покажаа дека 12 милиони домашни и странски посетители ќе го посетат центарот само во првата година и дека барем 1/3 од 6,9 милиони транзитни патници од автопатот М4, ќе застанат на попатна пауза трошејќи минимум 15 евра“, објаснува Игор Давков.
Не е тајна дека новиот мол ќе го заземе лидерското место во регионот во поглед на големината.

Со бруто изградена површина од 160.000m2, 57.000м2 бруто површина за изнајмување и 250 продажни единици, Ист Гејт Мол се рангира како најголем трговски центар не само во нашата држава, туку и во регионот. Давков нагласува дека со својата големина, архитектура, ентериер, содржини и разновидна понуда Ист Гејт Мол е на ниво на западноевропските модерни трговски центри.

„Просторот во Ист Гејт Мол е речиси целосно закупен. Имено, денес 95 отсто од локациите во трговскиот центар веќе се закупени или се резервирани со веќе утврдени комерцијални услови за закуп. Меѓу нив има сосема нови бренд имиња на модната сцена во земјата, кои се простираат на повеќе од 40 отсто од вкупната површина за изнајмување. Заедно со веќе расположивата понуда на пазарот се очекува тие да креираат атрактивна понуда за потрошувачите во Скопје и пошироко, што ќе го направи Ист Гејт Мол локално и регионално една од најатрактивните шопинг дестинации“, вели Наташа Апостолов, Лизинг Менаџер во Ист Гејт Мол.
Се интересиравме и колку ќе чини закупот на еден вака атрактивен простор. Давков објаснува дека износот на закупот зависи од големината и местоположбата на комерцијалниот простор, како и од секцијата во која припаѓа.
„Оттука, не може да се генерализира со просечна цена за еден метар квадратен. Дополнителни фактори кои влијаат на висината на рентата се и очекуваните промети на трговците во единиците во трговскиот центар, кои исто така се фактурираат во закупнината. Како и да е, ако се мери регионално може да се каже дека висината на рентата е во линија со просекот гледано регионално со трговските центри во Србија и Бугарија“, објаснува извршниот директор на Скопје Ист Гејт, Давков.

Граѓаните се интересираат кои модни брендови ќе бидат застапени во новиот шопинг центар. Лизинг менаџерот Наташа Апостолов вели дека најавите за новите модни имиња се доверливи и ќе почнат да се објавуваат откако компнијата ќе ги заврши сите административни процедури поврзани со потпишувањето на договорите за закуп.

„Се работи за атрактивни брендови кои се карактеристични закупци во европските трговски центри. Дел од нив се происутни и денес во Скопје во помал формат, но значаен дел од закупците за прв пат ќе влезат на пазарот во Скопје. Како што кажав и погоре, повеќе од 40 отсто од понудата во трговскиот центар ќе биде со брендови кои за прв пат влегуваат на пазарот. Дистрибуцијата на овие брендови се протега од брендови во брзата мода (fast fashion) до брендови кои продаваат висока мода, нормално сето тоа прилагодено на потрошувачката моќ на овој регионален пазар“, вели Наташа Апостолов.

Најавено е дека во новиот мол ќе ја има најголемата Зара на Балканот. Таа информација ја потврдуваат и од Скопје Ист Гејт.
„Да, можам да потврдам дека се работи за новиот формат кој е повеќе од двојно поголем од форматот со кој овој моден бренд е присутен на пазарот во Скопје. Овој формат секако ќе влијае и на понудата на добра кои ќе може потрошувачите да ги купат кај овој интернационален моден бренд. Истото важи и за сите останати брендови од групацијата на Индитекс, односно сите влегуваат со нови формати на продавници кои се приближно двојно поголеми од оние со кои се присутни денес во Скопје. Дополнително Индитекс отвора и два нови бренда со кој денес не е присутен во Скопје, нивниот моден бренд за долна облека (OYSHO) и нивниот бренд за покуќнина (ZARA HOME)“, открива Наташа Апостолов.

Преку 40 нови брендови, пак, за прв пат ќе се појават на македонскиот пазар преку своја локација Ист Гејт Мол.
„Заради доверливоста на преговорите, како и фактот дека се работи за интернационални брендови кои имаат своја изградена ПР стратегија, сеуште не можеме да откриеме за кои брендови станува збор. Како и да е, како што ќе се создаваат услови за нивно објавување, нашиот ПР тим ќе пласира соодветни објави во јавноста. Во оваа прилика би ги повикал сите заинтересирани идни посетители на трговскиот центар да почнат да не следат на социјалните мрежи каде што редовно се објавуваат информации за тоа што се случува, како со изградбата на трговскиот центар, така и со миксот на закупци“, вели Игор Давков.
А новиот мол ќе има и богата гастрономска понуда.

„Гастрономскиот избор во центрите игра се поважна улога во миксот на закупци. Трендот на користење на трговските центри, како место за излегување и социјализација, станува се поважен фактор за привлекување на посетители. Уживањето во ултра модерни ресторани, со уникатно мени и потпис на врвни кулинарски шефови беше во фокус на Ист Гејт Мол, и го користевме како еден од критериумите за селекција на ресторани и синџири за прехрана. Ист Гејт Мол ќе има одлична гастро понуда и во делот на фини ресторани и во делот на брза храна од различни светски кујни“, открива Натша Апостолов.
И секако, за новиот мол се предвидени и многу други содржини. Зеленило и паркови од 12.000 м2 зелена површина ќе има околу трговскиот центар.

„Знаеме колку зеленилото е важно за пријатна атмосфера и безбедност за посетителите. Паркингот за возила е единствено можен само на паркинзите на две нивоа под приземјето“, потенцира лизинг менаџерката.
И конечно, од компанијата откриваат и дека Ист Гејт Мол ќе понуди различно искуство и забава со најголемата игротека за деца во Скопје, на приближно 2.000 м2, како и кино со 8 кино сали.
Нина Нинеска-ФиданоскаМожеби ќе ве интересира
Мицкоски: Мерките на Владата даваат резултати, зголемени бројки на туристи и ноќевања во првите 10 месеци
Меѓународниот аеродром Скопје станува апослутен лидер во регионот по раст и по број на нови понудени места
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година




