26 Ноември, 2024
0.0297

ЕКСПЛАНТАЦИЈАТА НА КОСКЕНО ТКИВО ОД ПОЧИНАТ ДОНОР Е РЕВОЛУЦИОНЕРЕН ЧЕКОР: Интервју со д-р Виктор Камнар

Објавено во: Интервјуа 23 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Во текот на викендот, за прв пат на Клиниката за ортопедски болести е направена експлантација на коскено ткиво од починат дарител. Придобивките од коскените трансплантанти се огромни, вели во денешното интервју за Фактор, доц. д-р Виктор Камнар, специјалист по ортопедски болести. Нашиот соговорник истовремено потенцира дека и покрај загубата на човечки живот која е ненадоместива во секој поглед, станува збор за револуционерен чекор во македонското здравство, бидејќи коскените ткива од еден донор, покрај анатомска (морфолошка), овозможуваат и механичка и функционална поддршка на дефекти, болести и оштетувања на скелетот кај пациенти со бенигни и малигни тумори, состојби после трауми, последици од акутни и пропаднати ендопротези, како и други заболувања кои го оштетуваат скелетот.

Што е тренд во трансплатацијата на коскено ткиво поврзано со настанот од пред неколку дена кога се изврши пресадување на неколку органи од починат дарител?

Д-р Камнар: Процесот на коскена трансплантација кај нас е започнат пред четири децении, конкретно во 1984 година кога благодарение на ентузијазмот на Клиниката за ортопедски болести е започнат проект за формирање на коскено-ткивна банка, односно термин што се дефинира како место во кое што се преземаат активности на процесирање, презервација, зачувување и/или дистрибуција на коскени ткива за човечка апликација. Периодот кој следи, во наредните две години, односно во 1986 година, е набавен првиот специјално дизајниран фрижидер кој овозможува длабоко замрзнување на коскените ткива и мекоткивните тетивни препарати. Она што е ново и за прв пат, е дека коскеното ткиво и мекоткивните (лигамненти и тетиви) се добиени од починат дарител. За да се разбере подобро коскената трансплантација треба да се разјаснат неколку термини, а тоа се: автологен коскен графт, хомотрансплантат или алографт и веќе исфрлениот од употреба, ксеногравт. Првиот се дефинира како коскено ткиво кое се отстранува од еден дел на скелетот каде што не предизвикува функционален недостаток и се пренесува на друга локализација во истиот организам. За разлика од овие графтови, коскените алографтови се добиваат од сроден организам (од човек на човек). При одредени состојби каде што е возможно да се отстрани дел на коскеното ткиво (пр. имплантација на тотална протеза на колк) и истиот тој коскен графт преку посебна припрема се употреби како коскен трансплантант. И едниот и другиот начин имаат еден недостаток, а тоа е ограничената количина на донираното ткиво. Сега е импонзантно што имаме можност за добивање коскен алотрансплантант во неспоредливо големи количини кои по отсранувањето од донорот поминува низ метод на физичка подготовка. Тоа значи детално чистење на ткивото, потоа отстранување на микроорганизмите и инактивација на вируси преку патохистолошко и микробиолошко тестирање и пред нивно пакување и складирање за презервација, одредување на квалитетот на одредените графтови.

Што е тоа што ја разликува коскената трансплантација во однос на трансплантацијата на одредени органи, на пример срце или бубрези?

Д-р Камнар: Она што е многу важно да се знае е дека тоа исто коскено ткиво пред да се употреби, мора длабоко да се замрзне на температура од -40 степени до -80 степени со што би се зачувала биолошката активност на графтот како и механичките својства на ткивото, а истовремено би се отстранила и секаква можност за понатамошно отфрлање од страна на примателот на органот. Тоа е процес кој се одвива, како што реков, на – 40 степени најмалку три месеци од припремата. Овие постапки се светски трендови кои се целосно документирани и ги имаме целосно усвоени и ние.

Каде се се употребуваат коскените трансплантанти  и кој е здравствениот бенефит?

Д-р Камнар: Придобивките и здравствениот бенефит имаат огромно значење. Коскените трансплантанти покрај анатомска ( морфолошка), овозможуваат и механичка и функционална поддршка на дефекти, болести и оштетувања на скелетот предизвикани од бенигни и малигни тумори, состојби после трауми, последици од акутни и пропаднати ендопротези, како и други заболувања кои го оштетуваат скелетот.

Минатата недела, како што споменавме, во Македонија, конкретно на Клиниката за ортопедски болести за прв пат се изведе кадаверична експлантација на коскени ткива, а вие бевте дел од тимот. Кои се вашите впечатоци во однос на овој неверојатен зафат?

Камнар: Благодарение на ентузијазмот на Националното координативно тело за трансплантација, на најпрофесионален и на најстручен начин беа спроведени сите постапки за претходна прирема за обезбедување на овој процес. Ова е процес којшто нема индивидуален, туку има колективен карактер и е поврзан со прецизна соработка на сите членови на тимот кои ја изведуваа целата процедура, и секако според однапред утврдените критериуми и координација од страна на националниот координатор, д-р Маја Мојсова. Самата експлантација траеше повеќе од два часа, по што следи процес на обработка на отстранетите ткива кои примарно обработени специјално ги пакуваме и ги носиме во специјалниот фрижидер, за кој како што веќе реков на почетокот, ги одржува на константна температура од -40 степени. Ова е револуционерен чекор, бидејќи од починат донор се обезбеди поголема количина на коскено ткиво, иако загубата на човечки живот е ненадоместива во секој поглед. 

Огромна чест и задоволство  е да се работи со добро усогласен и максимално професионален тим што влева оптимизам за продолжување и унапредување на овој тип на трансплантациона медицина во Македонија. 

Анита Буховски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.